Интервју со Беџети: Не постои компанија која ќе го издржи растот на пазарните цени на електричната енергија

од Vladimir Zorba
643 прегледи

Академик Абдулменаф Беџети недвосмислено и без каква било задршка предупредува дека во претстојниот период компаниите  ќе бидат  поразени во  битката со контунираниот раст на цените на енергенсите.  Анализирајќи ги алтернативите за барем делумно надминување на актуелната ситуација категоричен е дека вистинското решение не го препознава во договорот кој беше постигнат меѓу Владата и Стопанската комора за помош во услови  на енергетската криза.

Нема компанија, правно лице или институција, чии сметки за електрична енергија се според пазарни (берзански) цени и кои ќе можат да го издржат ова. Со право реагираа коморите, но не сум сигурен дека Владата ќе може да изнајде финансиски потенцијал да го субвенционира и овој сектор, доколку останат цените во оваа зона на дивеење! Краткорочно (пет- шест месеци) Владата можеби ќе смогне сили да помогне но тоа не е решение”, вели Беџети за „Локално“.

Решение гледа во изградба на гасоводна мрежа и куси постапки за инвестиции во алтернативни извори на енергија.

Не е до добрата волја туку до реалните можности. Владата може во некои месеци и да помогне но не може вечно. Решенијата треба да бидаат одржливи и да се навикнеме на поинакво ниво на цените на енергенсите“.

Правејќи споредба со европските земји во кои веќе се практикуваат мерки за штедење на електрична енергија, Беџети посочува пример за редуцирана потрошувачка во универизтетот на ЈИЕ наспроти пример од нашето секојдневие како што е уличното осветлување кое наместа свети до 7 часот наутро.

„Не треба да се прогласи енергетска криза за да се смени ова однесување. За жал ова е нашата култура на однесување, ем сиромаси ем аздисани! И тука, не само Владата, туку пред се општините и сите други институции треба да се однесуваат сосема поинаку. Мора да станеме држава и економија отпорна на енергетска криза, која ќе биде се поприсутна заради растечките потреби за енергија во иднина“, дециден е Беџети

Владата ги прифати барањата на Стопанската комора со ветување дека истите ќе бидат брзо реализирани. Од почетокот на август е најавено дека ќе биде повторно прогласена кризна состојба во енергетиката. Што мислите, колку сето ова ќе им помогне и ќе ги подготви компаниите за претстојната зимска сезона?

-Скоро една година, од минатиот август, кога се појавија првите сигнали за енергетска криза, во почеток и поради лошите менаџирања на состојбите од несоодветно потрошените потенцијали, беше јасно дека есента и зимата ќе бидат периоди на влегување во еден кризен енергетски период. Згора на сето ова, со руската инвазија во Украина во февруари, веќе беше кристално јасно дека сериозни ќе бидат енергетските предизвици. Владата и минатата зима па се до денес, направи огромни напори со алокација на енормни финансии да ги субвенционира цените на електричната енергија, кои на слободниот пазар во целиот овој шест месечен период, се во просек пет пати повисоки од цените по кои граѓаните ги плаќаат своите сметки за струја. Според најновиот тарифник, по систем на изразена прогресија врз основа на обемот на потрошувачка, за над 95% од семејствата, Владата го задржува товарот на разликата на цените врз јавните финансии, т.е.буџетот на државата.

Во престојниот период, критични се состојбите за компаниите кои не ќе можат да издржат ваков интензитет на ненормални и турбулентни цени, кои во просек се 10 кратно повисоки од пред една година (од 50-тина евра по MWhна над 400 евра!!!). Нема компанија, правно лицеили институција, чии сметки за електрична енергија се според пазарни (берзански) цени и кои ќе можат да го издржат ова. Со право реагираа коморите, но не сум сигурен дека Владата ќе може да изнајде финансиски потенцијал да го субвенционира и овој сектор, доколку останат цените во оваа зона на дивеење!

Владата уверува дека подготвено ќе ја дочекаме зимата, дека сите капацитети ќе бидат во функција, дека при крај е набавката на потребните количини мазут и јаглен… Треба ли да не смири ваквото уверување  декаувозот ќе биде навремен  и дека нема да има рестрикции?

-Краткорочно (пет- шест месеци) Владата можеби ќе смогне сили да помогне но тоа не е решение. Најдобро е, да се фокусира со целиот свој потенцијал да ги забрза гасоводните решенија, под итно да ги разгледа и во ургентна постапка да ги регулира и поддржи компаниите и другите институции да инвестираат во алтернативни извори на енергија, посебно во соларната енергија без да ги одолговлекува овие постапки и решенија. Самите економски агенти и другите ,,големи потрошувачи,, ќе смогнаат сили за да влезат во инвестициски зафат за поодржливи и поотпорни решенија на енергетските кризи кои се повеќе ќе бидат присутни меѓу нас, можеби не со овој интензитет но секако веќе не можеме да очекуваме цени на слободниот пазар какви што беа пред една година.

Нее до добрата волја туку до реалните можности. Владата може во некои месеци и да помогне но не може вечно. Решенијата треба да бидаат одржливи и да се навикнеме на поинакво ниво на цените на енергенсите.

Европските земји веќе направија планови за штедење а истото го најави и нашата Влада.Што според вас треба да се стави во сценариото за намалување на потрошувачката на електрична енергија? Дали треба да бидат опфатени домаќинствата и инфраструктурата и во кој обем?

-Апсолутно да. Видете како се однесува најмоќната економија на Европа, Германија во одредени покраини и градови, дури и семафорите ги гаснат после 23:00 часот. Е па сега споредете со нашето однесувањеи економската моќ! Сеуште имаме јавно осветлување во улици, па и во некои делници на автопатишта,кое троши електрична енергија не само цела ноќ туку и до  7 часот наутро! Не треба да се прогласи енергетска криза за да се смени ова однесување. За жал ова е нашата култура на однесување, ем сиромаси ем аздисани! И тука, не само Владата, туку пред се општините и сите други институции треба да се однесуваат сосема поинаку.Еве конкретен пример на институцијата која јас ја водам, ЈИЕУ кампусот во Тетото. Уште од први јули,кампусот е во режим на строга енергетска заштеда. Максимално е редуцирана потрошувачката откако прогласив институционална ,,вонредна состојба,, за енергетска потрошувачка.Месец јули ќе го завршиме со три пати помала потрошувачка на електрична енергија споредено со истиот периодлани.

Како во време на закани од рецесија, зголемена инфлација, проблеми во синџирот на снабдување ќе преживеат домашните компании, особено малите и средните? Каков вид помош на нив им е потребна?

-Јас мислам дека поголем е предизвикот за средните и големите компании отколку за микро и малите компании, кои обично се пофлексибилни во однесувањето и можните промени. Сепак, индивидуални ќе бидат ризиците во зависнот од обемот на електричната енергија и другите енергенси колкав удел зафаќаат како инпутни (влезни) трошоци во производството и услугите.

И покрај тоа што се изјаснив погоре за видот на помошта и подршката, едно е краткорочно, т.е. три-шест месеци владино субвенционирање или поддршка, а друго е изнаоѓање на одржливи решенија, инвестициски зафати во енергетски сектор од страна на самата влада, преку разни форми на инвестиции како и забрзување и отстранување на сите бариери за инвестиции на компаниите за нивните потреби. Мора да станеме држава и економија отпорна на енергетска криза, која ќе биде се поприсутна заради растечките потреби за енергија во иднина.

Пред неколку денагасоводот Северен тек работи само со 20 % од капацитетот.Што според вас може да се случи како резултат на намалената испорака на гас во Европа? Дали европската економија ќе го издржи тестот на единство во ситуација кога поради неизвесното снабдување со овој енергенс, европската економија е осудена на тешка и студена зима?

-ЕУ како сериозна заедница и според можностите за оценка, проценка како и во однос на очекувањата, е далеку поподготвена сама да ги оценува ризиците во вакви непредвидливи состојби отколку било кој од нас. Не случајно благовремено реагираа и со конкретна таргет мерка од 20% заштеда или пак со создавање на резерви. Нема дилема дека Европа во целина, а посебно ЕУ е таргет за Русија која нема друго ,,оружје,, како да војува со неа освен преку нејзините енергенси. Од друга страна, сметам дека Русија многу би сакала целосно да ја прекине испораката но таа економски ,,би умрела прва,, со таквото однесување. Според аналитички информации се цени дека секој ден од воената инвазија, Русија ја чини околу 300 милиони американски долари!

Воените доктрини, уште пред декади, оцениле и укажувале на стратешкиот ризик од преголемата енергетска зависност на западна Европа од руските енергенси но за жал европските влади и нивните институции како да не сакале да веруваат во оваа закана. Состојбата на САД е сосема поинаква и тие се многу покомотни. На европските партнери одамна им имаат сигнализирано да не си ја дозволуваат вакватазависност предолго. Можеби во целиот овој предизвик ќе се создаде и можноста, како што велат американците-ризиците се можност!

Светски експерти предупредуваат на сериозна рецесија и длабока должничка и финансиска криза. Дали треба да не загрижат ваквите алармии какви би биле генерално последиците врз македонската економија?

-Секако дека ризик постои, но се ќе зависи колку ќе потрае и како ќе заврши воената агресија врз Украина. За разлика од пред две години кога се појави ковид кризата, нивото на јавните долгови, во просек и на глобално ниво бешеза околу 12-13% од БДП пониско во однос на денешното ниво, а во некои држави се искачи и над 15% од БДП.Тоа значи дека денес од овој аспект, многу е потрошен фискалниот простор за евентуални интервенции врз стопанството. Од друга страна пак централните банки, почнувајќи од американската ФЕД, Централната Европска Банка, па и речиси сите национални банки, за само три- четири месеци, по два до три пати ги покачија своите основни каматни стапки како стабилизациона мерка за инфлацијата. Сето ова ги прави ,,парите поскапи,, па оттука и побарани. Како последица на овие состојби, кога побарувачката (и за пари) расте повеќе од понудата, нормално дека е можно да дојде до должничка и финансиска криза.

Состојбата во Македонија е многу слична, откако инфлацијата стигна на речиси 15% а основната каматна стапка на централната банка постепено се дуплира (од 1,25 на 2,5%). Истиот тренд, ако не и со поголем интензитет ќе биде проследен и од комерцијалните банки, при што ќе поскапат парите а со тоа ќе следи намалување на потрошувачката и инвестициите. Оваа состојба ќе зависи и од приливите на нашата дијаспора, која барем по физичкото присуство во земјата годинава, речиси ,,експлодира,, по редуцираниот престој во претходните две години пред се заради пандемијата. Финансиските и прометните статистики при крајот на третото тромесечие ќе покажаат колкав финансиски ефект имал нивниот престој, но факт е дека доминантно во северозападниот дел на земјата, во овој период заживеаа малите и микро бизниси.

К.В.С.

Слични содржини