Индиските и пакистанските војници разменија оган трета ноќ по ред по линијата на контрола (LoC) што ги разделува двете земји, соопшти индиската војска, откако односите меѓу соседите се влошија откако Индија го обвини Пакистан за напад врз туристи во индиската држава Џаму и Кашмир претходно оваа недела, во кој загинаа 26 туристи.
Индиската војска соопшти дека нејзините трупи одговориле на оган од лесно оружје отворен од пакистанските трупи, објави „Ал Џезира“. Пакистан сè уште не ја потврди размената на оган.
Тензиите меѓу двете соседни земји ескалираа по нападот врз туристи во индиската држава Џаму и Кашмир оваа недела, во кој загинаа 26 лица. Пакистан ги негираше обвинувањата на Индија за вмешаност во убиството на 26 туристи и возврати со протерување на индиски дипломати, затворање на својот воздушен простор за авиокомпании во сопственост и управувани од Индија и суспендирање на ограничената трговија меѓу двете земји.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави во саботата на воен настан во Аботабад дека Пакистан е „отворен за учество во каква било неутрална, транспарентна и веродостојна истрага“ за нападот. Пакистан побара меѓународна истрага за убиството на 26 мажи во туристичко место во индиската држава Џаму и Кашмир.
Одговорноста за нападот ја презеде малку познатата милитантна група наречена Кашмирски отпор, за која индиските безбедносни служби тврдат дека е параван на пакистанските организации како што се Лашкар-е-Таиба и Хизбул Муџахедин.
Пакистан ги отфрли тврдењата, велејќи дека Лашкар-е-Таиба е „неактивна група и нема можност да планира напади од пакистанска територија“. Индија објави серија мерки за намалување на врските со Пакистан на 23 април, еден ден откако милитанти убија 26 туристи во индиската држава Џаму и Кашмир, што е најлошиот напад врз цивили во последните речиси две децении.
Индискиот министер за надворешни работи, Викрам Мисри, изјави дека Индија веднаш ќе се повлече од Договорот за водата на реката Инд од 1960 година со Пакистан, освен ако, како што изјави, Исламабад не се откаже од својата поддршка за прекуграничниот тероризам, објави Ројтерс. Овој договор го регулираше споделувањето на водата од реката Индс помеѓу Индија и Пакистан.
Мисри рече дека Индија го затворила и единствениот отворен копнен граничен премин со Пакистан, прекинувајќи ги сите транспортни врски меѓу двете земји бидејќи директните летови веќе биле суспендирани.
Тој, исто така, рече дека на пакистанските граѓани нема да им биде дозволено да патуваат во Индија со специјални визи за Јужна Азија и дека Пакистанците во Индија со вакви визи ќе имаат 48 часа да ја напуштат земјата.
Мисри изјави дека сите советници за одбрана во пакистанската амбасада во Њу Делхи се прогласени за персона нон грата и имаат една недела да ја напуштат Индија, како и дека Њу Делхи ќе ги повлече своите советници за одбрана од Пакистан и ќе го намали бројот на персонал во својата мисија во Исламабад на 30 од 55, пренесува Танјуг.