Meta ги воведе функциите „Your Activity“ и „Security Checkup“ во популарната апликација Instagram, што би требало да помогне да се обезбедат голем број кориснички сметки.
Instagram, пишува TechCrunch, воведува нова опција наречена „Yout activity“ која му овозможува на корисникот да ги види активностите во апликацијата. Компанијата започна со тестирање на оваа функција минатата година и сега планира да ја достави до сите корисници.
Новиот таб овозможува групно бришење на содржини и интеракции, вклучувајќи приказни, објави, „рилс“, коментари, допаѓања и интеракции со стикери во приказни. Исто така, ќе можете да ги сортирате и филтрирате содржините и интеракциите по датум и да пребарувате за минати коментари, допаѓања и одговори на приказни од одреден временски период.
Корисниците, продолжува изворот, исто така ќе имаат можност да бараат содржина што неодамна ја избришале или архивираат, да ја пребаруваат својата историја на пребарување, да ги видат врските на кои кликнале и времето што го поминале на платформата. За да пристапите до новата опција, само одете до профилот и притиснете го менито што се наоѓа во горниот десен агол на екранот и потоа изберете „Your activity“.
Instagram, исто така, воведува нова „Security checkup“ опција. Компанијата започна со тестирање на оваа функција, како што беше споменато погоре, минатата година и ја достави првенствено на луѓе чии сметки се хакирани. Овој водич ги води корисниците низ обезбедувањето на сметките користејќи посебни чекори – активност за најавување, прегледување на информации за профилот, проверка на сите сметки што споделуваат информации за најавување со Instagram и ажурирање безбедносни информации како телефонски број или адреса на е-пошта. „Security checkup“ може да се вчита со одење до поставките.
Компанијата исто така објави дека тестира нов начин на кој корисниците можат да го потврдат својот идентитет со помош на пријатели, со цел да го вратат пристапот до сметката. Функцијата функционира така што прво ја внесувате старата лозинка, а потоа избирате двајца пријатели кои мора да одговорат во рок од 24 часа. Ако двајцата пријатели ја потврдат вашата сметка во рок од 24 часа, ќе можете да внесете нова лозинка.
Конечно, има нова лента за профили што ги прикажува претстојните преноси во живо.