Во своето соопштение, Иницијативниот одбор за промена на лидерот Христијан Мицкоски во ВМРО ДПМНЕ, уште еднаш посочуваат дека Мицкоски иако ветил дека по уште еден пораз ќе даде оставка, тоа не го сторил, но и низата аргументи кои ги поддржуваат во врска со ова прашање.
„Зборот на сеуште актуелниот претседател Христијан Мицкоски не вреди ништо.
„Ќе поднесам оставка ако ги загубам изборите. Ќе одам и чекор понатаму. Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи и не успееме да направиме Влада, и тогаш ќе понесам одговорност”, рече Мицкоски в интервју за Макфакс во Октомври 2019 година.
На 5 јуни минатата година, еден месец пред изборите Мицкоски повтори дека ќе се повлече ако не победи. Недостатокот на капацитет и харизма беше препознаен од граѓаните и заради Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ги загуби изборите.
Сепак, Мицкоски си прогласи победа и најави дека имал предност при формирање на влада.
Како што не успеа да победи на изборите, така потфрли и не успеа да состави влада.
На 28 Октомври Мицкоски изјави дека имало пратеници кои сакале да го напуштат Заев, затоа што им ветил многу, а не исполнил ништо. Од ова ветување на Мицкоски во собранието помина Законот за попис, договорот за ГА-МА и стотици други закони.
Наместо три пратеника кои недостасувале за ново мнозинство, гласањето на интерпелацијата на Никола Димитров покажа дека на Мицкоски му недостасуваат осум пратеници.
Членството на ВМРО-ДПМНЕ и делегатите кои го избраа на Конгресот во Валандово се прашуваат кога лаже Мицкоски?
Дали Мицкоски лажеше кога вети дека ќе се повлече ако загуби и не формира влада?
Дали Мицкоски лажеше кога се фалеше дека победил на избори?
Дали Мицкоски лажеше кога ветуваше дека ќе формирал влада?
Дали Мицкоски лажеше кога ветуваше поддршка од пратеници од владеачката коалиција за рушење на владата?
Овие три години, политичкото делување на Мицкоски го обележаа манипулации и лажни ветувања кон членството. Тоа на власта и овозможи комоција, а на Македонија и донесе продлабочување на кризата. Неговите лаги ги препознаа гласачите и затоа ВМРО-ДПМНЕ падна од 455 000 гласови на 315 000 гласови.
Делегатите кои му ја доверија партијата во Валандово заслужуваат Мицкоски да дојде на Вонредниот 17 Конгрес во Скопје и да им даде отчет за неисполнетите ветувања.
Само со отворена дискусија за проблемите ВМРО-ДПМНЕ ќе може сплотено да тргне во нови победи. Вонредниот 17 Конгрес во Скопје е првиот чекор кон сплотување на партијата“, се вели во соопштението од Иницијативниот одбор.