Инфлацијата во моментов е под контрола, но ефектот од растот на цените не може во целост да се елиминира

од Vladimir Zorba
883 прегледи

За економските експерти разбирлив е стравот од зголемената стапка на инфлација , но потсетува дека на неа може да се влијае и тоа преку сет мерки за ублажување на ударот од ценовните шокови. Професорот од економскиот факултет во Скопје, Борче Треновски за „Локално“ вели дека монетарните индикатори ( девизни резерви, биланс на плаќања, стабилен кредитен раст, силна депозитна база..) покажуваат дека нема изразита потреба за вклучување на алармот од страна на монетарната власт, но дека е неопходно детално следење на сите промени и силно и одлучно делување ако се јави потреба. Оттука, во ублажувањето на шокот кој е изразит во неколку сектори и засега повеќе граѓани, многу посилна улога може да има фискалната власт и да се делува во неколку сегменти.

Доколку цените на определени клучни производи за доминантен дел од домаќинствата, или клучни инпути во процесот на производство на тие производи значајно се зголемат, може да се реагира со определено ограничување на растот на тие цени во определен временски период. Порастот на цените на енергенсите е особено значајна компонента во потрошувачката кошничка пред се кај најранливите категории граѓани, оттука определено директно субвенционирање на потрошувачката кај ранливите категории или генерална интервенција на цената на струјата – не треба да се исклучат како можност, вели Треновски.

Не помалку важна според Треновски е потребата да се подели негативниот ефект од ценовниот шок и доколку тековната состојба продолжи, да се таргетира заедничко делување на финансиските и социјалните институции за поддршка на ранливите домаќинствата во обезбедување на задоволително ниво на храна, енергија и конкретни услуги. Во насока на ефикасна алокација на расположливите ресурси во земјата (пред се енергијата и суровините) може според Треновски да се определат стимулации за штедење и рационално користење, но потребно е и навремено и реално информирање на граѓаните за очекуваните негативни шокови и за планираните мерки за да се ограничат можностите за паника и загриженост.

Според него, проекциите и анализите покажуваат дека се работи за привремен ценовен шок како на глобално ниво така и во македонската економија. Инфлацијата догодина според него би се вратила на ниво од 2,3% доколку глобалните тенденции значајно не се променат, доколку домашните очекувања бидат стабилни и не се подгрева страв и паника.

Затоа внимателност, следење и брза реакција од фискалните власти и Народната банка треба да биде на менито. Од поврзаноста на нашата земја со глобалната економија е јасно дека ефектот од глобалниот пораст на цените не може целост да се елиминира во домашната економија , заклучува Треновски.

Инфлацијата која во моментов е најзборувана тема во јавноста, во најголем дел е резултат на цената на енергијата и на храната и на пандемијата. Тргнувајќи од фактот дека тие понатаму влијаат и на цените на транспортот, маслото, ИТ опремата, дел од суровините, материјалите, гасот/нафтата итн, разбирливи се се погласните прашања на јавноста во однос на тоа дали треба да бидеме загрижени за инфлацијата во периодот што доаѓа, дали и што можеме да направиме за да го ублажиме ударот и колку се ефективни досегашните најави за превземање чекори од страна на Владата.

К.В.С.

Слични содржини