Интервју со Лабудовиќ: Се обврзувам дека ќе преземам мерки за помалку користење на возилата и помалку загадување од градежните активности

Во првите сто дена дена од мандатот Центар ќе биде исчистен, ќе работиме на системско решение за отпад, вели Лабудовиќ за „Локално“

од Бисера Трајковска
196 прегледи Фото: Мирослав Лабудовиќ

Ќе работиме на системско решение кое ќе дава навремено, организирано и селектирано собирање на отпадот што потоа ќе се депонира на вистинското место. Но, и ќе се преработува на начин што ќе даде бенефит за заедницата. Ќе нема диви депонии, но затоа ќе создадеме повеќе зелени површини – „произведувачи на кислород“, вели во интервју за „Локално“ кандидатот за градоначалник на Општина Центар од партијата ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ.

Во однос на тоа како ќе се справи со загадувањето во Општината, Лабудовиќ вели дека е неопходно да се изгради заедничка и долгорочна стратегија во чија имплементација ќе се вклучат Град Скопје и сите скопски општини.

-Центар е општина која практично целосно е приклучена на централниот систем на греење или, пак, е тоа на струја, со што се елиминира една од големите причини за загадување. Сепак, сметам дека е неопходно да се изгради заедничка и долгорочна стратегија во чија имплементација ќе се вклучат Град Скопје, сите скопски општини, а се разбира и надлежните институции на централно ниво, посочи Лабудовиќ.

Според него, ова е единствениот начин за решавање на овој сериозен проблем.

Коментирајќи ја одлуката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да застане зад неговата кандидатура, Лабудовиќ напомена дека меѓусебната поддршка е целосно соодветна, имајќи во предвид дека е неопходна постојана и ефикасна соработка меѓу институциите на локално и централно ниво.

Во моментов сте заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини, а по професија сте електроинженер. Како дојдовте до одлуката да се кандидирате за градоначалник на Центар?

Центар е составен дел од мојот живот, од моето раѓање до денес. Тој е мојот дом. Роден сум во Дебар Маало, растев и се образував во Центар. Другарував, стекнав животни пријателства, а улиците и тротоарите по кои се движам секое утро, секој ден ми произведуваат емоција еднаква на љубов. Центар за мене никогаш не бил само место, тој е дел од мојот идентитет.

Токму затоа, разочаран сум од тоа како денес изгледа нашата општина. Имам чувство дека хаосот го сотре духот на Центар. И токму тоа чувство ме натера да направам нешто конкретно. Затоа ја прифатив кандидатурата и одлучив директно да придонесам мојата општина да стане подобро место за живеење за сите. Мојата цел е едноставна: Центар да му се врати на граѓанинот. Сакам нашите деца да растат во Центар каков што јас го помнам – зелен, чист, со топлина и заедништво.

Јас искрено верувам дека можам да ги променам работите на подобро, инаку воопшто не би ни влегувал во оваа приказна.

Кои ќе бидат вашите главни приоритети кон кои би се насочиле доколку ја добиете довербата на граѓаните?

Сакам нашата општина да биде срцето на метрополата во секоја смисла на зборот. Со оглед на тоа што во текот на денот фреквенцијата на луѓе во неа е барем двојно поголема од официјална бројка на населението, приоритет ќе биде да ја направиме лесно достапна за секого, без при тоа да има последици за нејзините жители.

Сакам Центар да биде почист, еколошки ефикасен, урбано и плански среден, со повеќе паркинг места и чисти и светли улици. Мојата визија е заедно со Град Скопје да работиме општината да има лесно проточен и уште поважно безбеден сообраќај, и се разбира, квалитетен јавен превоз.

Сакам да го разбудам духот на маалата и да придонесам за додадена вредност на маалскиот живот. Јас силно верувам во него бидејќи убеден сум дека има огромно значење за квалитетот на живот и на децата, но и на возрасните. Помага да се стекнат многу корисни навики на заедништво, поддршка, несебичност. Едноставно речено, сакам Центар да биде огледало на убаво Скопје.

Периодов најактуелен е проблемот со загадувањето, а не изостанува и сметот во кој што се „гуши“ главниот град. Дали вие како кандидат за градоначалник на Општина Центар, предвидувате конкретни мерки поврзани со загадувањето и со подобрување на хигиената?

Во првите 100 дена од мандатот Центар ќе биде исчистен. Истовремено ќе работиме на системско решение кое ќе дава навремено, организирано и селектирано собирање на отпадот што потоа ќе се депонира на вистинското место. Но, и ќе се преработува на начин што ќе даде бенефит за заедницата. Ќе нема диви депонии, но затоа ќе создавме повеќе зелени површини – „произведувачи на кислород“.

Што се однесува до загадувањето – Центар е општина која практично целосно е приклучена на централниот систем на греење или, пак, е тоа на струја, со што се елиминира една од големите причини за загадување. Сепак, сметам дека е неопходно да се изгради заедничка и долгорочна стратегија во чија имплементација ќе се вклучат Град Скопје, сите скопски општини, а се разбира и надлежните институции на централно ниво.

Само така можеме еднаш за секогаш да го решиме овој сериозен проблем. Секако, јас се обврзувам дека на ниво на општина Центар ќе преземам низа мерки кои ќе поттикна помало користење на возилата, помало загадување од градежните активности и борба против сите загадувачи.

Во вашата неодамнешна изјава напоменавте дека приоритет давате на безбедноста во училиштата и во домувањето, но го потенцирате и намалување на сообраќајниот хаос. На кој начин би го постигнале ова?

Со системски и одржливи решенија кои ќе бидат имплементирани што е можно поскоро, во соработка со полицијата и други надлежни институции, ние ќе ја вратиме безбедноста и сигурноста на центарските улици. Тие пред се, ќе бидат осветлени за да се зголеми и сигурноста на сите оние што се движат по нив. Заедно пак, со раководствата и родителите, училиштата ќе ги направиме „образовни оази“, а не простори каде учениците се чувствуваат несигурно.

За сообраќајниот хаос подготвуваме серија мерки кои, во координација со Град Скопје и МВР, ќе значат директен придонес во намалувањето на сообаќајниот хаос.

Фото: Мирослав Лабудовиќ

Прво, со навремен и квалитетен јавен превоз како основен предуслов, потоа со нови и проширени сообраќајници, повеќе паркинг места итн. Тротоарите мора да бидат ослободени од возила, ред во паркирањето е еден од моите приоритети затоа што сите ние кои живееме во Центар сме сведоци дека пешаците и велосипедистите, а особено децата се дискриминирани.

Освен сообраќајниот хаос, на кој начин ќе го редуцирате градежниот хаос во Општината, знаејќи дека се зголемуваат постојано нови урбани објекти? Предвидувате ли одредени активности по однос на ова прашање?

Град Скопје, а со тоа и општина Центар треба да продолжат да се модернизираат и урбанизираат. Но, тоа не значи дека и натаму ќе се прави во едно, така да речам, безредие кое ќе предизвика урбани, но пред се еколошки проблеми кои имаат влијание врз здравјето на луѓето.

Со други зборови, ќе има засилена контрола на градежните активности во нашата општина.

Ќе инсистираме како локална власт, секој објект во градба да биде заштитен според европски стандарди односно приоритет да бидат безбедноста на граѓаните и хигиената во општината. Целиот градежен отпад, популарно наречен шут, ќе се складира брзо и на сметка на инвеститорот или изведувачот на градежните работи.

Истото тоа ќе важи и за сите т.н. прекопи на улици заради поврзување со некаква инфраструктура на објектот. Ќе инсистирам и за тоа да нема истовремена градба на два објекта, барем во делот што создава најмногу шут и прав, ако објектите се поблиску од 50 метри растојание. На таков начин, ќе се обезбеди подобро секјдневие за жителите на општината од најблиското опкружување.

Ќе посветам огромно внимание на урбанизмот, со цел да не продолжи градежната агресија без мерка и без усул. Мора да има ред.

Актуелниот градоначалник на Центар е Горан Герасимовски од СДСМ, кој што исто така најави нова битка за Центар. Што од неговите политики би смениле доколку застанете на оваа функција?

Јас повеќе би сакал да зборувам за моите политики и за она што сметам и имаме идеи да го направиме заедно со граѓаните во текот на идниот четиригодишен мандат. Со сигурност Центар ќе биде поквалитетно место за живеење и работење. Имам јасна визија за системско решавање на работите со кои ќе добиеме и почист и безбеден Центар со ред и организација. Најважни се граѓаните и условите во кои живеат. Центар е наш заеднички дом. Ќе го вратиме сјајот и редот во него. Знаеме како.

Зад вашата кандидатура застанува и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна и ЗНАМ дава поддршка на кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ. Која е целта на еден ваков договор?

Ние сме партнери веќе година и половина и имаме успешна соработка на сите нивоа во централната власт. Сакаме таквата соработка да ја пресликаме и на локално ниво. Оттука, сметам дека е целосно соодветно да имаме меѓусебна поддршка за овие избори кога станува збор за кандидатите за градоначалници, особено имајќи го предвид фактот што за голем дел од темите за кои ме прашавте во ова интервју неопходна е постојана и ефикасна соработка помеѓу институциите на локално и централно ниво.

Дополнително, оваа меѓусебна поддршка е силен поттик да оствариме убедлива победа на изборите, но пред се со планови, програми, визија и идеи за подобра иднина. Би сакал да истакнам дека партијата ЗНАМ на локалните избори ќе има свои самостојни советнички листи во повеќе од 50 општини низ цела Македонија и на тој начин уште еднаш ќе го потврдиме легитимитетот и довербата која во нас ја имаат граѓаните.

Б.Т.

Слични содржини