Иницијативата „И здравје и работа“ до еко активистите: Ако писмото на концесионерот на Иловица е задоцнето и без никаква тежина зошто предизборно им се заканувате на владата и партиите?

од Nikola Popovski
259 прегледи

Иницијативата на локалното население на струмичката котлина „И здравје и работа“ со особено внимание ги следи дежурните критичари кои се хистерично вознемирени после прес конференцијата на концесионерот на рудникот „Иловица“.

-Загрижени сме што повторно истите актери по секоја цена се обидуваат да спречат аргументирана дебата за евентуална реализација на инвестиција која има потенцијал да обезбеди долгорочен економски развој кој ќе ги враќа младите од туѓина. Не сакаме да веруваме дека е можно заради лични интереси на неколкумина лажно загрижени негативци, како општество да пропуштиме шанса за обезбедување сигурна иднина за регионот и целата држава. На овие само крунисани еко активисти и експерти за екологија, рударство, медиуми, кампањи, политичко-безбедносни прашања се им пречи. Не е битна содржината на кажаното, туку се тргнува веднаш во организирана хајка за дискредитација на оние што тоа го кажуваат. Како да имаат уплав да се соочат со аргументи, како некој со далечинско да ги притиска да сеат страв и паника меѓу населението, посочуваат од иницијативата.

Додаваат дека категорично се против рудник кој би користел штетни супстанци за експлоатација на бакарот.

-Но, ние, за разлика од дежурните критичари веруваме дека постои начин, пристап, соодветен народен активен надзор кој ќе влева сигурност дека рудникот може да биде 100 % сигурен за здравјето, да ја штити животната средина и да обезбеди чиста вода за земјоделското производство.

Затоа, апелираме до владата, локалните самоуправи, и со оглед на фактот дека влегуваме во предизборен период, најмногу до политичките партии, да не наседнуваат на притисоците на лажните еко активисти. Ако писмото на концесионерот до министерството за животна средина е задоцнето и без тежина, зошто лажните еко активисти хистерично ви се закануваат со гласови? На теренот постои маса на луѓе кои сакаат да ја пронајдат и слушнат вистината, но заради агресивноста на неколкумина до сега беа воздржани. Некој упорно се труди да ве навлече да размислувате со емоции и број на гласови, а не со разум. Станува збор за инвестиција која го надминува времетраењето на еден мандат на локалните самоуправи и влада. Да бидеме мудри и да се обидеме да гледаме подалеку во иднината. На Македонија и е потребна економска независност и разумно ползување на природните богатства.

Најавуваме дека во наредниот период претставници на нашата иницијатива ќе побара средби со повеќе општествени чинители кои се исклучително важни во процесот на усвојување на конечни одлуки за судбината на оваа исклучително важна инвестиција за струмичката котлина, стои во соопштението од локалната иницијатива.

Слични содржини