Американскиот производител на чипови Intel повеќе не размислува за изградба на фабрика во Велика Британија поради „Брегзит“. Ова го објави шефот на компанијата, пишува „BBC“.
Пат Гелсингер рече дека пред Британија да ја напушти ЕУ, тие размислувале за чекор во таа насока.
Intel планира да го зголеми производството во услови на глобален недостаток на чипови, што го попречи снабдувањето со автомобили и друга стока.
Компанијата е една од најголемите производители на полупроводници во светот. Според Intel, кризата покажа дека САД и Европа се премногу зависни од Азија за потребите на чипови.
Intel инвестира до 95 милијарди долари во отворање и надградба на фабрики за полупроводници во Европа во следните 10 години, како и зголемување на производството во САД.
„Имаме околу 70 предлози за фабрики низ Европа од можеби 10 различни земји. Се надеваме дека ќе постигнеме договор за изградба, како и поддршка од ЕУ пред крајот на оваа година“, рече тој.