Иницијативата „О2“: Инспекторите на ДИЖС не земале примероци од водата во Крива Река, ја дезинформираа јавноста

од Milan1
94 прегледи

Иницијативата „О2“, се придружува кон барањата на градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој на денешната прес конференција побара кривична одговорност од фирмата „Булмак 2016“ по повеќе основи за излевањето од рудникот Тораница на 14 март во Крива Река, кога се излеа голема сива маса која потполно ја замати Крива река и Тораница.

Оттаму информираат дека дента примероци од водата зеле од риболовниот клуб ЗСРРК МРЕНА Крива Паланка, а општината земала примероци следниот ден, за разлика од инспекторите на Државниот инспекторат за животна средина кои не земале примероци за анализа од водата на Крива Река и Тораница, со цел идентификација на изворите и обемот на загадувањето, не повикале акредитирана лабораторија која би земала примероци и извршила анализа, при состојба на комплетна заматеност и полна со талог на инаку бистрата река.

Нивна обврска согласно законот при настаната хаварија е да ги утврдат опасните супстанции кои се присутни, податоците кои се потребни за проценување на последиците од несреќата по здравјето на луѓето и по животната средина. Дополнително Државниот инспекторат за животна средина ја дезинформираше јавноста дека на 14 март се излеала само вода од таложникот за јамски води, која не содржи хемиски средства, без да изврши анализа на водата за да тврди такво нешто, со што јавноста беше излажана. Ние истото утро стапивме во контакт со ДИЖС и баравме да излезе инспекција на терен што побрзо и да се земат примероци од водата, велат од „О2“ иницијатива.

Оттаму алармираат дека реката е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето, со неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, десеткратно зголемено присуство на олово, за стотици пати на цијанид, зголемена pH и концентрации на фосфор, азот и останати тешки метали.

Според нив, и реката Пчиња е загрозена, загрозени се бунарите, подземните води, живиот свет, загрозена е и почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја, сточниот фонд и ултимативно животот и здравјето на луѓето што ги конзумираат овие производи.

Долготрајни последици и штети по земјоделските поседи, земјоделски и овошни култури се очекува да има во реонот општината и соседната општина Ранковце, т.е. Славишко поле.

Од „О2“ бараат Обвинителството да отвори истрага за случајот а инспекцискиот совет и Министерството за животна средина да го испита делувањето на инспекторите. Исто така бараат Владата и Собранието да ги изменат законите во насока на јасни ингеренции на инспекторите, зголемена транспарентност при нивното работење, јасно дефинирање на судир на интереси, зголемена одговорност и нивно санкционирање при непостапување.

Ефектот од ваква хаварија е кумулативен и поморот на живиот свет во Крива Река и Тораничка може да се случи со тек на време, ако не се случил во првите денови. Го повикуваме Природно-математички Факултет, Институт за сточарство и рибарство – Скопје да излезат на терен и ја утврдат состојбата со живиот свет во овие реки. Бараме Министерството за животна средина да ја одземе интегрираната еколошка дозвола на „Булмак 2016“ со оглед на тоа дека ова е трето прекршување. Во однос на транспарентноста, зададена со закон, Решението од инспекцискиот надзор не е објавено согласно законот на веб страницата на ДИЖС. ДИЖС не ги објавува своите инспекциски акти на својата веб страница најдоцна во рок од 5 дена од нивно носење, како и извештаите од извршен инспекциски надзор над субјектите со А и Б интегрирана еколошка дозвола. На страницата објавени се само инспекциски акти од 2023 година, иако законот се применува од крајот на 2019, велат од иницијативата.

Од иницијативата посочуваат дека во денешното соопштение од МЖСПП за случајот цитиран е министерот Изет Меџити, дека законот мора да се почитува.

Со оглед дека ДИЖС е сега под наделжност на МЖСПП, очекуваме веднаш да започнат со спроведување на законот и објава на сите инспекциски акти и извештаи од извршен инспекциски надзор над субјектите со А и Б интегрирана еколошка дозвола на веб страницата на ДИЖС, алармираат оттаму.

Во соопштението од „О2“ се додава дека од свиркач добиле информации дека цевката пукнала поради зголемен обем на работа, не водејќи сметка за стабилноста на објектите како таложници, цевки, јаловишна брана, надвисување јаловишната брана без дозвола. Според свиркачот, велат од „О2“, едниот инспектор на ДИЖС кој вршел увид на терен е бивш вработен на Булмак 2016, а на другиот неговата сопруга работела во фирмата.

Инаку, фирмата која стопанисува со рудникот Тораница е „Булмак 2016“, чиј пак сопственик е бугарската фирма „Минстрој“ на бизнисменот Николај Валканов, поранешен потпретседател на озлогласената „Мултигруп“, која беше обвинета за вмешаност во атентатот врз поранешниот македонски претседател Киро Глигоров и еден од најблиските соработници на сопственикот на „Мултигруп“, Илија Павлов, оквалификуван во американските дипломатски извештаи како „доајен на бугарскиот организиран криминал“. Во 2021 година Булмак 2016 имала профит од 13 милиони евра, велат од иницијативата.

Слични содржини