Интерпол во средата апелираше до јавноста да помогне во идентификувањето на телата на 22 жени убиени во Германија, Холандија и Белгија во период од неколку децении и чии идентитети никогаш не биле утврдени.
Интерпол сака да ги реши тие „заборавени случаи“ на убиства на жени, кои се случија пред 10, 20, 30, па дури и 40 години и затоа ја покрена операцијата наречена „Идентификувајте ме“, пренесува Хина.
Најстариот случај датира од октомври 1976 година кога на паркинг покрај автопат во Холандија беше пронајдено тело на непозната жена, а последниот е од август 2019 година, а се работи за жена чие тело беше пронајдено во градски парк во Белгија.
Националната полиција не ги идентификуваше жртвите и поради фактот што овие жени не потекнуваат од земјите каде што се убиени.
За секоја од 22-те жртви ќе бидат објавени фотографии направени со помош на технологија за реконструкција на лицето и информации за тоа кога биле пронајдени телата, заедно со лични предмети пронајдени кај жртвите.