Интервју со Михајлоски: Измените на Законот за облигациони односи се неуставни, предизвикуваат правен хаос и ќе создадат големи штети за целокупниот систем

од Vladimir Zorba
834 прегледи

Измените на Законот за облигациони односи (ЗОО) создава големи проблеми во пракса, бидејќи наместо да креира правна сигурност, ова решение создава правен хаос, вели во интервју за „Локално“ Љубомир Михајлоски – претседател на Адвокатската комора.

-Покрај правниот хаос и низа други отворени прашања со кои се соочува правната фела, измените на ЗОО создаваат правна несигурност, бидејќи ги штитат должниците на штета на доверителите, кои и покрај тоа што морале да направат дополнителни трошоци за да го наплатат својот долг, истите со измените не се во можност да ги наплатат своите побарувања, истакнува тој.

Фокусот на забелешките од страна на правната фела, вели, се концентрирани на правните и физичките лица кои се доверители и со оваа одредба се ставаат во нерамноправна положба, односно се дискриминираат во однос на другата категорија, односно должниците.

-Членовите на адвокатската комора веруваат дека Уставниот суд со внимание ќе ги разгледа овие иницијативи, сигурен е Михајлоски.

По извршени анализи и споредби со другите држави, се утврдило дека во ниту една земја не постои рок на траење на извршната постапка, а многу од земјите како што се Хрватска, БиХ и други ги имаат истите одредби како што беа одредбите во земјава пред донесувањето на овие законски одредби.

– Напоменувам дека доколку доверителите поднесат тужби пред судот во Стразбург, согласно воспоставената судска пракса на судот, извесно е дека ќе се утврди повреда на правата од Европска конвенција за заштита на човековите права и државата ќе биде таа која ќе ги плаќа штетите, предупредува тој во интервјуто.

Веќе подолг период во јавноста не стивнуваат реакциите од адвокатите, правните експерти, компаниите и граѓаните за измените на ЗОО. На што се должат ваквите реакции, каде го гледате проблемот?

– Реакциите на адвокатите, правните експерти, компаниите и граѓаните се оправдани. Измените на Законот за облигациони односи (ЗОО) создава големи проблеми во пракса, бидејќи наместо да креира правна сигурност, ова решение создава правен хаос. Имено, согласно измените на Законот за облигациони односи сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнувања пред суд застаруваат во рок од 5 години од моментот на нивната извршност за поднесување барање за извршување. Според член 368 став 3 извршувањето апсолутно застарува во рок од 10 години од поднесувањето на барањето за извршување. Ова е спротивно на член 381 од истиот закон каде е предвидено дека настапува прекин на застарувањето со поднесување на Барање за извршување, а постапката за извршување временски не е ограничена, односно трае до нејзиното завршување. Со оглед на горното, со донесените измени Законот за облигациони односи е спротивен сам на себе, бидејќи одредбите од член 368 став 3 се во колизија со одредбите од член 381 од истиот закон. Покрај правниот хаос и низа други отворени прашања со кои се соочува правната фела, измените на ЗОО создаваат правна несигурност, бидејќи ги штитат должниците на штета на доверителите, кои и покрај тоа што морале да направат дополнителни трошоци за да го наплатат својот долг, истите со измените не се во можност да ги наплатат своите побарувања.

Неодамна беше поднесена и нова Иницијатива до Уставниот суд, со што бројот на иницијативи се зголемува. Какви се вашите очекувања?

-Точно е дека се поднесени две нови иницијативи до Уставниот суд кои се однесуваат на измените на Законот за облигациони односи. Иницијативите се главно фокусирани на застареност на побарувањата постари од 10 години, односно се бара Уставниот суд да ја преиспита уставноста на членот 2 од изменувањата и дополнувањата на Законот за облигационите односи. Фокусот на забелешките од страна на правната фела се концентрирани на правните и физичките лица кои се доверители и со оваа одредба се ставаат во нерамноправна положба, односно се дискриминираат во однос на другата категорија, односно должниците. Членовите на адвокатската комора веруваат дека Уставниот суд со внимание ќе ги разгледа овие иницијативи.

Што е спротивно на Уставот во измените на законот за ЗОО?

-Според Уставот, правото на сопственост е загарантирано право на секој граѓанин и правно лице. Уставот е највисок правен акт во државата, па оттука сите законски, подзаконски акти и други пишани правила треба да бидат во целосна согласност со овој правен акт. Измените на законот за облигациони односи се спротивни на основните темелни вредности на Уставот и во праксата создаваат низа проблеми. На пример, одредбите од член 368 од ЗОО, после донесените измени се во директна спротивност со Законот за извршување, според кои, а согласно член 93 и 111, извршителот не може да го запре извршувањето поради апсолутна застареност на извршување. Со оглед на горното, измените на ЗОО се неприменливи, односно истите внесоа конфузија, несигурност и дилема кај извршителите, адвокатите, судовите, доверителите и други надлежни институции околу примената на новиот закон.

Какви ќе бидат последиците од оваа законска измена за граѓаните и за компаниите?

– Со наведените измени се наруши правниот ред и поредок, се поттикна финансиската недисциплина и се повластија должниците, наспроти доверителите, а се наруши и финансиската стабилност на државата. Поради незаконските одредби, се отворија низа прашања и тоа што ќе се случува со данокот на додадена вредност кој фирмите го плаќаат однапред. Фирмите, и покрај тоа што не го наплатиле долгот, го плаќаат и данокот за добивка. Измените на ЗОО ќе доведат до неликвидност на фирмите, а тоа пак од своја страна ќе доведе до намалување на плати и до отпуштање на вработените. Исто така, нема да има странски инвестиции, што од своја страна ќе предизвика намалување на економскиот раст на државата. Што се однесува до физичките лица – граѓаните, истакнувам дека со новите измени истите како доверители кои што не можат да ги наплатат своите побарувања ќе изгубат пари или други добра, што ќе придонесе за зголемување на социјалните случаи и тоа не по вина на доверителите.

Има ли ваква пракса во други земји и кои се можните решенија?

-По извршени анализи и споредби со другите држави, се утврди дека во ниту една земја не постои рок на траење на извршната постапка, а многу од земјите како што се Хрватска, Босна и Херцеговина и други ги имаат истите одредби како што беа одредбите во Република Северна Македонија пред донесувањето на овие законски одредби. Напоменувам дека доколку доверителите поднесат тужби пред судот во Стразбург, согласно воспоставената судска пракса на судот, извесно е дека ќе се утврди повреда на правата од Европска конвенција за заштита на човековите права и државата ќе биде таа која ќе ги плаќа штетите. Ова значи дека сите граѓани во Република Северна Македонија ќе ги плаќаат долговите на неплаќачите. Исто така, новите законски одредби се спротивни и на меѓународното право , бидејќи постои судска пресуда од Европскиот суд за човекови права донесена за случајот Бочварска против Република Македонија под број 27865/2 каде судот се произнел дека побарувањата мора да се третираат како сопственост.

Редакција Локално

Слични содржини