Националното студентско тело (НСТ) објави дека иницирало изработка на Закон за студентска работа, поднесувајќи предлог до Собранието на Република Северна Македонија. Оваа иницијатива е резултат на соработката со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и произлегува од заедничките напори на студентските собранија во целата држава.
Целта на иницијативата е да се воспостави правна рамка која ќе им овозможи на студентите да работат легално, без да го загубат својот статус или правата на студентски поволности. Овој закон би им дал шанса на студентите да стекнат практично искуство и финансиска поддршка за време на студиите, како што е практика во многу европски земји.
„Во актуелниот законски систем не постои јасна регулатива која би им овозможила на редовните студенти да работат, што предизвикува бројни проблеми. Многу студенти се принудени да работат неформално, без договори и со несигурни услови, што ги става во ранлива позиција. Исто така, младите дипломци често се соочуваат со барања за претходно работно искуство, иако не им се нудат формални можности за негово стекнување“, изјави НСТ, додавајќи дека иницијативата се базира на успешни модели од Словенија и Хрватска, каде студентската работа е законски регулирана и заштитена.
Регулирањето на оваа област, според НСТ, ќе им овозможи на студентите да работат под јасни правила и услови, а работодавачите ќе имаат пристап до квалификувана и мотивирана работна сила. Оваа иницијатива, исто така, ќе помогне во намалувањето на неформалното вработување и сивата економија.
Следниот чекор е формирање работна група која ќе работи на конкретни законски решенија. НСТ планира да организира јавни консултации со студенти, универзитети, работодавачи и надлежни институции за да се осигура дека новиот закон ќе ги задоволи интересите на сите страни. Особен фокус ќе биде ставен на заштита на студентските права и дефинирање на работните услови.
НСТ смета дека оваа иницијатива е значаен напредок за подобрување на положбата на студентите во државата. „Регулирањето на студентската работа ќе им овозможи на младите да стекнат искуство, да бидат финансиски независни и да се подготват за идните предизвици во кариерата“, нагласуваат од НСТ.
Тие остануваат посветени на овој процес и се надеваат на поддршка од сите релевантни институции за успешна реализација на иницијативата.