Интервју со Ацевски: Градоначалникот цел мандат неработење се обиде да го сокрие со работа во последниве десет дена, планирам ревизија на овие проекти

Хигиената во Ѓорче Петров е катастрофална и ќе почнеме од нула, ќе работиме и на нови сообраќајни решенија, паркови и зелени површини, вели Ацевски во интервју за „Локално“

од Бисера Трајковска
850 прегледи Фото: Архива на Костадин Ацевски

Мојот план за развој на Ѓорче е хуман развој на Ѓорче каде што човекот ќе биде пред профитот на инвеститорите и од таа причина во првите 100 дена, наместо да се градат нови згради, ќе работиме на нови сообраќајни решенија, нови паркови и нови зелени површини. Идејата за селекција, рециклирање и енергетско искористување е во втората фаза на мојата идеја за системска грижа за хигиената, вели во интервју за „Локално“ кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од СДСМ, Костадин Ацевски.

Тој е на ставот дека жителите на Општина Ѓорче Петров сакаат промени и веруваат дека тие промени ќе се случат токму на овие избори. 

Кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров најави дека во првите сто дена од мандатот ќе ја стопира бетонизацијата, ќе го запре целосно издавањето на дозволи за изградба на згради и ќе се анализираат постојните детални урбанистички планови.

-Во првите 100 дена од мојот мандат ќе ја стопираме бетонизацијата, ќе го запреме целосно издавањето на дозволи за изградба на згради, ќе ги анализираме постојните детални урбанистички планови, по анализата ќе видиме дали ќе суспендираме делови од тие планови или целосно ќе ги суспендираме спорните детални урбанистички планови, додаде Ацевски.

Тој посочува дека прекумерното градење на згради во централниот дел на Ѓорче го нарушува квалитетот на живот на сите граѓани во оваа општина. 

– Во мојот мандат ќе поставиме 750 канти за џебен отпад, контејнерите ќе бидат заменети со подземни на 85 локации на територијата на општина Ѓорче Петров. Ќе воведеме телефонска линија на која граѓаните ќе можат да се јавуваат за собирање на кабастиот отпад директно од нивните домови, посочува Ацевски.

Четири години власт на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров, најавуваат победа уште во првиот круг на претстојните локални избори. Ќе се остварат ли најавите, какво е расположението меѓу жителите на Општината, дали барем очекувате влез во вториот круг?

Од секојдневните средби со жителите на општина Ѓорче Петров, морам да признаам дека расположението е тотално спротивно од најавите и анкетите нарачани од штабот на ДПМНЕ. Жителите на општина Ѓорче Петров сакаат промени и веруваат дека тие промени ќе се случат токму на овие избори. Граѓаните знаат дека градоначалникот Стојкоски и општинската власт предводена од ДПМНЕ имаа четири години власт да ги решат проблемите со кои секојдневно се соочуваме ние жителите на Ѓорче Петров, ама наместо решенија, ние добивме бетонизирана општина со рекорден број издадени одобренија за изградба на згради што дополнително го нарушува квалитетот на живот но нашата општина. Најавите и анкетите нарачани од штабот на ДПМНЕ не можат да ги решат проблемите на граѓаните, проблемите се решаваат со многу работа, а градоначалникот имаше можност четири години, за жал потфрли.

Дали Ѓорче се развиваше „бајковито” во изминатиот мандат на Стојкоски, како што се фалат од партијата на власт? Можат ли оние кои долги години ги креирале проблемите во општината, повторно да ја водат, ако се изразиме како премиерот Христијан Мицкоски?

Општина Ѓорче Петров во последните четири години воопшто не се развиваше. И се рекордни буџети, како што се фали Стојкоски, и со 8 милиони евра од унгарскиот кредит во општина Ѓорче Петров не се реализираше ниту еден капитален проект. Од приближно 20 милиони евра во последнава година од мандатот, не се реши проблемот со водоснабдувањето, не се изгради алтернативна сообраќајница за жителите од Волково, Ново Село, Кисела Јабука и Даме Груев, нема две нови градинки како што ветуваше Стојкоски во 2021 година.. Сите овие пари се потрошија на предизборно „замачкување на очи” со асфалтирање на улички по 50 метри, реконструкција на детски игралишта за кои имаа можност изминатите четири години да ги реализираат, не знам од која причина, не ги реализираа.

Фото: Архива на Костадин Ацевски

Во врска со изјавите на премиерот, сакам да го потсетам дека во последните 20 години, 16 години власта во Ѓорче Петров ја предводи неговата партија, а градоначалникот од тие 16 години, 11 години (4 години како претседател на Совет, 3 години пратеник и 4 години како актуелен градоначалник) имаше можност да го реши проблемите кои сами си ги креираа.

Општината, велите, никогаш не била во полоша состојба. Што ќе направите во првите сто дена од мандатот, доколку ја преземете функцијата?

Во првите 100 дена од мојот мандат ќе ја стопираме бетонизацијата, ќе го запреме целосно издавањето на дозволи за изградба на згради, ќе ги анализираме постојните детални урбанистички планови, по анализата ќе видиме дали ќе суспендираме делови од тие планови или целосно ќе ги суспендираме спорните детални урбанистички планови. Прекумерното градење на згради во централниот дел на Ѓорче го нарушува квалитетот на живот на сите граѓани во нашата општина. Мојот план за развој на Ѓорче е хуман развој на Ѓорче каде што човекот ќе биде пред профитот на инвеститорите и од таа причина во првите 100 дена, наместо да се градат нови згради, ќе работиме на нови сообраќајни решенија, нови паркови и нови зелени површини.

Депониите и ѓубрето ги има низ целиот град, не само во Ѓорче Петров. Системот за управување со отпад е комплексен, бара работа и соработка меѓу сите институции, вели вашата сопартијка Каја Шукова. Како да се реши овој проблем – во општината и градот, дали „селекција, рециклирање и енергетско искористување” можеби е начин или пак примерот „нула отпад” кој го нудат зелените партии?

Идејата за селекција, рециклирање и енергетско искористување е во втората фаза на мојата идеја за системска грижа за хигиената. За жал ситуацијата на хигиената во нашата општина е катастрофална и ние мораме да почнеме од нула. Контејнерите се преполни, кантите пред куќите на граѓаните не се исчистени и по повеќе од две недели, канти за џебен отпад по улиците и јавните површини не постојат. Во мојот мандат ќе поставиме 750 канти за џебен отпад, контејнерите ќе бидат заменети со подземни на 85 локации на територијата на општина Ѓорче Петров. Ќе воведеме телефонска линија на која граѓаните ќе можат да се јавуваат за собирање на кабастиот отпад директно од нивните домови. 

Ќе воспоставиме ефикасни комунални служби кои навремено ќе интервенираат и ќе спречуваат создавање на нови диви депонии. 

„Проектот „Оризарски рид” требаше да ја подобри ситуацијата со водоснабдувањето во Општината, но проектот беше блокиран во Град Скопје. Очекувате ли, доколку граѓаните ви ја дадат довербата, слична ситуација како во изминативе четири години, каде поради „инает” да се блокираат проекти од важност за граѓаните?

Ситуацијата со водоснабдувањето во поголем дел од општината Ѓорче Петров е повеќе од алармантна. Граѓаните водата ја добиваат буквално “капка по капка”. Изградбата на нови згради и поставување на пумпи за вода во истите дополнително ја влошува ситуацијата. Проектот „Оризарски рид” e решение кое ќе го зголеми притисокот на водата во нашата општина и жалам што поради несогласувањата на ДПМНЕ и актуелната градоначалничка на Град Скопје жителите од мојата општина се соочуваат со ваков горлив проблем.

Сите кандидати за градоначалници на Град Скопје во својата програма го ставија проектот “Оризарска рид” и не верувам дека поради политички препукувања или поради евентуална различна политичка припадност на градоначалникот на Скопје од мојата би дошло до блокирање на овој проблем, иако во последниве четири години бевме сведоци на истото. Доколку такво нешто се случи, ќе сторам се што е во моја надлежност и ќе обезбедам средства за реализација на овој проект што е од исклучителна важност за здравјето на моите сограѓани.  

Како ја оценувате кампањата во изминативе две недели – дали беше фер и демократска или беше „црна” и полна со омаловажувања?

Заедно со мојот тим во изминатиов период се обидовме да создадеме една поинаква во позитивна смисла кампања, која ги нагласува решенијата на проблемите со кои се соочуваат жителите на општина Ѓорче Петров и сакам да веруваме дека постигнавме таа цел. 

Фото: Архива на Костадин Ацевски

Од аспект дали беше фер, не можам да се согласам, затоа што градоначалникот цел мандат неработење се обиде да го сокрие со работа во последниве 10 дена, замислете дури и во ноќните часови се реконструираше детско игралиште. Улици се реконструираат сред октомври кога временските услови не го дозволуваат тоа и се плашам дека работењето на брза рака пред избори ќе резултира со неквалитет. Меѓутоа тоа не треба да ги плаши граѓаните, веднаш штом започнам со мојот мандат ќе има ревизија на овие проекти и доколку се утврдат неправилности и неквалитет, ќе има и одговорност.    

Противникот посветува доста време за проектот за населбата за млади во Ново Село. Што е спорно во ова ветување?

Спорно е тоа што под превезот на проектот населба за млади брачни двојки, постои сомнеж помеѓу граѓаните дека во плановите на Стојкоски се крие уште една нова бетонизација во нашата општина, овој пат, на ридот во Ново Село, веднаш до црквата Свети Архангел Гаврил. На парцелата каде што се планира изградбата на овој проект, сопственик на 5446 метри квадратни е Бејтула Селмани, брат на Имер Селмани кој ги поседува маркиците за изградба на највисоките згради во Ѓорче Петров со 21 кат и 18 ката во спорно и шверцерски донесениот ДУП СЗ 16. Според имотниот лист фамилијата Селмани се стекнал со овој имот, што во моментов е со класификација нива во март месец 2022 година, на почетокот на мандатот на градоначалникот Стојкоски. За да се расчистат дилемите во јавноста, јавно на прес-конференција му го поставивме следниве прашања на градоначалникот.

Дали населбата за млади брачни двојки предвидува урбанизација и носење на ДУП за парцелата 1786/1?

Дали сосем случајно инвеститорот Селмани се стекнал со нива на оваа парцела за која сега се планира носење на ДУП по превезот населба за млади брачни двојки?

Дали станува збор за уште еден претходно договорен компромис со инвеститори?

До моментов кога ги одговорам прашањата на ова интервју се уште нема одговор од Стојкоски, со што се потврди дека позади овој проект се крие уште една бетонизација на нашата општина, овој пат во Ново Село.

За крај од таа причина, ги повикуваме граѓаните на општина Ѓорче Петров, во недела, на 19 октовмри да го заокружат 5, и заедно да ја спречиме бетонизацијата на Ѓорче, која години наназад го нарушува квалитетот на живот граѓаните.

Б.Т.

Слични содржини