Интервју со Димова: Груевски мора да одговара, а Македонија да покаже капацитет за конфискација

од desk3
103 прегледи

Ви пренесуваме дел од интервјуто на Лидија Димова, пратеничка и претседателка на Комисијата за европски прашања на СДСМ, за порталот РеволуционерМк:

lidija-Dimova-540x360

РеволуционерМк: Бомбите, прислушувањето, нарушувањата на основните човекови права бетонирани и во Европската конвенција за човекови права, во Македонија има многу болни дијагнози дијагностицирани во демократијата. Каква завршница очекувате, односно која завршница според Вас, нема да го попречи патот на Македонија кон ЕУ?

Димова: Нашите анализи покажаа дека Европската комисија сепак води сметка за иднината на Македонија. Ако ги погледнете активностите (мерките) кои треба да се преземат за да се исполни Договорот од Пржино, ќе видите дека роковите не се краткорочни, односно дури по изборите во април 2016 година вистински започнува темелен процес на демократизација на македонското општество. Згора на тоа, ако ја погледнете Оперативната програма за Македонија од ИПА 2 за периодот 2014-2020, ќе видите дека се обезбедени и средства за таа намена во рамките на секторите „Демократија и владеење“ и „Владеење на правото и темелни права“.

Да заклучам, Македонија има европска иднина, но не со Груевски на чело на државата. Работите на европски план се така поставени што се чека падот на Груевски за да започне европската интеграција на македонските граѓани!

РеволуционерМк: Очекувате дека Груевски ќе одговара, односно ќе биде под истрага за сериозните наводи и во „бомбите“, но и сомневањата во јавноста, за криминал, провизии, изборен фалсификат и загрзувањата на основните човекви права?

Димова: Груевски МОРА да одговара за безобѕирното однесување и масовната злоупотреба на буџетските средства. Ако Специјалниот обвинител не успее да ја докаже неговата вина по многу основи, верувам дека тоа ќе се случи натаму во процесот на интеграција на Македонија во Европската унија, по теркот на Хрватска со Санадер.

Лично сметам дека кај Груевски не е доволно само да се констатира вина во законската постапка. Во неговиот случај, Македонија мора да покаже капацитет за конфискација на имотот стекнат на криминален начин со масовна злоупотреба на буџетските средства. Само така македонските граѓани ќе можат да поверуваат дека има надеж за оваа држава и дека оваа политичка криза може да роди нешто добро за сите слободоумни и чесни луѓе во Македонија.

РеволуционерМк: Долго време работите во НВО сектор, пред извесно време од позиција на извршен директор на Македонскиот центар за европско образование истакнавте дека ИПА фондовите се неуспешна приказна во Македонија? Дали и денес сте на тоа мислење?

Димова: Она што го кажав пред многу години од позиција на извршен директор на невладина организација важи и денеска. Дури можам да кажам дека денеска е многу полошо. Програмирањето на претпристапната помош на ЕУ бара посветеност на реформите и одредено ниво на експертиза. Фактот дека денес се програмира за проекти кои ќе се случуваат по 6 или 7 години зборува колку е битно да имате кристално јасна слика каде и како ќе се движи државата напред. Владата на Груевски – и нејзината сестринска институција Собранието – ги менуваат законите со светлосна брзина. Тоа реално покажува дека ниту знаеме каде одиме, ниту знаеме што правиме. Некои закони, пак, се донесуваат за да влезат во сила дури по стапувањето во членство во ЕУ. Се користат оскудните ресурси на државата за да се донесуваат закони кои можеби никогаш нема да влезат во сила.

Друг доказ за ограничените способности на владата на Груевски е фактот дека и по 8 години на спроведување на ИПА, се уште Македонија не раководи целосно со европските пари (децентрализирано управување). Имено, кај II компонента за Прекугранична соработка, Македонија се уште нема добиено акредитација од Брисел.

За жал – или за среќа – во Европа не гледаат ТВ Сител, па оттука отсуството и на признанието за напредокот на Македонија.

РеволуционерМк: Колку пари останаа неискористени за Македонија и што се губи Македонија во лавиринтот што ни го исцрта владата на Груевски?

Димова: Заклучно со декември 2014 година, Македонија врати во Брисел околу 65 милиони евра неискористени пари што е околу 10% од вкупниот износ што го имаме на располагање. До крајот на 2015 година ќе биде уште полошо, бидејќи ќе се изгубат дополнително пари.

Да потсетам дека станува збор за неповратни средства кои нема да мора да ги враќаат нашите синови, ќерки и внуци. Ова покажува дека на Груевски му е полесно да земе кредит отколку да спроведува реформи со неповратната помош од ЕУ.

Некадарноста на Владата на Груевски се гледа и од програмираните проекти. Додека Хрватска во делот на III компонента за регионален развој реши да направи посебен фонд за иновации од каде што финансира универзитети, научни институции, истражувачки центри, невладини организации, образовни установи, бизнисмени итн., Македонија прави неколку поголеми проекти и тоа во Прилеп (а консултантските фирми ги сместува во приватната куќа на поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиевски од кои добива солидна кирија). Фондот за иновации Македонија реши да го финансира со кредит од Светска банка.

Целото интервју прочитајте го тука.