Покрај тоа, зголемениот увоз на руска нафта во Индија и Кина помогна да се избегне значителен меѓународен скок на цените на нафтата по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, што донесе дополнителни заштеди кои не беа вклучени во оваа пресметка, објави денес весникот „Индијан експрес“.
Индиските претставници истакнуваат дека Русија не е санкционирана на ист начин како Иран или Венецуела, но дека нафтата е предмет на систем на ограничување на цените на Групата седум (Г7) и Европската унија, кој е дизајниран да обезбеди снабдување, а воедно да ги ограничи приходите на Русија.
Индискиот министер за нафта Хардип Синг Пури изјави дека почитувањето на меѓународните норми од страна на Индија спречило потенцијален скок на цените на нафтата на 200 долари за барел.
Притисокот од Соединетите Американски Држави врз Индија неодамна се зголеми, а советникот за трговија на Белата куќа, Питер Наваро, ја обвини Индија за „профитирање“ од руската нафта, објави „Танјуг“.
Наваро ги повтори своите критики откако индискиот премиер Нарендра Моди се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг на самитот на Шангајската организација за соработка во Кина.
Американскиот функционер го опиша состанокот како „срамен“ и рече дека Индија треба да се потпре на САД, Европа и Украина, а не на Русија, и дека Њу Делхи треба да престане да купува руска нафта.