Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, вчера за време на неговата бизарна прес-конференција призна дека нема да има ништо против дури и Северна Кореја да го организира Светското првенство во фудбал. Лидерот на светската фудбалска организација, кој е на чекор до освојување на трет претседателски мандат, вели дека секоја земја има право да го организира Светското првенство.
„Секоја држава има право да биде домаќин. Ако Северна Кореја сака да биде домаќин на нешто… Бев таму пред неколку години за да видам дали се подготвени да бидат домаќини на Светското првенство за жени заедно со Јужна Кореја. Очигледно не бев успешен, но би одел уште 100 пати ако направи разлика“, изјави Инфантино и додаде:
„Само со активно дејствување можеме да промениме нешто. Ние сме глобална организација и мора да се стремиме да ја исполниме нашата цел, а тоа е да го обединиме светот околу најважното споредно нешто во светот – фудбалот#.
Да потсетиме, Северна Кореја нема играно на Мундијалот од 2010 година кога играше во Јужна Африка, а моментално е 112-та репрезентација во светот и една од воено најактивните земји во светот, најпозната по контроверзниот лидер Ким Џонг-ун и истрелувањето балистички ракети со цел тестирање.