Атанасовски: Резолуцијата може дополнително да ја израдикализира ситуацијата во Македонија и Бугарија и да ги крене влоговите

од Vladimir Zorba
424 прегледи

Усвојувањето на Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание можеби би било добар политички чекор, со кој дополнително ќе се израдикализира ситуацијата од двете страни на границата, ќе се подигнат влоговите, и ќе се вклучи жестоко и директно високата американска дипломатија и администрација во „менаџирање“ на овој неразбирлив за нив проблем, со булдужер дипломатијата, ќе притиснат да се откочат нашите европреговори, односно Софија да го тргне ветото, од кое како колатерална штета страда и соседна Албанија, но и целиот поширок регион на т.н Западен Балкан, вели во интервју за „Локално“ Благојче Атанасовски, Магистер по политички науки на Правен факултет во Скопје, чија специјализација се политичките односи на Големите сили кон македонското прашање.

Смета дека нашите надворешно-политички порази, се одлика на нашето внатрешно политичко неединство, односно на целосната разединетост меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

– Резултат на тоа политичко неодговорно однесување се фактичките состојби со Преспанскиот договор (сменето уставно име за севкупна употреба), ќорсокак во евроинтеграциите поради апсурдните и антиевропски ултиматуми на официјална Софија, посочува Атанасовски.

На прашањето дали САД ќе бидат тие кои ќе пресечат во спорот меѓу двете земји, Атанасовски вели „јас само на нив се надевам“.

– САД се многу директни, прагматични и брутални, додека Европејците се лицемерни, слаткоречиви, хаотични во усогласувањето на својата политика, со различни испреплетени, често пати и спротиставени интереси внатре во ЕУ блокот. Изминативе години, но и децении, видовме и почувствувавме на своја кожа дека од ЕУ не може да очекуваме ништо конкретно, односно поконкретно може да очекуваме само уште едно или повеќе нови разочарувања, исѕакнува експертот.

Како ја коментирате резолуцијата со црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ? Сметате ли дека со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, на земјава и е потребен ваков документ?

-Многу пати сум велел, дека нашите надворешно-политички порази, се одлика на нашето внатрешно политичко неединство, односно на целосната разединетост, би рекол и „карлшмитовска“ закрвеност, на нашите доминантни политички елити, во левицата (СДСМ) и во десницата (ВМРО-ДПМНЕ). Резултат на тоа политичко неодговорно однесување се фактичките состојби со Преспанскиот договор (сменето уставно име за севкупна употреба), ќорсокак во евроинтеграциите поради апсурдните и антиевропски ултиматуми на официјална Софија. Во нормална ситуација, оваа резолуција по предлог на опозицијата би била вообичаена, односно би била многу претходно донесена (би рекол пред децении политичките елити, требаше да ги утврдат нашите „црвени линии“), за да издејствуваме многу подобри решенија за нас, во однос на најтешките национални спорови кои ги водиме со јужниот и источниот сосед. Сега, според мене е задоцнето сето ова, е и можеби само чекор за некакво позиционирање на опозицијата пред локалните избори, со вкалкулирани политички поени.

Дали нејзиното евентуално усвојување во Собранието ќе значи и крај на надежите за решение со Бугарија?

-Би било, нов момент во тотално урнисаните меѓусоседски односи помеѓу Македонија и Бугарија, после преповтореното вето, но можеби би било и добар политички чекор, со кој дополнително ќе се израдикализира ситуацијата од двете страни на границата, ќе се подигнат влоговите, и ќе се вклучи жестоко и директно високата американска дипломатија и администрација во „менаџирање“ на овој неразбирлив за нив проблем, со булдужер дипломатијата, ќе притиснат да се откочат нашите европреговори, односно Софија да го тргне ветото, од кое како колатерална штета страда и соседна Албанија, но и целиот поширок регион на т.н Западен Балкан. Влоговите не се македонско-бугарски, односно позади кулисите станува збор за борба на сфера на влијанија меѓу Москва (ако сакате и Пекинг) со Вашингтон и веројатно Берлин, не толку официјален Брисел. Во целата таа испреплетеност на влијанија, заткулисни игри, најмногу ќе настрадаме ние, но и Бугарија ќе си го плати цехот, бидејќи „става директно прст во окото“ на Големиот брат од другата страна на Атлантикот и ги поткопува неговите стратешки интереси за заокружување на западната безбедносна архитектура во овој дел на европскиот континент, (не)свесно одигрувајќи за Кремљ, и руските субверзивни интереси на Балканскиот Полуостров.

ДУИ ја отфрли, додека АА засега е без став. Генерално, дали му одговара на албанскиот фактор носење на резолуција со ваков текст во кој се бранат идентитеските прашања?

-За жал, т.н етничко албански политички партии кај нас, по однос на највисоките национално-државни прашања се однесувале амбивалентно, односно незаинтересирано, бидејќи не ги допира нивните етничконационални чувства, емоции, идентитет, дигнитет, историја, јазик, па и митологија ако сакате. Тоа е одлика на недржавничко однесување, односно на де факто федерализирачко поимање на водењето на политиката, пресечено како со нож, подвоено по имагинарната линија „Групчин-Подмоље“. Вклучително и константно владејачката ДУИ, но и останатите етничкоалбански партии калкулираат со највиталните и најсензитивните македонски национални прашања, кога станува збор за продолжување на македонските евроатлански интеграции, т.е кога „решавањето“ на истите е директно поврзано со нив, па така етноалбанскиот политички фактор притиска да се решат истите за да не страда евроинтеграцијата на земјата. Од друга страна пак, тие се подведени и од официјалните ставови на меѓународната заедница (читај: западните големи сили), и секогаш својот став по суштинските национални прашања кај нас го поистоветуваат со интересите на големите западни сили.

На неодамна завршениот Преспа форум, САД и ЕУ (проф. Џозеф и амбасадорот Коп) се судрија околу ветото на Бугарија. Професорот од „Џонс Хопкинс“ го нарече однесувањето на Унијата кон Македонија „предавство“, додека Коп ја „одбрани“ земјата-членка и го нарече блокирањето „владеење на правото“. Од Рикер и Палмер, исто така, видовме силна поддршка и застанување на „наша страна“. Ќе одиграат ли САД клучна улога во евентуалното решение на спорот?

-Искрен да бидам, јас само на нив се надевам. Колку и апсурдно да звучи, и покрај тоа што САД нормално не се членка на Унијата, тие имаат многу поголем интерес ова прашање да се архивира, и да се откочат преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ, за да се продолжи по трасираниот и траекторираниот пат кон официјален Брисел на сите шест земји од Западниот Балкан , агенда зацртана уште од Солунскиот самит во веќе далечната 2003-та година. Прво САД се многу директни, прагматични и брутални, додека Европејците се лицемерни, слаткоречиви, хаотични во усогласувањето на својата политика, со различни испреплетени, често пати и спротиставени интереси внатре во ЕУ блокот. Изминативе години, но и децении, видовме и почувствувавме на своја кожа дека од ЕУ не може да очекуваме ништо конкретно, односно поконкретно може да очекуваме само уште едно или повеќе нови разочарувања. Колку и оксиморонски да звучи, Американците се тие кои ќе ја буткаат ЕУ агендата на Македонија напред и во иднина, и само нивното вмешување може да не помести од мртва точка, односно од излезот на ќорсокакот во кој не набута официјална Софија со латентна поддршка и одобрување на официјален Брисел.

„Прашањето за јазикот и оваа наша борба не е само одбрана на македонскиот идентитет, туку борба за зачувавање на европскиот идентитет и вредностите што треба да ги предводи ЕУ“, изјави вицепремиерот Никола Димитров викендов. Со оглед на блокадите кои земјава ги доживеа од ЕУ, станува ли збор за непочитување на сопствените вредности?

-ЕУ декларативно пропагира највисоки вредности, претставувајќи ги како свои, европски, а на практика во принцип ги прекршува, токму врз грбот на Македонија. Нема поголемо човеково право, и поголема европска вредност од правото на самоидентификација, национален дивергентен идентитет, изведен во сите негови форми и аспекти. Од друга страна нема поголем шовинизам, ксенофобија, би си дозволил да кажам и тоталитаризам со примеси на фашизоидност и нацизам на некому да му го негирате, оневозможувате, спорите неговото изворно право, загарантирано со декларацијата на ООН, да се идентификува како што смета дека е, или треба да се идентификува. Не сакам никого да навредам, напротив, но гледаме ЕУ колку се загрижи за контроверзниот Закон за ЛГТБ заедницата изгласан во Орбанова Унгарија, и колку критики на своја сметка однесе тој закон, бидејќи се повредени чувствата и правата на една маргинализирана заедница, како Европејците речиси без исклучок застанаа да ги бранат овие основни човекови права, како највисока европска вредност, а штом станува збор за директна одбрана на правото на Македонците како европски граѓани, да биде заштитен нивниот национален, јазичен, културолошки и емотивно-митолошки идентитет, тука ЕУ или лицемерно молчи, или ретко некој во своја искреност ќе застане на наша страна, или уште пострашно дрско и отворено ќе застане на страната на официјална Софија, велејќи дека ги „разбира нивните чувства и позиции“. Европската унија е веќе без надворешно-политички компас, и во новиот мултиполарен свет кој веќе е создаден, и во иднина што повеќе ќе се зајакнува и зацврстува не само што ЕУ доколку не се реформира и реорганизира, ќе се изгуби во тие односи на светските титани, туку може и целосно да се маргинализира како моќен геополитички субјект, кој одвнатре ќе имплодира.

Б.М.

Слични содржини