Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против З.Л., самостоен инспектор во Регионалниот центар за гранични работи Југ, поради сомневање за „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправи во посебни случаи“.
Според МВР, тој како претседател на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на РЦ Југ и РЦ Запад два пати не спровел дисциплински постапки против една вработена во законскиот рок. Дополнително, на одлуката за прекинување на дисциплинската постапка против вработената го фалсификувал потписот на заменик членот на комисијата.
Одделот за внатрешна контрола ќе предложи поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина, а пријавениот ќе биде отстранет од работното место до завршување на постапката.