Пацоли во саботата рече дека шефот на Одделот за безбедност на патници при Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) од Торонто му потврдил дека не постои тип на имунитет што може да го оправда избегнувањето на проверка на кој било патник што лета во авион.
По оваа изјава реагираше советникот на претседателката Вјоса Осман, Ринор Нухиу, кој рече дека толкувањата на Пацоли се типични за бизнисмен под влијание на русофилската средина.
„Еве кој беше министер за надворешни работи, заменик Премиер и претседател (за среќа само 30 дена) на Косово. Овој човек не само што нема чувствителност за државните интереси на Косово, туку и го оправдува бруталниот напад врз нашата држава. Неговите толкувања на привилегии и имунитети се типични за бизнисмен под влијание на русофилската средина. Затоа ги игнорира меѓународните конвенции кои го регулираат патувањето на шефовите на држави, а кои се почитувани во секоја друга земја каде досега патувала претседателката Османи“, порача Нухиу на Фејсбук.
На изјавата на Нухиу повторно реагираше Пацоли, кој рече дека неколку пати бил мета на навреди од соработници на претседателката Османи.
„Неколку пати бев мета на навреди од соработниците на претседателката Османи, иако во повеќето случаи сум и помагал. Верувам и кажав дека неодамнешните скандали на претседателката се резултат на незнаењето и ароганцијата на нејзиниот персонал! Ако продолжат вака, секој ден ќе објавувам по еден текст, за јавноста подобро да разбере кој е проруски и просрпски, а кој е достоинствен, а кој не, како што велат. И имам многу да кажам“, изјави Пацоли.
Понатаму, тој напиша дека „неблагодарните и арогантни луѓе често се резултат на ниско ниво на образование“.
„Поединците кои растат и се формираат во средини каде што има недостаток на едукација за вредностите на почит и благодарност кон другите, често доаѓаат од средини каде овие квалитети се промовираат малку или воопшто не се промовираат.
Во општество каде што се поттикнува или промовира екстремен индивидуализам и се истакнува егото на луѓето, без разлика кои се тие, се создава атмосфера каде луѓето развиваат арогантни ставови со недостаток на чувствителност и почит кон другите“, додава Пацоли.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во четвртокот се соочила со непријатна ситуација на скопскиот аеродром, каде, како што соопшти Претседателството, член на безбедносниот тим се обидел да и го земе личниот телефон за да го стави во скенерите.
Претседателството на Косово даде одредени појаснувања за ситуацијата создадена на аеродромот, потсетувајќи дека кога шефовите на држави патуваат, тие се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети.