Интеграцијата пред зачленувањето не е алтернатива на полноправното членство во ЕУ, порачаа Османи и Шаленберг

од Radmila Tasevska
215 прегледи

Постепена интеграција на земјите кандидати за зачленување во ЕУ во структурите на блокот не е алтернатива за членството, туку најдобар начин да се одржи процесот на проширувањето на вистинскиот пат и да се постигнат побрзи резултати во реформите, оценија министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Австрија, Бујар Османи и Александар Шаленберг во заедничко интервју за бриселскиот портал „Еурактив“.

Според Османи, поставувањето на 2030 година како индикативен таргет датум за членство може повторно да го заживее процесот на пристапување и да создаде позитивен реформски натпревар кон постигнување на целта за членство.

– Тоа е целосно остварливо, а неговото исполнување ќе зависи од тоа што ние како кандидати и ЕУ ќе направиме дотогаш во однос на нашата подготвеност и институционалното и политичкото прилагодување. Ни треба ново ниво на доверливост и кредибилитет, изјави Османи

Според него, претходното големо проширување на ЕУ, кога блокот од 15 се зголеми на 25 членки, имаше силен геополитички импулс што беше кулминација на делумното обединување на Европа која половина век беше поделена со Железната завеса и Студената војна.

– Целосното обединување беше оставено како недовршена работа и сега треба да се финализира со новиот геополитички моментум создаден од бруталната агресија врз Украина. Успехот со земјите од Централна и Источна Европа зависеше и од индикативната временска рамка од 2004 година како цел што беше поставена како влечна сила кон исполнување на критериумите и прилагодувањата што ЕУ требаше да ги направи за да ги пречека новодојденците. Порано тоа функционираше, па зошто да не биде така и овој пат, изјави Османи во однос на тоа колку е реално 2030 година да се третира како датум за новото проширување на Унијата.

Шленберг на истото прашање одговара дека поставувањето на овој датум како цел од страна на претседателот на Европскиот совет претставуваше „повик за будење“.

– За некои прерано, за други предоцна. Мораме побрзо да го исполниме нашето ветување дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Затоа ја иницирав групата „Пријатели на Западен Балкан“. Од моја гледна точка, тоа значи дека проширувањето може и ќе се случи. Треба да ја завршиме домашната задача и да се подготвиме и ЕУ и земјите кандидати. Во исто време, проширувањето е процес заснован на заслуги, што значи дека секоја земја треба да одлучи колку брзо ќе продолжи напред на патот на интеграцијата во ЕУ. Ако Северна Македонија продолжи со својата актуелна реформска агенда, нејзиниот пристап е на дофат, истакна Шаленберг.

Во однос на концептот предложен од наша страна за „поголема интеграција пред зачленувањето“, Османи посочува дека тој е комплементарен на досегашните напори за забрзување на пристапниот процес и може да се реализира со присуство на претставници на земјите од регионот на секторски состаноци на Европскиот советот без право на глас, со зајакнат фокус на критериумите за владеењето на правото, демократските стандарди и економските реформи, со прогресивно приклучување кон единствениот пазар на ЕУ уште пред полноправното членство, со пристап за државите од Западниот Балкан до структурните и кохезионите фондови на ЕУ, како и со нивно вклучување како набљудувачи во работата на институциите на Унијата.

– Сегашната посветеност на институциите на ЕУ во овој поглед е добредојдена и ние ги одобривме нивните предлози – било да е тоа ветувањето на Мишел за 2030 година, Планот за раст или статусот на набљудувач за нашите национални пратеници во работата на Европскиот парламент, изјави Османи.

За Шаленберг, пак, ЕУ мора да го напуштиме старото бинарно размислување дека една земја е или полноправна членка или не е дел од клубот и наместо тоа треба да промовира постепен процес на интеграција кој дава побрзи резултати и е поопиплив за граѓаните.

– Дозволете ми да нагласам дека постепената интеграција не е алтернатива за членството: тоа е пат кон полноправно членство, но овозможува побрзи резултати. Австрија предложи конкретни чекори за унапредување на постепената интеграција и ќе се заложи за нивно спроведување во 2024 година. Сакаме да видиме како земјите од Западниот Балкан постепено учествуваат на единствениот пазар и други области како што се транспортот, науката и образованието, енергијата и климата, миграцијата и правдата. Украина и Молдавија веќе имаат пристап до единствениот пазар во одредени сектори, а истото сакаме да го понудиме и на Западниот Балкан, порача Шаленберг.

Според него, проширувањето не е еднонасочна улица и двете страни треба да се подготват и да ги забрзаат реформите.

– Но, ако разговараме за реформите во ЕУ и нашата подготвеност, не смееме да дозволиме тоа да стане изговор за одложување на проширувањето, истакна шефот на австриската дипломатија.

Според Османи, пак, внатрешните реформи во ЕУ и проширувањето не се исклучуваат, туку тесно се надополнуваат и најдобро е ако се извршуваат паралелно.

– Она што треба да го направиме од наша страна е да се концентрираме на реформите, да отвориме кластери и да ги искористиме можностите на новата методологија да им понудиме на нашите граѓани повеќе интеграциски придобивки на патот и веќе пред членството. Додека не ја завршиме домашната задача, има доволно време ЕУ да се подготви, порача Османи.

Тој смета дека првиот сериозен тест за сериозноста на ЕУ околу следното проширување ќе бидат дискусиите за буџетот на ЕУ за периодот 2028-34 година, но и околу ревизијата на сегашниот буџет.

– Доколку се вклучиме во овие рамки, конкретно би значело дека се поставени условите за негова материјализација. Се осмелувам да кажам дека овој нов геополитички моментум не дозволува никакви изговори за проширувањето, напротив ЕУ треба веднаш и без натамошно двоумење да ги направи неопходните чекори, што значи веќе на Самитот на ЕУ следната недела, конкретно да ги покаже подготвеност за проширување, смета Османи.

Во однос на Планот на ЕК за раст на Западниот Балкан, Османи оценува дека тој претставува чекор во вистинската насока и треба да се прошири понатаму со пристапување кон единствениот пазар и структурните и кохезиски фондови.

– Додека ИПА фондовите имаат за цел да ги поддржат реформите со финансиска и техничка помош, структурните и кохезионите фондови имаат за цел да го поддржат создавањето работни места, конкурентноста на бизнисот, економскиот раст, одржливиот развој и да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните. Ако ЕУ не дејствува и итно го намали овој диспаритет, постои ризик дека нашите развојни патеки никогаш нема да се сретнат во иднина и разидувањето дополнително ќе се зголеми. Затоа Планот за раст е чекор во вистинската насока, но треба да се одржи во иднина до ниво за да може да се постигне конвергенција, смета Османи.

И Шаленберг се согласува дека Планот е чекор во вистинската насока, но сега треба да видиме брза имплементација на предложената интеграција на Западен Балкан во некои области на единствениот пазар.

– Исто така, добар предлог е поврзувањето на условената исплата на средства со исполнување на постојната реформска агенда. Австрија сака да види јасна агенда за спроведување и првите резултати од неа веќе во 2024 година. Згора на тоа, треба да ја подобриме нашата комуникација со регионот. Денес ЕУ и нејзините земји членки се најголемите донатори и инвеститори во регионот, но дезинформациите од другите играчи не останаа без ефект, заклучува Шаленберг.

Шаленберг очекува од граѓаните на Северна Македонија да продолжуваат да се стремат кон европската иднина и во овој контекст, да успеат да ги изгласаат потребните уставни измени, како следен чекор кон Унијата.

Во однос на тоа што би можело да се постигне пред истекот на мандатот на сегашните институции на ЕУ, Шаленберг вели дека јасни достигнувања би претставувале видлив напредок во пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија и старт на преговорите со Босна и Херцеговина.

– Се надевам дека народот на Северна Македонија ќе продолжи да се залага за европска иднина и се надевам дека земјата ќе успее да ги направи потребните уставни измени за да може да ги преземе следните чекори кон ЕУ. Дозволете ми да ве уверам дека Австрија ја гледа Северна Македонија како силен иден партнер во ЕУ и ние ќе продолжиме сесрдно да ја поддржуваме земјата на нејзиниот пат кон интеграција во ЕУ. Не само затоа што сме пријател на Западниот Балкан, туку и затоа што тоа е геостратешка неопходност, рече Шаленберг.

Според Османи, пак, би било важно проширувањето да се вклучи во следниот буџетски циклус на ЕУ.

– Основниот пакет може да вклучува барем присуство на секторски министерски состаноци без право на глас и учество на единствениот пазар на ЕУ. Овој модел би можел да зависи од одредени предуслови како што е целосното усогласување на кандидатите со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за место на масата на Советот за надворешни работи. Северна Македонија има 100 процентно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика, заедно со беспрекорна визна усогласеност, како јасен знак за нашата геостратешка поставеност. И да бидам целосно искрен, тоа и штети на нашата економија, но ние остануваме посветени Европејци. Затоа ни требаат стимулации од ЕУ за да покажеме дека и ЕУ стои на наша страна, заклучи Османи.

Слични содржини