ИНТЕРВЈУ со генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак: Најголем предизвик се ограничувањата за патување на македонските граѓани во ЕУ

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Авиосообраќајот бавно ќе закрепнува, не само на македонските аеродроми туку и авио бизнисот на светско ниво. За да се вратат на нивоата пред кризата, на скопскиот и на охридскиот аеродром ќе им бидат потребни неколку години, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак во интервју за „Локално“.

Од 10-ти декември се очекува повторно враќање на голем број линии на Визер, а од утре (7-ми ноември) од Охрид ќе се лета за Цирих.

– Нашиот најголем предизвик не е стравот од заразување при патување со авион бидејќи патниците ги почитуваат заштитните мерки, туку ограничувањата за патување за македонските граѓани што се наложени од страна на земјите –членки на ЕУ, вели тој.

Постои глобална авијациска иницијатива предводена од Меѓународниот совет за аеродорми (ACI) и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) со која се повикува на глобален пристап кон тестирањето меѓународни патници како алтернатива на мерките за карантин.

Се надеваме, вели Батак, дека владите низ целиот свет и воздухопловните власти на ЕУ ќе слушнат за иницијативата и ќе преземат брз чекори за поддршка на воздушниот сообраќај.

– Вистинските менаџери мора да имаат капацитет да ги водат луѓето и бизнисот кога работите одат лесно ,но и во тешки ситуации. За време на криза,вели Батак, лидерите го покажуваат своето вистинско лице, истакна генералниот директор на ТАВ Македонија.

По 10 години работа на македонскиот пазар како дел од највисокиот менаџмент на ТАВ Македонија , доаѓате на позицијата генерален директор на компанијата. Стартот на оваа престижна и многу одговорна функција е обележан од КОВИД кризата. Дали товарот на одговорноста ќе биде потежок од вообичаениот?

– КОВИД-19 предизвика невидена криза за општествата ширум светот. Се соочивме со терористичките напади од 9 септември, војни, финансиската криза во 2009 година, вулкански ерупции во 2010 година, заразни болести како САРС, МЕРС, Ебола, но ниту една од овие минати кризи немала ваквo огромно влијание врз економиите.

На светско ниво, авијацијата како економски сектор е најнегативно погоденa од КОВИД-19. Штетите допрва ќе се бројат, а последиците сигурно ќе бидат присутни во следните неколку години. Следствено на тоа, ТАВ Македонија се соочува со тежок период поради КОВИД-19.

Како менаџер јас сум тука да се справaм со ситуацијата, без разлика колку е непријатна. Вистинските менаџери се одговорни и на нив може да се смета во секоја поединечна ситуација, тие мора да имаат капацитет да ги водат луѓето и бизнисот кога работите одат лесно, но и во тешки ситуации.

Покрај фактот што сега јас сум генералниот директор, дури и кога бев на функцијата на заменик генерален директор, и менаџер за финансии, на почетокот кога ТАВ Аеродроми дојде на пазарот, јас бев постојано инволвиран во процесот на носење на сите главни одлуки во компанијата. Така функционира нашата структура на управување. Водењето и носењето одлуки секогаш вклучува одговорност. Апсолутно не чувствувам поголем товар или потешкотии во овој момент. Дополнително, верувам дека лидерите го покажуваат своето вистинско лице токму за време на криза. Оттука, заедно со мојот тим на менаџери вложуваме повеќе напори во наоѓање на најдобрите решенија за секој аспект на моменталната состојба во која се наоѓа нашиот бизнис.

Доколку интервјуто го водевме во периодот пред пандемијата, логично и прво ќе беше прашањето за вашата визија во однос на ТАВ. Патеката зад Вас е достојна за почит, бидејќи под водство на компанијата, скопскиот аеродром пет пати по ред ја добива наградата за Квалитет на аеродромски услуги (ASQ) од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI). Кои се плановите и амбициите пред Вас?

– Наградата за Квалитет на аеродромските услуги (ASQ) од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) што скопскиот аеродром ја доби за 2019 година, по петти пат, е доказ за нашата постојана заложба кон подобрување и усовршување на аеродромските услуги. Пред 2019 година, наградата ја добивме и за 2012, 2013, 2015 и 2018 година. Оваа награда се доделува врз основа на мислењето на нашите патници во заминување. Се мери преку анкети кои се спроведуваат со патниците додека тие чекаат за нивниот лет.

Затоа, овој успех со ASQ наградата не е случаен. Заедно со брзиот пораст на авиосообраќајот што се случи во изминатите 10 години, како резултат на проширувањето на мрежата со авиолинии, инвестиравме многу подобрување на квалитетот на системот на управување, а со тоа се подобрија и нашите услуги. Тоа беше паралелен процес и доколку го земеме предвид фактот дека бизнисот ни беше во експанзија, тоа не беше лесно да се постигне.

ТАВ Македонија е компанија што е сертифицирана со ISO стандардите, и тоа ISO:9001 (Систем за управување со квалитет), ISO 10002 (Систем за управување со жалби) и ISO:14001 (Систем за управување со животна средина), што значи дека ние постојано работиме на подобрување на нашите услуги секоја година.

Како компанија во услужната дејност, односно индустрија, ние сме фокусирани на клиентот и работиме напорно за да направиме соодветна анализа на сите коментари, критики, предлози и жалби од нашите клиенти (авиокомпании и патници), преку системот за односи со клиенти што го имаме воспоставено, преку кој се собираат податоци од електронската адреса customer.mk, веб-страницата, анкетите за задоволство на патници, формуларите за коментари од патници, социјалните медиуми, па дури и од усни забелешки. Ги мериме собраните податоци од сите овие извори и доаѓаме до решенија за подобри аеродромски услуги со цел да ги задоволиме потребите на нашите клиенти. Оттука, нашите планови во однос на ова ќе продолжат во иста насока. И покрај кризата, ние ќе продолжиме со подобрување и усовршување на нашите услуги, со воведување нови аеродромски содржини што ќе го подобрат целокупното искуство на патниците.

Двата македонски аеродрома беа затворени од март до јули, а оттогаш до сега работат по нови правила и со драстично редуцирани летови. Како се спроведуваат протоколите за патување?

– Додека Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид беа затворени, од средината на март до јули 2020 година, ТАВ Македонија подготви аеродромски пандемиски протокол во кој се опишани сите превентивни мерки што се преземени на аеродромот за заштита на вработените и на патниците. Овие мерки опфаќаат интензивирани активности за одржување хигиена, дезинфекција и санитација, потсетници и ограничувања за одржување на пропишаното физичко растојание и промовирање на бесконтактни процедури и постапки за патниците. На патниците им се мери телесна температура со термална камера која што ја набавивме и ја поставивме на влезот во терминалната зграда, а носењето маска е задолжително, додека влезот во терминалот е дозволен само на патници, но не и за оние што испраќаат или пречекуваат некого. Новиот аеродромски здравствен протокол има за цел да спречи внес на вирусот во терминалната зграда, од моментот кога патникот влегува внатре, сè до неговото качување во авион и заминување.

Имавме медиумска кампања со цел да ги известиме патниците и целата јавност за новите мерки пред повторното отворање на двата аеродрома на 1 јули и во првиот месец од работењето после повторното отворање. Новиот протокол за патување го споделивме преку сите можни канали за комуникација – интервјуа и изјави во конвенционални медиуми (телевизија, радио, весници, новински портали), дигитални содржини за социјалните медиуми, печатени табли, банери и флаери поставени на највидливите места на аеродромот, како и преку директна комуникација со патниците кои ни се обраќаат со прашања преку електронската пошта за грижа за клиенти и приватни пораки на социјалните медиуми. Нашата цел со кампањата беше патниците да бидат информирани уште пред да пристигнат на аеродром. Тие се навикнаа на новите мерки многу брзо, така што во последниве 5 месеци новите мерки станаа рутина за нив. Патниците ги почитуваат новите протоколи за патување на аеродромите во Скопје и Охрид.

Авиосообраќајот во земјите од ЕУ речиси и да не постои во споредба со 2019 год. Еуростат објави катастрофален пад на оваа исклучително важна стопанска гранка. Податоците говорат дека во првиот квартал од годинава во земјава бројот на превезени патници бил намален за 16 %, а во вториот квартал 100 %. Дали веќе ги имате бројките за тоа како коронакризата влијаеше врз авиосообраќајот во третиот квартал?

– Точно, европскиот воздушен сообраќај е драматично намален поради КОВИД-19. Иако Македонија не е земја-членка на ЕУ, ниту пак нашиот пазар ги има истите карактеристики како пазарите на ЕУ (ние сме брзо растечки пазар во развој, наспроти пазарите на ЕУ кои се зрели пазари), поради фактот што повеќето дестинации од двата македонски аеродрома се во ЕУ, забраните за патување КОВИД -19 воведени од ЕУ за македонските граѓани силно влијаат врз македонскиот воздухопловен пазар.

Во првите 9 месеци од 2020, јануари – септември, ТАВ Македонија има 69% намалување во патничкиот сообраќај. Оваа година, во првите 9 месеци имавме само 632.581 патници на двата македонски аеродрома, споредено со истиот период во 2019 година кога имавме 2.052.829 патници.

Само во јули имавме 78% пад во патничкиот сообраќај, во август -76%, а во септември -78% пад во патничкиот сообраќај, мерено на месечно ниво во однос на истите месеци од 2019 година.

Актуелната ситуација со корона вирусот во Европа и светот не дава знаци на оптимизам дека во зимскиот период работите ќе се придвижат во позитивна насока, односно дека ќе продолжи патувањето на луѓето, летовите масовно ќе продолжат да се откажуваат, ќе растат трошоците за компензација на неискористените авиобилети. Колкави се загубите од работењето на ТАВ досега и како очекувате да ја завршите годинава?

– Прво, би сакал да појаснам дека најголемиот предизвик за македонскиот воздушен сообраќај во моментов не е стравот од заразување при патување со авион. Иако, на почетокот, мислевме дека овој психолошки фактор ќе влијае врз закрепнување на воздушниот сообраќај, бевме сведоци на различна состојба во текот на летните месеци, кога имавме полни чартер-летови од скопскиот аеродром до некои од туристичките дестинации во Турција. Слично е со летовите до најпопуларните европски дестинации, кои имаат добар процент на исполнување на капацитетот на авионите. Ова покажува дека луѓето кои имаат потреба и сакаат да патуваат, не се плашат од вирусот. Тие ги почитуваат мерките на претпазливост, ги преземаат потребните заштитни мерки и патуваат по воздушен пат.

Но, нашиот најголем предизвик се ограничувањата за патување за македонските граѓани што се наложени од страна на земјите-членки на ЕУ. Имено, граѓаните со македонски пасоши не можат да влезат во ниту една држава од ЕУ, освен ако не се есенцијални работници (најчесто се однесува на медицински работници) или имаат одреден тип на виза (зависи за која држава се работи). Дополнителен проблем е фактот дека различни ЕУ држави имаат воведено различни рестриктивни политики поради КОВИД-19. Нема координиран пристап кон проблемот во ЕУ и тоа ги засега сите земји лоцирани во географска Европа и пошироко.

Ова е надворешен фактор што ние како аеродромски оператор не можеме да го ублажиме.

Постои глобална авијациска иницијатива предводена од Меѓународниот совет за аеродроми (ACI) и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), кои заедно повикаа на глобално-конзистентен пристап кон тестирање на меѓународни патници како алтернатива на мерките за карантин. Согласно предлогот на овие организации, владите мора да соработуваат за да се отстранат рестрикциите за карантин и да се започне патувањето со авион. Систематски пристап за тестирање за КОВИД-19 ќе даде ефективен начин за владите да бидат сигурни за повторно да ги отворат на границите без воведување карантин.

Во однос на финансиското работење, ние немавме приходи цели 3,5 месеци, од средината на март до 1-ви јули, кога повторно ги отворивме аеродромите. Сега патничкиот сообраќај е намален за 69%, следствено, нашите приходи се намалени, додека трошоците сè уште остануваат исти, а некои се дури и зголемени. Од финансиска гледна точка – ние се трудиме да преживееме, да останеме ликвидни и да вршиме редовни исплати кон сите засегнати страни.

Во ситуација кога секојдневно се зголемува бројот на заболени и починати од коронавирусот, реални се и очекувањата дека може да се повтори ситуацијата од март кога беа одложени речиси сите летови во Европа и светот. Дали и како се подготвувате за такво сценарио?

– Се подготвуваме за најлошото, но се надеваме на најдоброто. Како компанија која е дел од Групацијата ТАВ Аеродроми, еден од водечките аеродромски оператори на светско ниво, ТАВ Македонија ги има разработено сите сценарија. Го имаме искуството и од другите аеродроми во рамки на групацијата и секаде се бележи значаен пад во патничкиот сообраќај. Не очекуваме повторно целосна блокада на воздушниот сообраќај, бидејќи општествата не можат да функционираат, економиите не би преживеале уште едно долго нарушување на авионскиот превоз.

Се надеваме дека владите низ целиот свет ќе ја слушнат гореспоменатата иницијатива преземена од IATA и ACI, како и другите воздухопловни власти на ЕУ и ќе преземат брзи заеднички чекори што ќе го поддржат закрепнувањето на воздушниот сообраќај.

Неспорно е значењето на ТАВ и авиосообраќајот за македонската економија.Доколку ја искористиме метафората за што пореален приказ на работите, односно ако во ТАВ ги препознаеме “крилјата” на македонскиот туризам, каква би била вашата проценка за “нивниот актуелен распон”?

– Ајде да размислуваме за аеродромите како за движечка сила на целата национална економија, не само на туризмот и туристичкиот аспект на индустријата. Истражувањата на Меѓународниот совет на аеродроми покажаа дека за секои 1 милион патници кои патуваат преку еден аеродром, 3.000 нови работни места се создаваат – директно на аеродромите и индиректно во полето на туризмот и угостителството и сите сродни и блиски индустрии. Ова покажува колку позитивно влијание може да има еден брзорастечки аеродром врз целата економија и обратно – негативното влијание што може да го има неговиот пад врз туристичкиот сектор и целата економија.

За време на експанзијата во изминативе 5 години, двата македонски аеродрома не беа само порта за патувања на македонските граѓани, туку и порта за влез на туристи во доаѓање во Македонија. Охридскиот аеродром цветаше со холандски, белгиски, англиски, израелски, италијански, германски, полски, турски, швајцарски туристи кои ги полнеа туристичките капацитети од април до октомври. Сега, сите овие авиолинии, како и дел од атрактивните дестинации од Скопје, или се откажани или се со драстично намалени фреквенции, поради ограничувањата за патување во ЕУ.

Дали ТАВ искористи некоја од владините мерки за помош на стопанството од последиците од коронавирусот? ( која и во колкав обем?)

– Поддршката на Владата како наш партнер е од огромна важност за закрепнување на воздушниот сообраќај. Имајќи ги предвид сите предизвици со кои се соочува авијацијата на глобално ниво и ограничувањата за патувања во ЕУ за македонските граѓани, како аеродромски оператор, се обидуваме да преживееме. Ние сме економскиот сектор што е најнегативно погоден.

Со оглед на фактот дека немавме приходи, а нашите финансиски обврски сè уште стоеја со месеци додека бевме затворени, аплициравме за мерките на Владата, со првиот пакет економски мерки, ги исполнивме условите и искористивме дел од субвенциите, според пропишаните правила, со следење на сите закони и прописи.

Светските авиокомпании а особено нискобуџетните укинуваат работни места, затвораат регионални канцеларии, ги намалуваат платите на директорите, не исплаќаат бонуси, а на работниците кои не работат директно на летовите, им нудат доброволен план за заминување во првата половина од 2021 година.Каква е состојбата со вработените во ТАВ и дали нешто може да го доведе во прашање планот за вложувања и инвестиции?

– Во моментов, се трудиме да го одржиме бизнисот во живот. Се трудиме да ги исполниме навремено финансиските обврски, во ситуација на драматичен пад на приходите. Затоа, сите дополнителни инвестиции кои беа планирани пред кризата со КОВИД-19, сега се стопирани, додека не се опоравиме од овој огромен удар.

Поради намалениот број на патници сите аеродроми имаат пад на приходите и раст на трошоците. Но истите тие најавуваат обновување на авиолиниите од март 2021 . Дали и колку е тоа реално за македонскиот авиосообракај? Колку години според Вас , ќе бидат потребни за да се достигне нивото пред пандемијата?

– Неблагодарно е да се предвидува било што од оваа гледна точка, особено затоа што главниот фактор на ограничување за закрепнување на македонскиот воздушен сообраќај – ограничувањата за патување во ЕУ, не зависи од нас како оператор на аеродромот.

Покрај овој предизвик на локалниот пазар, треба да ги земеме предвид и сите предизвици што КОВИД-19 ги предизвика на авијацијата ширум светот. Авиокомпаниите се соочуваат со внатрешни промени, предизвикани од КОВИД-19, а тоа создава глобално репозиционирање на нивните мрежи со дестинации, што е во согласност со ограничувањата за патување на различните пазари.

Очекуваме бавно закрепнување на авиосообраќајот, не само на македонските аеродроми, туку и за целокупниот авио-бизнис на светско ниво. Ќе бидат потребни неколку години за скопскиот и охридскиот аеродром да се вратат на нивоата на патнички сообраќај што ги имавме пред кризата.

Иако летната сезона заврши и покрај короната и пречките што ги донесе епидемијата, се уште може да се патува со авион.Каде патуваат македонските патници? Кои се актуелните дестинации во моментов? Колку патници патуваат?

– Моменталните дестинации од скопскиот аеродром се: Истанбул, Виена, Загреб, Белград, Цирих, Малме, Базел, Лондон, Дортмунд, Минхен (Меминген), Гетеборг, Ајндховен, Франкфурт, Стокхолм, Келн, Фридрихшафен, Хамбург, Нирнберг, Берлин, Копенхаген, Турку. Според најавите на Визер, од 10-ти декември тие треба повторно да ги вратат линиите до Братислава, Париз, Малта, Баден-Баден, Брисел, Будимпешта, Рим, Венеција и Милано.

Од аеродромот во Охрид во моментот е оперативен само Цирих (од 7-ми ноември), додека од средината на декември најавено ни е дека повторно ќе се лета и до Лондон, Базел, Малме, Виена и Дортмунд.

Сепак, треба да се земе предвид дека поради КОВИД-19, авиокомпаниите многу често го менуваат редот на летовите, така што сите најави може да претрпат промена.

Во октомври 2020 година, имавме 54.941 патници на скопскиот и охридскиот аеродром заедно. За споредба, во октомври 2019 година имавме вкупно 238.819 патници на двата македонски аеродрома.

Се уште се прават анализи во однос на тоа за кои проекти ќе се искористат планираните 49,7 милиони евра со кои требаше да се изгради карго аеродормот во Штип.Дали можете да ни откриете некои детали од договорот за пренамена на парите?

– Како што веќе изјавивме во септември 2020 година, по состанокот со Министерот за економија, со Владата ги дискутиравме правните аспекти за пренамена на средствата планирани за изградба на карго-аеродромот во Штип. Имавме претходни средби помеѓу Премиерот и Министерот за транспорт и се надеваме дека наскоро ќе најдеме правна рамка за пренаменување на овие средства во други проекти кои ќе бидат од интерес за македонската јавност. Се согласивме со Владата дека е подобро да се пренаменат парите за проекти кои ќе создадат придобивки за сите граѓани, наместо да ги вложуваме парите во изградба на карго аеродром во Штип, кој нема економска профитабилност и нема позитивно да придонесе за економијата на земјата. Кога ќе се заврши правната рамка, од Владата треба да добиеме список со проекти.

Кризата во авиосообраќајот и намалениот број на патници неминовно се одрази на приходите на македонските аеродроми.Оттука прашање кое само по себе се поставува е дали ТАВ како концесионер на аеродромите во вакви услови може да ги исполни своите обврски кон државата или пак таа обврска е одложена?

– И покрај сите ограничувања и пречки, ние се обидуваме да го одржиме бизнисот во живот со одржување на готовинскиот тек, редовна исплата на сите наши засегнати страни, вклучително и на нашите вработени.

Б.М.

Слични содржини