Живееме во свет кој е под големо влијание на социјалните мрежи и содржината што се пласира таму. Ако отидете на нечиј профил на социјалната мрежа, во повеќето случаи ќе видите само совршенство, насмеани лица без брчки и извајани тела.
Сепак, дали сето тоа навистина е така?
Дека фотографиите што ги гледаме на мрежите се голема измама, во неколку наврати докажа инфлуенсерката Бри Ленехан, која објавува фотографии секој понеделник повеќе од година и половина пред и по позирањето и користењето на апликациите за убавина.
Оваа девојка на Инстаграм ја следат повеќе од 500.000 луѓе, а вниманието го привлече со проектот „The Real Me on Monday“.
– Сакам да разберете дека не е реално сè што гледате на Интернет. Не верувајте во совршените тела што ги гледате, бидејќи тие навистина не изгледаат така – напишала Бри.
Во едно интервју таа призна дека била многу изненадена од одзивот на луѓето и пораките за поддршка кои секојдневно и доаѓаат.
– Целта ми е да ги поттикнам луѓето да ги прифатат нивните тела и да не се стремат кон лажни работи, како што се украсените фотографии. Срцето ми се полни кога добивам повици од девојки кои велат дека го засакале нивниот изглед поради мене – низ насмевка раскажува Бри.