Интервју со Исени: Политиката нека го прави своето, но време е нејзините носители да се насочат кон приоритетите

од Vladimir Zorba
576 прегледи

Бизнисмените предупредуваат дека во ситуација на криза и континуирано растечка инфлација, на економијата најмалку и требааат политички превирања, најави за блокада на Собранието или барања за предвремени избори.

Според извршниот директор на Стопанската комора на северо-западна Македонија, Дрилон Исени, економските капацитети се „изморени“ од сите овие случувања во последните години и не им оди во прилог политичка криза која дополнително ќе ја забави ефикасноста на институциите.

Ситуацијата е сериозна и доколку дојде до нејзино продлабочување  ќе имаме многу негативни појави, особено на макроекономски план’’, вели Исени во интервју за „Локално“.

Потсетува дека приватниот бизнис е најголем рабододавач во земјата , па оттука според него ситуацијата налага што побрзо враќање на позитивната траекторија на позитивен раст, што во пракса значи задоволување на потребите на пазарот и на работниците со цел да се зачуваат работните места, но  и да се намали ефектот на увезената инфлација.

Во вакви услови, Исени како приоритетна потреба ги посочува функционалните институции и државни органи, особено Владата и собранието.

„Не смееме да дозволиме да се најдеме во ситуација во која што треба да се преземе некоја мерка, а нашиот парламент да не биде функционален. Сметаме дека политиката покрај своите агенди, треба да го има предвид општиот интерес на земјата“, заклучува Исени.

Какви се реакциите на стопанствениците по најавата дека опозицијата почнува активна блокада на собранието?

-Бизнисите веќе две години трпат загуби, преминувајќи од една криза во друга. Моментално земјата се соочува со најголемата економска криза после пандемијата, кризата со енергенсите и глобалната криза предизвикана од конфликтот во Украина. Стапката на инфлација во Македонија во месец април достигна на 10. 5%, а сеуште постои неизвесноста на тоа кој  ќе биде епилогот на овие кризи кои една по друга ја погодија тешко нашата но и светската економија.

Имајќи предвид дека бизнисот е во тешка ситуација, на земјата и требаат функционални институции и државни органи, особено владата и собранието кои што се клучни во вакви кризни ситуации. Не смееме да дозволиме да се најдеме во ситуација во која што треба да се преземе некоја мерка а нашето собрание да не биде функционално. Сметаме дека политиката покрај своите агенди, треба да го има предвид општиот интерес на земјата.

Кои закони од економската сфера можат да станат “заложници” на ваквиот потег ?

-За жал, во последните девет месеци, сме сведоци на тоа што владата донесуваше одлуки без претходна консултација со бизнис заедницата. Исходот на тоа го знаеме. Сето тоа ја чинеше многу  економијата и за жал некои од тие мерки подоцна беа ревидирани поради нашата реакција како комора. Последниот случај беше со замрзнување на трговската маржа на основните производи која што и нанесе штета на бизнисот но и на економијата во целост, па потоа истото се промени и беа замрзнати цените на нето добивка на тие производи. Таа одлука е важечка до 31 мај, што значи дека треба да имаме собрание и институции кои ќе треба да имаат проактивен пристап и да се консултираат со бизнисот, и потоа да донесат соодветна одлука. Освен тоа, свесни сме за димензиите на енергетската криза и токму поради таа криза ќе требаа сите чинители да бидат подготвени за соработка која што ќе резултира со одлуки кои ќе ја помогнат економијата во аспект на намалување на ефектите или надминување на кризата.

Што ќе значи тоа за стопанството и бизнисите воопшто, а што ќе значи за работниците?

-За жал нашите економски капацитети се многу „уморни„ од сите овие случувања во последните години и не им оди во прилог политичка криза која дополнително ќе ја забави ефикасноста на институциите. Истотака ќе ја демотивира активната економија, односно бизнисот. Сепак, приватниот бизнис е најголемиот работодавач во земјата, но истотака е столб и мотор на економијата. Доколку сакаме да се вратиме на позитивната траекторија на економски раст и развој, треба да постапиме соодветно на тоа што го бара пазарот но и работниците, во смисла на тоа да се зачуваат работните места и да се намали ефектот на инфлацијата, бидејќи инфлацијата е увезена.

Tрадиција и според некои експерти лоша пракса во земјава е, да се одржуваат предвремени избори. Доколку се реализира ваквото барање на опозицијата, стравувате ли дека тоа ќе ги оптерети дополнително бизнисите кои со години функционираат во кризни услови?  

-Вообичаено предвремените парламентарни избори се случуваат во периоди на политичка криза. Овие предвремени избори се особено проблематични бидејќи на нашата земја и недостига долгорочна економска стратегија која би ја водела економијата во вистински правец, без оглед на тоа кој е на власт или дали има политичка криза.

Сведоци сме на тоа дека во последно време, сите удари на крај паѓаат врз грбот на бизнисот кој и покрај многуте ограничувања и предизвици продолжува да оперира, додека од другата страна неговата дејност не е многу потпомогната од страна на институциите. Ситуацијата е сериозна и доколку се продлабочуваат кризите ќе имаме многу негативни појави особено на макроекономски план.

Имаме веќе намалени директни странски инвестиции во последните две години, исто така пописот докажа дека имаме енормно иселување на работната сила, во 2021 година имавме рекорден број на затворени компании, висока стапка на инфлација а поради сите овие причини многу компании се во работ на егзистенција. Политиката нека го прави своето, но сметаме дека е време нејзините носители да се насочат кон она што треба да ги претставува приоритетите.

Што најмногу страда во услови на блокади и предвремени избори?

-Успорување на веќе бавната администрација е првиот ризик кој ни оди на памет кога се спомнуваат предвремени парламентарни избори. Исто така,како проблем се наметнува и евентуално пролонгирање или целосно анулирање на економските проекти и програми предвидени во буџетот и од сегашниот состав на владата. Треба да имаме предвид дека изборите се добиваат со економски програми и проекти, а според традицијата, не секогаш програмите од постојната влада се пренесени кај новата.

Ние како економија страдаме и од феноменот што немаме континуитет на реализација на стратегиите кои се носат за среднорочен и долгорочен план. Доколку оваа појава се елиминира, тогаш предвремените избори ќе бидаат проблематични но не во таа мера во која беа во претходните случаи. Сепак ова многу ќе зависи од тоа дали нашата земја ќе крои долгорочна економска стратегија која не само што ќе ги идентификува клучните потреби на нашата економија, туку и и трендовите на иднината на економијата кои ќе бидат во тек со глобалните промени.

 

Слични содржини