Иницијативен одбор во ВМРО-ДПМНЕ закажа вонреден конгрес на 28 март

од Берта Китинска
363 прегледи

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сѐ уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски.

Членовите на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.

„Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин. Иницијативниот одбор одлучи да го закаже 17. вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март во Скопје. Во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгрсот, ќе го промовира слоганот и ќе отпочне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите“, се наведува во соопштението.

Членовите наведуваат дека ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски е руинирана до непрепознатливост.

„Партијата е поделена, раскарана, нема капацитет за коалицирање и нема поддршка од стратешките западни партнери. Неговото бегање од одговорност и од заземање на ставови по сите важни прашања резултираше со низа последователни порази на парламентарните, претседателските и локалните избори во Охрид, Штип и Ново Село. Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и тоа го препознаваат граѓаните“, велат од Иницијативниот одбор.

Од таму наведуваат дека доколку Мицкоски ѝ мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на Конгресот.

„Секој обид да се избегне отчетот пред делегатите кои го избрале е мајтапење со членството и купување на време за лично богатење на грбот на партијата“, велат од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес.

 

Слични содржини