Бројни предизвици стојат пред македонскиот банкарски сектор во 2022 година со оглед нa тоа што пандемијата со КОВИД 19 и енергетската криза ќе останат доминантен светски проблем и во следните месеци. Најчестиот предизвик се очекувањата, вели во новогодишното интервју за Локално.мк главниот финансиски директор и член на УО на Комерцијална Банка АД Скопје, д-р Маја Стевкова Штериева.
“Очекувања за повеќе кредити, поповолни каматни стапки, пониски надоместоци, поголема инклузија во зелената агенда итн., а наспроти сето тоа се наоѓаат реалните состојби и можности. Банкарскиот сектор ќе продолжи да финансира одржлив раст, но ќе мора да се внимава кредитирањето да биде насочено кон здрави и одржливи проекти”,вели Штериева.
Лошата вест според неа се поврзува со инфлацијата и со фактот што проекциите се прават во крајно неизвесни околности. Во очекување светски генерираната инфлација целосно да се пренесе во Северна Македонија во првата половина од 2022 г, како што проценуваат некои аналитичари, Штериева смета дека носителите на политиките ќе бидат исправени пред одлуки за тоа како да се носат мерки со кои нема да се предизвика поизразена инфлаторна спирала.
Во однос на каматните стапки Штериева вели дека засега нема најави за нивна нагорна корекција.” Пандемијата сѐ уште трае, така што корекцијата на каматните стапки или промената на нековенционалните мерки на монетарната политика кои се применуваа во изминатите години може да доведе до дополнително нарушување на капацитетот за сервисирање на обврските. Поради тоа, во моментот и не очекуваме промена на каматните стапки на краток рок”, децидна е таа.
” Клиените веруваат во Комерцијална банка “, вели Штериева а потврда за тоа дека и 2021 г беше успешна година е пазарното учество, стапките на раст во сегменти од банкарското работење како и наградата од магазинот “The Banker” за “Банка на годината” која е девета во низата престижни признанија за Комерцијална банка АД Скопје.
Г-ѓо Штериева колку сте задоволни како Комерцијална Банка АД Скопје ја заврши пандемската2021 година? Дали КОВИД 19 влијаеше на зголемување на заштедите или пак се повлекуваа депозитите?
Ако цениме според остварените активности, пазарното учество и стапките на раст во одредени сегменти на банкарското работење,Комерцијална банка ќе заврши уште една успешна година и би можело да се каже дека сме особено задоволни од тоа што беше постигнато до сега.
Во делот на депозитното работење, со 30.11.2021 година Банката бележи стапка на раст од 11,9% во однос на крајот на минатата година и ако се спореди со стапката на раст на ниво на банкарски систем, која изнесува 4,9%, ова секако е големо достигнување. Клиентите веруваат во Комерцијална банка и тоа се потврдува пред сѐ преку состојбата на депозитите во услови на ниски каматни стапки. Може да се каже дека иако постои општ интерес кај населението за замена на депозитите,примарно со инвестиции во недвижности, во изминатата година Комерцијална банка оствари раст од 8,3% на депозитите на населението, со што го продолжува повеќегодишниот тренд на континуиран пораст на депозитите на населението. Воедно, следејќи ја потребата на населението за финансиска поддршка на нивните инвестиции во недвижности,Банката го интензивираше одобрувањето на станбени кредити и со состојба 30.11.2021, споредено со 31.12.2020, во Комерцијална банка е остварен пораст на вкупната кредитна изложеност на станбените кредити од 6,45%.
Дали има значајни поместувања во однос на кредитирањето на стопанството и граѓаните споредено со лани? Дали граѓаните и фирмите имаат потешкотии во враќање на кредитите?
Иако најголемите проблеми поврзани со одложувањето на отплатата на кредитите се случуваа во текот на 2020 година, сепак останаа бројни предизвици за годинава што изминува. Почнувајќи од 01.04.2021 година, ставени се во редовна отплата изложеностите кон физички лица кои беа опфатени со вториот сет мерки заради ублажување на потешкотиите од ковид-кризата од минатата година, додека најголем дел од изложеностите кон правни лица кои беа опфатени со мерките се во редовна отплата од почетокот на годината. Секако дека дел од кредитокорисниците се соочуваат со проблеми, но од друга страна мерките кои беа преземени за реструктуирање и пролонгирање на отплатата во голема мера го олеснија сервисирањето од страна на сите корисници.
И покрај присутната неизвесност и ризиците од пандемијата,продолживме да работиме на воведување нови кредитни производи во сите сегменти и тоа како кај населението, така и кај правните лица. Во таа смисла, кредитната активност кон секторот домаќинства во текот на 2021 година е умерено зголемена, но сѐ уште со внимателен пристап во пласирање средства поради неизвесноста поврзана со пандемијата од Ковид-19. Во изминатиот период Банката воведе нов кредитен производ – наменски потрошувачки кредит во соработка со трговецот „Нептун“, како и нов наменски кредит за енергетска ефикасност во соработка со GEFF програмата на ЕБРД, наменет за домаќинствата. Понатаму, продолжи со пласирање на актуелниот потрошувачки кредит до 30.000 евра со ЕУР клаузула, како и со активностите насочени кон воведување модифицирани производи согласно потребите на клиентите.
Кредитирањето на корпоративниот сектор, исто така, бележи пораст, но со помала динамика. Во овој сегмент се обрнува посебно внимание на изнаоѓање најповолни решенија за полесно справување на корпоративите клиенти со кризата и надминување на проблемите со кои се соочуваат.Оваа година Банката доби кредит од 2,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за кредитирање на мали и средни претпријатија со цел поттикнување на нивната конкурентност. И покрај својата висока ликвидност, Банката се одлучи да го земе овој кредит бидејќи соджи грант компонента, која е особено барана од клиентите. Финансиската поддршка е наменета за инвестиции во надградба на производни капацитети и усогласување со Директивите на ЕУ во областа на заштита на животната средина, безбедноста на работниците и квалитет и безбедност на производите. Најзначајната поволност на кредитите, која особено ја ценат клиентите, е што овозможуваат грант од 15% од вредноста на вкупната сума на кредитот, при што повратот на вложените средства се врши по успешно завршување на проектот.
Кои се според Вас економските предизвици за македонскиот банкарски сектор во 2022 година со оглед на пандемијата и енергетската криза кои ќе останат доминантен светски проблем и во годината што следи? Кои се лошите вести со кои и догодина ќе се соочуваме?
Најчесто предизвикот пред кој е исправен банкарскиот сектор е секогаш ист, а тоа се очекувањата.Очекувања за повеќе кредити, поповолни каматни стапки, пониски надоместоци, поголема инклузија во зелената агенда итн., а наспроти сето тоа се наоѓаат реалните состојби и можности. Македонија е мала отворена економија, исклучително подложна на сѐ она што се случува во светската економија, која во новата година влегува со висока инфлација, нарушен и поскапен синџир на снабдување, отворени геополитички конфликти, кои имаат свои ценовни импликации итн. Поради тоа сите економски агенти се под влијание на овие состојби и потребно е особено внимателно да ги проектираат и планираат своите идни активности и инвестиции. Познатата авторка Џ.К. Роулинг во една од нејзините книги пишува „Го гледаш она што очекуваш да го видиш“. Така и во нашата дејност – од банките се очекува она што економските агенти сакаат да го видат, а при тоа не се зема предвид фактот дека банките имаат специфична структура на изворите на средства и дека треба да бидат исклучително внимателни во пласманите. Банкарскиот сектор ќе продолжи да финансира одржлив раст, но ќе мора да се внимава кредитирањето да биде насочено кон здрави и одржливи проекти.
Лошата вест е дека проекциите на инфлацијата се прават во крајно неизвесни околности, дека според некои аналитичари во првата половина на 2022 годинасе очекува светски генерираната инфлација целосно да се пренесе во Северна Македонија и дека носителите на политиките ќе бидат исправени пред одлуки за тоа како да се носат мерки со кои нема да се предизвика поизразена инфлаторна спирала.
Ќе има ли “сила” банкарскиот сектор за кредитирање на стопанството и граѓаните и каде е клучот за зголемено кредитирање?
Неспорно е дека банкарскиот сектор има и сила, како што велите во прашањето, но и реален квантитативен капацитет за зголемено кредитирање. Но, тоа што може да биде ограничувачки фактор се квалитетните и издржани проекти и одговорното кредитирање на населението.
Прво, неколку зборови за капацитетот на банкарскиот сектор од аспект на кредитирањето. Најчесто ова се илустрира со соодносот на износот на одобрени кредити ставен во релација со износот на прибрани депозити, без вклучување на останатите извори на финансирање. Во нашиот банкарски систем овој показател изнесува под 80% и сѐ уште има можност за раст на кредитирањето од овие извори, при што тука како потенцијал за кредитирање не се зема можноста за кредитирање преку кредитни линии.
Но, како што истакнуваме дека станува збор за соодносот на кредити наспроти депозити, упатуваме на тоа дека кредитирањето се врши од прибраните депозити и дека проектот кој го кредитираме треба да има задоволителен поврат на инвестицијата за да овозможи уредно сервисирање на кредитните обврски кон банката, што од своја страна би придонело за сочувување на депозитите. Впрочем, компаниите секогаш имааат и други опции на прибирање на финансиски средства.
Што се однесува до населението, во современите банкарски концепции сѐ повеќе се зборува за одговорно кредитирање, каде пред сѐ се мисли на избегување на креирање состојба на презадолженост на населението, која би довела до сиромаштија и нарушување на егзистенцијалните потреби на поединците.
Дали и од кога се очекува раст на каматите на кредитите и кои кредити ќе бидат на удар?
Каматните стапки во моментот се на историски најниско ниво во нашата земја, а како што е добро познато, во Европа каматните стапки за евродепозити се негативни. Во услови на растечка инфлација и кај нас и во светот носителите на монетарната политика се исправени пред исклучително сериозни предизвици. На страната на депозитите сѐ почесто се појавува негативна реална каматна стапка земајќи ја предвид стапката на инфлација, а на страната на кредитите се губи премијата за ризик, која е пресметана и вградена во каматната стапка при одобрувањето на кредитот. Наспроти тоа, не смее да се занемарат проблемите со кои се соочуваа кредитокорисниците за време на пандемијата. А, впрочем пандемијата сѐ уште трае, така што корекцијата на каматните стапки или промената на нековенционалните мерки на монетарната политика кои се применуваа во изминатите години може да доведе до дополнително нарушување на капацитетот за сервисирање на обврските. Поради тоа, во моментот и не очекуваме промена на каматните стапки на краток рок.
Има ли начин како да се заштитат граѓаните и домашната економија од растот на каматните стапки? (Унгарија ги замрзна каматите на хипотекарните кредити?)
Промената на каматните стапки е економска и финансиска категорија и сосема е нормално како што каматните стапки се намалуваа со години во еден момент да почнат да се зголемуваат. Не зборуваме за краток рок и дека тоа зголемување би било оваа година или наредната, туку го коментираме процесот на менување на каматните стапки. Тука не би навлегувале во економските и монетарните законитости кои доведуваат и влијаат на промените на каматните стапки, ниту пак да ги коментираме понатамошните активности на носителите на монетарната политика. Единствено би истакнале дека зад секоја промена на каматните стапки предложена од централната банка има точни пресметки, анализи и причини за корекција, а секоја неекономска и етатистичка мерка може да нанесе штета и да влијае на стабилноста на системот.
Во контекст на вашето прашање веднаш се отвара и прашањето како да се заштитат депонентите и акционерите доколку се применуваат неекономски мерки за замрзнување на ниските каматни стапки.
Во секој случај засега нема најави за промена на каматните стапки.
К.В.С.