Влегов во овој предизвик многу искрено, со цел да се делува за подобар живот на лица со посебни потреби, лица со попреченост и сите категории на маргинализирани лица. Колку и да се зборува за „општество за сите“ ние воопшто не го чувствуваме, дотолку повеќе што ниту една институција, ниту еден тротоар, ниту една улица не ни се ни приближно пристапни според стандардните параметри и потреби, вели во интервју за „Локално“, носителка на листа за советници во Град Скопје од „Коалицијата за зелена иднина“ во Град Скопје, Ана Карајанова Димитрушева.
Таа посочи дека без размислување го прифатила предлогот од „Коалицијата за зелена иднина“, затоа што цело време се форсира тезата „сите сме еднакви“, а ниту во централната, ниту во локалната власт не се застапени лица со попреченост и нивниот глас не е воопшто слушнат.
-Секако, имам многу искуство како претседател на пациентско здружение и вработена сум во една од единиците на локалната самоуправа и сега дојде моментот каде би можела да ги реализирам моите потенцијали од кои корист би имале лицата со посебни потреби, лица со попреченост и други категории на маргинализирани лица. Ние не сме невидливи и јас сум тука да бидам гласот на сите нив, напомена Карајанова Димитрушева.
Како што потенцира, претставници на централната власт се вклучуваат во кампањата за локалните избори, иако не им е таму местото.
Карајанова Димитрушева е на ставот дека партиите потфрлија во поставувањето на приоритетите – поважни им се столчињата и фотелјите во кои што седат отколку зелените политики и основното човеково право на чист воздух.
-Ќе бидам гласот на сите лица со посебни потреби, попреченост, маргинализирани и невидливи за системот, бидејќи сметам дека е крајно време директно, од паталец да се слушнат потребите и да не оставаме гаталец да ни сервира решенија кои реално не одговараат и не се применливи за нашите потреби, додава Карајанова Димитрушева.
Какви се вашите досегашни импресии од изборната кампања – дали е таа фер и демократска?
Лично сметам дека максимата „целта ги оправдува средствата“ веќе не се однесува само на војна, туку е унифицирана и се применува и на ова поле. Јас првпат се среќавам со ваква „борба“ во политичката арена и искрено влегов за да покажам дека и лицата со мултипла склероза (и општо лицата со попреченост) можат да придонесат во менувањето на нашето општество. Но гледам дека вообичаените политички актери нивните кампањи ги водат повеќе со празни ветувања (како и во изминатите 30тина години) отколку со реални и искрени заложби за подобро утре на сите нас.

Фото: Архива на Ана Карајанова Димитрушева
Зошто правник со две децении искуство и предводничка на пациентско здружение за лица со мултипла склероза се решава да влезе во Совет на Град Скопје? Кои се вашите мотиви?
Од „Коалицијата за зелена иднина“ ми дадоа предлог кој го прифатив без размислување, бидејќи едноставно цело време се форсира тезата „сите сме еднакви“, а ниту во централната, ниту во локалната власт не се застапени лица со попреченост и нивниот глас не е воопшто слушнат. Секако, имам многу искуство како претседател на пациентско здружение и вработена сум во една од единиците на локалната самоуправа и сега дојде моментот каде би можела да ги реализирам моите потенцијали од кои корист би имале лицата со посебни потреби, лица со попреченост и други категории на маргинализирани лица. Ние не сме невидливи и јас сум тука да бидам гласот на сите нив.
Каде ги гледате најголемите проблеми во изминативе десет дена – дали тоа се партиските препукувања до степен на навреди, говорот на омраза, тврдокорниот национализам, или генерално неинвентивните решенија за граѓаните?
Проблемите содржани во прашањето чинам не се од пред десет дена, мислам дека ни се секојдневие кое се провлекува со години. Искрено се надевам дека ќе престанеме со надмудрувања и навреди, бидејќи очигледно никој нема никаква корист и поубав живот од сето тоа и ќе се свестиме дека граѓаните се тие кои ни ја даваат довербата, а ние како избрани претставници од граѓаните треба тоа да го оправдаме и да обезбедиме подобар живот, бидејќи ако биде за сите добро, секој поединечно ќе ги види благодетите. Така ја водиме и кампањата на „Коалицијата за зелена иднина“ – се залагаме за бенефитот на сите, а не на поединци. Се залагаме за чиста животна средина, се залагаме за социјална правда за сите, се залагаме за пристап до еднакви права и можности за сите. Различни сме, но сепак еднакви со сите.
Зошто, по ваше мислење, лидерите на големите партии ги „превземаа“ кампањите во свои раце и оставаат малку место во медиумскиот простор за кандидатите за градоначалници? Дали е ова подготовка за предвремени парламентарни избори?
За жал, прво што согледав е дека малку ги измешале лончињата – претставници на централната власт се вклучуваат во кампањата за локалните избори, иако не им е таму местото. Тоа е, благо кажано, недолично и спротивно на насоката во која што треба да одиме како општество: да им оставиме на граѓаните самите да одлучуваат а не да доаѓаат функционерите како некаков партиски декор. А по однос на второто прашање единствено можам да кажам дека на нашите граѓани и граѓанки им е „стемнето“ од предвремени избори и не гледам зошто партиите од централната власт би ризикувале да влезат во непредвидлива ситуација со планирање и одржување на предвремени избори.
Каде е „Коалицијата за зелена иднина“ во целата оваа борба со „поголемите“? Како ги оценувате вашите шанси на овие избори? Дали „зелените политики“ се оние кои им се најважни на македонските граѓани во моментов?
Јас влегов во овој предизвик многу искрено со цел да се делува за подобар живот на лица со посебни потреби, лица со попреченост и сите категории на маргинализирани лица, бидејќи колку и да се зборува за „општество за сите“ ние воопшто не го чувствуваме, дотолку повеќе што ниту една институција, ниту еден тротоар, ниту една улица не ни се ни приближно пристапни според стандардните параметри и потреби. А освен што се залага за сите овие претходно-наведени сегменти, „Коалицијата за зелена иднина“ високо на агендата ги става и „зелените политики“ кои сметам дека им се најважни на сите наши сограѓани и сограѓанки – а посебно на тие што живеат во Скопје. Од тие причини сметаме дека нашите шанси на овие избори се добри, бидејќи гласачите ја препознаваат нашата искреност. И секако, нашите цели и планови се на долг рок, не потклекнуваме пред предизвиците што се пред нас.
Големи критики има до зелените партии во земјава за сето она што се случува, пред се во главниот град – од депонии, преку аерозагадување и намалување на зеленилото во Скопје, до немање решение за ѓубрето на градот. Иако за дел од тие проблеми немате директно вина, каде потфрлија, по ваше мислење партиите кои главна окупација им се овие теми?
Партиите потфрлија во поставувањето на приоритетите – поважни им се столчињата и фотелјите во кои што седат отколку зелените политики и основното човеково право на чист воздух. Замислете доколку ги оставеа препукувањата во минатото и седнеа сите на иста маса со цел да се најде решение за проблемите со загадувањето. Загадениот воздух сите не’ труе – никој од нас нема резервна животна средина во ова наше измачено Скопје. Од тие причини јас и сите ние во „Коалицијата за зелена иднина“ сме убедени дека можеме да направиме промена, бидејќи едноставно, мораме!

Фото: Архива на Ана Карајанова Димитрушева
Колку минатото на ДОМ, како партија која учествувала во повеќе владини состави со различни партии, би можело да тежи врз давањето глас за Ана Карајанова Димитрушева?
Мене предлогот ми го даде „Коалицијата за зелена иднина“ и токму од таа причина го прифатив. Да бидеме реални, лице што има проблеми со основни работи: пристап на тротоар, неможност да користи превоз, неможност да пристапи до банка, театар, суд, образовна или здравствена институција не сметам дека се заморува со партиски платформи и владини состави. Тоа што сакам да го постигнам е да се решат овие елементарни проблеми и конечно лицата кои се соочуваат со вакви предизвици, кои другите не ги ни приметтуваат, да имаат достоинствен живот. А Зелената партија ДОМ веќе повеќе од една година е отворена за соработка и директно вклучување на граѓански активисти како и на искрените и прогресивните партии како што е Движењето за демократија, правда и слобода – тоа е најважното нешто за мене поврзано со ДОМ и нивната сегашност (минатото не можеме да го „коригираме“).
Кои се вашите главни приоритети кои ќе ги „туркате“ во новиот Совет на Град Скопје?
Ќе бидам гласот на сите лица со посебни потреби, попреченост, маргинализирани и невидливи за системот, бидејќи сметам дека е крајно време директно, од ПАТАЛЕЦ да се слушнат потребите и да не оставаме ГАТАЛЕЦ да ни сервира решенија кои реално не одговараат и не се применливи за нашите потреби. Јас сум првото лице со посебни потреби што предводи советничка листа за Градот Скопје (или било која друга општина) и својата уникатност ќе ја искористам за подобрување на животот на сите во нашето Скопје.
Б.Т.