За поранешниот гувернер на Народната банка, професор Љубе Трпески, надолните корекции за економскиот раст и високата инфлација се логична последица на случувањата во Украина и цените на храната и енергенсите. Но проблемот кај нас е поизразен, вели тој во интервју за „Локално“, поради тоа што Македонија е увозно зависна земја и потешко ќе ги поднесе последиците во однос на земјите кои имаат свои извори на енергија.
„За првпат во животот јас сум песимист од ова што не очекува, дефинитивен крах на меѓународниот поредок.За жал настанува нова студена војна со огромни последици по сите земји во светот“, објаснува Трпески.
Според него, логични се чекорите на НБРМ во делот на зголемување на основната каматна стапка. Во насока на намалување на притисокот од растот на цените и држење на инфлацијата под контрола вели Трпески, парите треба да поскапат а тоа е можно со раст на каматите.
„Тоа е сигнал за комерцијалните банки да ги ревидираат каматните стапки на кредитите што ги одобруваат.На тој начин ќе се намали побарувачката за кредити, а преку тоа ќе се намали притисокот на цените на производите“, дециден е Трпески.
Спротивно на негативниот став на дел од јавност во однос на огромните профити што банките ги остваруваат и во услови на кризи од ваков тип, Трпески посочува дека токму овој факт е исклучително позитивна работа.Тоа според него се должи на деловната политика на банките, кредити да даваат само на тие што се способни истите да ги вратат.
„Тоа е таа конзервативна деловна политика во најпозитивна смисла на зборот, да не подлегнуваат на притисок како во минатото, владата да се јави на директорот на банката и да рече “дајте кредити за да се смири штрајкот во некое претпријатие”…Сега ги нема тие работи, сега не можат политичките фактори да вршат таков притисок врз банките“, заклучува Трпески.
НБРМ ги влоши проекциите за домашната економија до крајот на годината.Покрај основното сценарио со инфлација од 8,8 % и раст од 2,9%, централната банка подготви и песимистичко сценарио според кое ризиците дополнително ќе се продлабочат. Како ги коментирате ваквите најави, колку се реални ваквите прогнози за македонската економија?
-Се наоѓаме во една од најтешките економски кризи во светот која е предизвикана од војната во Украина и претходно од пандемијата што го зафти светот. Факт е дека ние не можеме да останеме изолиран остров во тој дел и ја делиме судбината на сите земји од светот.Овие ревизии на проекциите што ги има НБРМ и што ги прави ММФ, се логична последица на овие случувања во светот во поглед на цените на енергенсите и на прехрамбените производи.Зошто се ревидираат надоле проекциите? Тоа се прави во сите земји во светот а ние како 100 % увозно зависна земја во делот на енергенсите и делумно на прехрамбените производи, потешко ќе ги поднесеме последиците во однос на некоја друга земја која има свои извори на енергија.За првпат во животот јас сум песимист од ова што не очекува, дефинитивен крах на меѓународниот поредок.За жал настанува нова студена војна со огромни последици по сите земји во светот.
По зголемувањето на основната каматна стапка, НБРМ најави дополнително затегање на монетарната политика со уверување дека ќе се преземат внимателни чекори за да нема нагли промени кај активните каматни стапки. Што ќе значи тоа за граѓаните и стопанствениците кои се веќе задолжени кај комерцијалните банки или планираат да го сторат тоа?
-Основна цел на НБРМ е да се грижи за ценовната стабилност.Логично, за да го намали притисокот од растот на цените или да ја држи во некои граници инфлацијата, треба да ги направи поскапи парите а тоа може да го стори со подигање на референтната каматна стапка. Тоа е сигнал за комерцијалните банки да ги ревидираат каматните стапки на кредитите што ги одобруваат.На тој начин ќе се намали побарувачката за кредити, а преку тоа ќе се намали притисокот на цените на производите.Нормално, доста претпазливо се движи НБРМ во овој процес а тоа низ одреден временски јаз ќе се почуствува врз побарувачката за креидити и врз зголемување на каматите на кредитите.
Кварталните податоци на централната банка покажаа дека и во кризи, комерцијалните банки книжат профити. Дали поради ваквиот факт, треба да се очекува банките да ги намалт на пример скриените трошоци за граѓаните и стопанството?
-По мене тоа што и во вакви услови остваруваат профити е најпозитивната работа што може да се истакне во моментов.Тоа значи дека банките се многу претпазливи на кого одобруваат кредити и на тој начин одобруваат заеми само на оние субјекти и на оној дел од населението што е способно да ги врати тие кредити. Со тоа се покажува колку е низок процентот на лошите кредити и лошите пласмани што е доведено речиси на европско ниво.
Показателите за профитабилноста, солвентноста и ликвидноста на македонските банки е плод на една долгогодишна политика што ја спроведува НБРМ во поглед на ревизорските стандарди што ги применуваат за банките и на деловните политики што ги водат самите банки и тоа е таа конзервативна деловна политика во најпозитивна смисла на зборот, да не подлегнуваат на притисок како што беше во минатото, владата да се јави на директорот на банката и да рече дајте кредити за да се смири штрајкот во некое претпријатие…Сега ги нема тие работи, сега и не можат политичките фактори да вршат таков притисок врз банките бидејќи банките се акционерски друштва, приватни компании и сето тоа влијае тие и во вакви услови да остваруваат профит.
Дали тука има простор банките нешто дополнително да сторат во поглед на каматите, мислам дека не, но може да се делува во пресметките на другите трошоци, на пример во делот на провизиите. Тука има простор за критика бидејќи факт е дека во тој дел доста комотно се однесуваат. Во вакво време, тие можат да покажат општествена одговорност и на тој начин да влијаат да се намали вкупниот товар на корисниците на кредитите од банките.
Министерот Бесими неодамна најави реформи во даночната политика и враќање на прогресивниот данок.Колку ни е потребно тоа во овие услови?
-Тоа е веќе прашање на програмата на политичките партии во Владата. Вообично социјалдемократите во светот се повеќе за прогресивен данок што значи дека побогатите грашани треба да се повеќе оптеретени со даноци за да се остави повеќе простор за сиромашните слоеви да имаат полесни услови за стопанисување и за живот.Додека пак конзервативните односно десно ориентирани политички партии, се залагаат за рамни даноци.Од тие причини не би можел да навлегувам во политика.
К.В.С.