Дали безбедноста и здравјето при работа е потреба или обврска, како се гради и како се постигнува безбедна и здрава работна средина, и какви се ефектите, односно како тоа влијае врз вработените?
Кога се зборува за безбедноста на вработените и за стандардите, се зборува за динамичен и секојдневно променлив интердисциплинарен пристап што опфаќа многу повеќе од заштитна опрема, заштитен шлем и ракавици.
За развојот на тенденциите и растечките стандарди во создавање здрава и безбедна работна атмосфера разговараме со Владо Кочоски, Директор за безбедност и здравје при работа во Макстил, компанијата каде безбедноста се развива и надградува на дневно ниво.
Кои активности се преземаат за подобрување на Безбедноста и здравјето при работа во Макстил како поголеми инвестиции, а кои во континуитет?
-Безбедноста при работа е едно од основните права кои се загарантирани со Уставот на Република Македонија, кое понатаму се доуредува со законски и подзаконски акти, а со цел чување и унапредување на безбедноста и здравјето на работниците. Безбедноста и здравјето при работа е динамична и секојдневно променлива интердисциплинарна струка која мора да ги следи трендовите во индустријата и новите достигнувања. Еден од главните приоритети во делувањето на Макстил е посветеноста за континуирано подобрување на безбедноста и здравјето на нашите вработени, кои придонесуваат кон остварување на компаниските цели.
Веќе неколку години наназад компанијата многу посветено работи на проектот за подигнување на свеста на вработените во делот на безбедност при работа, како еден од најзначајните сегменти од работењето. Овој проект во континуитет опфаќа инвестициски вложувања, изработка на упатства во делот на безбедноста, како и континуирана обука на вработените, сѐ со цел тие да се чувствуваат безбедни при извршувањето на работните задачи. Анализата од спроведувањето на проектните активности покажува значајно подобрување на безбедносниот аспект пред сѐ преку следење на бројот на настанати повреди како основен предуслов и параметар, а кои драстично се намалени во однос на изминатите години од работењето на Макстил.
Минатата година во Макстил го воведовте и ИСО 45001 – Системот за безбедност и здравје при работа, што се постигна со воведувањето на овој систем?
-Професионалниот пристап кон работата, високото ниво на интегритет и посветеност кон професијата, добро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа во еден деловен субјект може да влијае на неговата ефикасност на многу начини. Затоа вредноста од воведување интегриран систем за безбедност и здравје при работа во еден деловен субјект не смее да се потцени.
Како заокружување на целата активност после поминатиот процес на усогласување на документацијата согласно барањата на стандардот ISO 45001:2018, во декември 2022 година успешно е помината надзорната проверка од надворешно сертификациско тело и добиен е сертификат со кој се потврдува дека Макстил го воведе и го применува системот за менаџмент со безбедност и здравје при работа во согласност со барањата на стандардот ISO 45001:2018.
Макстил се стреми да биде успешна компанија, ориентирана на безбедноста, со силен фокус кон клиентите. Ги достигнуваме нашите цели преку инвестирање во технологија, синергија на вештини, знаење и искуство. Секој во Макстил е важна алка од синџирот. Ние не сме само тим, ние сме семејство. Со цел да креираме заеднички раст, ние заедно се движиме напред, преку почитување на нашите вредности и високи стандарди.
Која е вредноста на инвестициите што Макстил ги направи изминатата година за подобрување на Безбедноста и здравјето при работа?
-Во изминатите години, голема посветеност во безбедноста и здравјето на вработените покажа и Одборот на директори на Макстил, преку одобрување на дополнителен буџет за инвестициски вложувања за подобрување на условите за работа и ставање на безбедноста при работа како прв приоритет. Направени се значајни инвестициски вложувања во поглед на безбедноста при работа во изминатите години. Набавени се нови кабини за дигалкари и подобрен пристап до нив, инсталирани се сигурносни линии за безбедно движење и работење на височина, поставени се платформи и патеки за пристап кои се употребуваат при извршување на работните активност, монтирани се безбедносни огради и нови скали за олеснување, подобрување на работите и минимизирање на ризикот како и подобрување на осветлувањето и нова електрична инсталација на дигалкарски патеки. Една од позначајните инвестиции и мерки за заштита на вработените е воведување на LОТО (lock out/ tag out) системот што овозможува дополнителна безбедност во поглед на осигурување дека опасната опрема е правилно исклучена и нема да се вклучи се додека трае процесот на одржување и поправка. Исто така, поставени се нови операторски кабини, вентилациски системи во работилницител, а реновирани се и управните погонски згради.
Во овој поглед и понатаму продолжуваат инвестициските вложувања во безбедноста при работа, зголемување на нивото на безбедност на сите вработени и подобрување на работните услови во погоните.
Што според вас треба да биде во фокусот на Макстил како компанија во металната индустрија, во однос на Безбедноста и здравјето при работа?
-Системите за БЗР се дизајнирани да ги идентификуваат и минимизираат ризиците на работното место. Со оглед на ова, вреди да се има предвид дека должност на работодавачите е да ја осигурат заштитата на здравјето и безбедноста на работниците, како и да се консултираат со работниците и/или нивните претставници и да им се овозможи да учествуваат во дискусиите поврзани со безбедноста и здравјето при работа. Исто така, многу важен дел е да се овозможи средина за создавање на превентивна безбедносна култура на работните места без разлика на полот, возраста, образованието, политичката припадност и останати потенцијално дискриминирачки елементи во секојдневието. Фокусот на безбедноста и здравјето обезбедува можност за подобрување на ефикасноста на деловното работење, како и за заштита на вработените.
Како ја оценувате состојбата во делот на Безбедноста и здравјето при работа во Македонија? Дали практиките од експертите на светско ниво се применуваат доследно и кај нас?
-Безбедноста и здравјето при работа е особено комплексна област, која е од големо значење и која директно засега огромен број вработени. Ако направиме паралела на состојбата во областа на безбедност и здравје при работа во Република Македонија, од донесувањето на Законот за безбедност и здравје при работа од 2007 година до денес, може да се каже дека состојбата сѐ уште не е идеална, но има огромен напредок, благодарение на зголемената свест од страна на работодавците и вработените во однос на овозможување безбедна и здрава работна средина, безбедни и здрави вработени и сигурни приходи од дејноста на работодавците.
Секако, секогаш сите чинители треба да тежнеат за напредок, бидејќи безбедноста и здравјето при работа е жива материја која треба да се негува и унапредува. Особено важно за подобрување на состојбите во делот на безбедноста и здравјето при работа е следењето на современите трендови, стандарди, политики и практики во областа на светско ниво.
Тука ќе ја истакнам и важноста на добрата, ефикасна и континуирана комуникација пред сѐ со соодветните министерства, државните органи, агенции, невладини организации и слично домашни и понатаму во поширок размер соработка и пренесувања на искуства со соодветни организации од други земји, од регионот и пошироко.
Соработка со тела во овој домен, односно комуникацијата со сите фактори кои ги креираат и поставуваат стандардите, меѓу другото и во областа на безбедноста и здравјето при работа треба да биде постојана и континуирана.
Тие се најзначајни во најмала рака партнери, кои обезбедуваат помош и поддршка во активности насочени кон унапредување на состојбите во оваа област. Тие располагаат со навистина огромна експертиза, искуство, материјали, анализи, извештаи, промотивни и други материјали, специфични алатки, кои можеме да ги користиме во имплементацијата на политиките, унапредувањето, а особено во делот на промотивни активности во областа на БЗР.
Направено е многу, но кои се следните проекти во делот на подобрување на Безбедноста и здравјето при работа што се планирани во Макстил АД Скопје, кои уште повеќе ќе ја унапредат работната средина за сите вработени?
-Она што е најзначајно за мене е неопходноста од обезбедувањето на континуитет во унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа, што би требало да биде заедничка и координирана заложба и работа на сите нас кои на каков било начин сме вклучени во креирањето, следењето на имплементацијата на политиките во областа на БЗР. Сите ние заеднички ја споделуваме и одговорноста и обврската да работиме на превенирање на незгодите, повредите и заболувањата поврзани со работата. Мојата визија во рамки на областа, ја поврзувам со обезбедување подобро здравје и поголема безбедност на работата за секој работник, да биде навистина заедничка цел и заложба на сите релевантни чинители и секој, во својот домен и во рамките на своите можности, активно да работи и придонесува за остварување на таа цел за подобрување на состојбите.
За да се оствари сето наведено, а со цел подобрување на безбедноста и здравјето при работа, сите учесници мора да имаат поголема проактивна улога во секојдневното работење во Макстил, како и на поширокото делување во општеството, преку учество и вклучување во креирањето на политиките за безбедност и здравје при работа, но и да ги наметнуваат во секојдневните активности прашањата за создавање на превентивна безбедносна култура на работните места.
Редакција Локално