На телефонскиот број за итни повици 112, граѓаните можат да се јават за сите итни потреби од сферата за интервенции од Итна медицинска помош, Полицијата и Територијалните противпожарни единици на локалните самоуправи, како и од Центарот за управување со кризи согласно неговите надлежности за кризни состојби, вели во интервјуто за „Локално“, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
На број за итни повици 112, засега се примаат повици само од град Скопје, а директорот Ангелов, најави негова имплементација и во целата држава.
– Примање повици на телефонскиот број за итни повици 112 преку системот Е-112 на целата територија на Републиката е планирано да започне најрано во месец март, посочи директорот на ЦУК.
За лица со попречен слух и говор, Стојанче Ангелов вели, дека преку СМС пораки ќе се добиваат информации за каков итен случај станува збор, а дури и при најкратки повици возможна е нивно лоцирање.
– Со самото повикување на телефонскиот број 112, операторот пред да го прими повикот ја гледа макролокацијата од каде што доаѓа повикот, открива Ангелов.
Која беше целта за воведување на бројот 112?
– Секоја земја членка на ЕУ и земји-кандидати за влез во Европската Унија се обврзани (преку директиви „EC 22/2022“, „EC 136/2009“ и „EECC“) да го воспостават и имплементираат единствен број за прием на повици за итни случаи 112. Согласно ова и Македонија пристапи кон имплементација на Европскиот број за итни повици 112. Втората цел, којшто е многу важна, а и примарна, е да нема неодговорен повик од граѓанин кон досегашните броеви за итни повици 192, 193, 194 и 195.
За кои потреби, граѓаните можат да се јават на бројот за итни повици?
-На телефонскиот број за итни повици 112 граѓаните можат да се јават за сите итни потреби од сферата интервенции на Службата за Итна медицинска помош – Министерството за здравство, Полицијата – Министерството за внатрешни работи и Територијалните противпожарни единици на локалните самоуправи, како и од Центарот за управување со кризи согласно неговите надлежности за кризни состојби.
Кои се најчестите причини за досегашните повици?
-Досегашното работење покажува дека најголемиот дел од повиците кон телефонскиот број 112, од делот коишто се во квантитетот итни повици токму за овој број, се барањата од сферата на здравството – за интервенција на Брзата помош, по што следат барањата за интервенции на Полицијата, а потоа следат повиците за интервенција на Противпожарната единица – ПП бригада на град Скопје и координација од страна на Центарот за управување со кризи за нарушувања од комуналната сфера во урбаните средини или од нарушувања на отворено, во природата, како на пример, пожари, поплави, одрони, завеани места, изгубени граѓани и слични инцидентни случаи, при што се загрозени граѓаните и материјалните добра во државата.
Откако се воведе европскиот број за итни случаи колку вкупно повици се регистрирани?
-Од пуштањето во употреба на бројот 112 на 11.02.2022 година, па до 22.02.2022 година, 12:30 часот, се примени вкупно 6.662 повици.
Се има ли предвид, бројот 112 да биде достапен и за жители кои не се од Скопје и од кога?
– Да. Конкретно, сега се наоѓаме во првата фаза од имплементација на Европскиот број за итни повици 112, при што се примаат повици на 112 на териоријата на град Скопје. Во моментов сите повици на 112 на територијата на Република Македонија, без Скопскиот регион, се примаат на телефонскиот број 195, што е во надлежност на ЦУК. Примање повици на телефонскиот број за итни повици 112 преку системот Е-112 на целата територија на Републиката е планирано да започне најрано во месец март.
Колку вработени има центарот за итни повици?
– Во моментов Секторот Е-112 во ЦУК има доволно вработени да ги примат повиците на телефонскиот број 112, согласно динамиката на имплементација на бројот 112 на целата територија на државата, бидејќи во мометов е покриена територијата на град Скопје – на Скопскиот регион.
Инаку, во тек е јавен конкурс за прием на дополнителен број на лица во Секторот Е-112 со што ќе се олесни примањето на повици на телефонскиот број 112 од целата територија на Републиката.
Можно ли е лоцирање доколку повикот траел многу кратко?
– Со самото повикување на телефонскиот број 112, операторот пред да го прими повикот ја гледа макролокацијата од каде што доаѓа повикот (општина, административна единица). По приемот на повикот, во рок мерен во секунди, се добива микролокацијата којашто може да зависи од покриеноста на теренот со базни станици (може да варира местоположбата на повикувачот, но не е повеќе од радиус од пет километри). Потоа, се добива прецизна локација на јавувачот (можен радиус од 100 до 200 метри најмногу, а е во зависност од покриеноста со базни станици и од апликацијата којашто ја користи мобилниот телефон со оперативни познати оперативни системи, внатрешни софтвери – „Android“ или „IOS“).
Инаку, локацијата на повиците од фиксната телефонија ќе се врши согласно информациите што произлегуваат од склучените договори помеѓу операторите и физичките лица коишто ги користат.
Ако се јави лице со попреченост или говорна мана, во тој случај како се постапува?
– За лицата со пречки во говорот и слухот постои опција за комуникација со 112 преку СМС пораки. Преку пораките ќе се добие информација за каков итен случај станува збор и за потребата на јавувачот ќе се алармира соодветната служба (брза помош, полиција и противпожарна) или преку Секторот за операции и координација во ЦУК ќе се координира акција за справување со итната кризна ситуација преку институциите од Системот за управување со кризи на локално или, според потребите, на државно ниво.
– За примање гласовен повик на 112 од страна на лица со попреченост или говорна мана во моментов, Секторот Е-112 нема соодветно решение, на пример, слично како и кај европските држави коишто се уште го имплементираат бројот за итни повици. Но, се работи на тоа и ги следиме решенијата за вакви потреби во европските земји и во следната надградба на системот Е-112 истите ќе бидат имплементирани. Истовремено, ЦУК – како општествено одговорна институција, секогаш бил отворен и на линијата за заедничка соработка со и со сите невладини организации, а секако во тој поглед и со здруженијата на лица со одредени попречености за реализирање начини и решенија за помош на лицата со попречености при итни случаи на нивна загрозеност.
Дали е можно укинување на броевите 192, 193, 194 и 195 и кога?
– Во моментов, паралелно со бројот 112 во функција ќе бидат и останатите броеви за итни повици: 192, 193, 194 и 195. Со текот на време, како што ке се зголемува свесноста и перцепцијата на граѓаните за бројот 112 во државата, постепено ќе се укинуваат останатите броеви за итни повици, при што истите ќе мигрираат кон бројот 112. Праксата, од десетина години, во многу европски земји каде што бројот 112 е имплементиран кажува дека се уште се активни и старите броеви за итни повици, односно граѓаните согласно сопствените потреби го бараат соодветниот број за итни повици. Тука треба да се напомене дека една од функциите на 112 е да ги растовари постоечките броеви за итни повици, при што службите за тие броеви за итни повици би се посветиле исклучиво на итните случаи. Истовремено, Системот Е 112 во ЦУК ги превзема повиците од останатите итни броеви коишто досега останувале неодговорени или биле несоодветно пренасочени. Со Проектот 112 е предвидено да нема неодговорен повик од граѓанин упатен кон кој било број за итни повици.
Има ли злонамерни јавувања и ќе се воведе ли мерка за истите?
– Иако во помал број од квантумот „некорисни“ повици на 112, што не се за итни случаи, за жал, да има и злонамерни. Конкретно, тоа е се дел од „некорисните“ повици – од повиците коишто се упатени до 112 од разни случајни или намерни причини, а не се однесуваат од доменот за итни случаи на службите за брзата медицинска помош, за полициските работи или за противпожарните интервенции. Конкретно, најголемиот дел од овие повици се повици за сервисни информации (електроснабдување, водоснабдување, барање броеви од телефонски именик и слично), јавувања од љубопитност (дали навистина постои бројот 112 и како функционира), погрешно избрани броеви и на крајот доаѓаат во помал број „злонамерни“, јавувања каде јавувачот без посебна потреба, намерно ја зафаќа линијата 112.
Инаку, процентот на ваквиот тип повици именуван како „некорисни повици“ е околу 60%, а само мал дел од тоа се злонамерни. На ваквите злонамерни јавувачи им се посочува за што е наменет бројот 112, а за што не е. Броевите се евидентираат во системот и се ставаат на посебен список за нивна евиденција – таканаречена „црна листа“ и при секое наредно јавување на овие броеви се вклучува телефонска секретарка со однапред снимени пораки преку кои јавувачот се информира дека од неговиот телефонски апарат изминатиот период се примени поголем број на повици без информации за итна потреба и дека злоупотреба на телефонскиот број 112 е казниво дело и се замолува доколку нема потреба од итна интервенција да го прекине повикот. Доколку од страна на јавувачот бидат изнесени закани по животот на операторот на телелефонскиот број 112 ќе следува соодветна документирана пријава до Бирото за јавна безбедност во МВР од каде што ќе биде покрената кривична пријава до Јавното обвинителство.
Се прави ли класификација на приоритетни итни повици и на кој начин?
– Во периодот на подготовка за започнување со функционирање на бројот за итни повици 112, Секторот Е-112 во ЦУК, во соработка со соодветните служби од Министерството за здравство, МВР и Протовпожарните единиците за итни повици изработи класификација на настани што би се пријавиле на бројот 112. Истите служат за попрецизна класификација и одредување на степенот на итност на потребата за којашто се јавува јавувачот. Од соодветната класификација на настанот и идентификација на итноста зависи и квалитетот на превземените мерки од службите за итни потреби (Полиција, Итна медицинска помош и Противпожарни единици). Согласно оваа класификација операторот – примателот на повикот, на телелефонскиот број за итни повици 112, врши првична проценка за итноста на повикот и согласно истата го пренасочува повикот, односно воспоставува конференциска врска со соодветната служба за итни случаи.
Имаше ли повици на 112 кога Скопје се соочи со снемување на електрична енергија?
– Во периодот на прекин со електроснабдување на главниот град Скопје и дел од пошироката околина, од 17:30 до 18:20 часот, на 13.02.2022 година, недела, во Центарот за прием на итни повици – 112 се примени околу 150 повици од граѓани. Дел од повиците беа за двата пожара, што беа активни во тој период, а имаше јавувања од лица заглавени во лифтови, граѓани кои се јавуваа за информации околу прекинот со електроснабдување и редовните јавувања за потреби од интервенции на Итната медицинска помош и Полицијата. За време на прекинот со електроснабдување Центарот за прием на итни повици на телелефонскиот број 112 во ЦУК работеше без пречки, нормално.
М.А.