ИНТЕРВЈУ со Наумов: Бескаматните кредитни линии успеаа да спасат илјадници вработени од отпуштање

од Vladimir Zorba
943 прегледи

Не стивнува интересот за бескаматните кредитни линии наменети за компаниите,трговците и занаетчиите. Најбројни меѓу барателите се фирми од областа на транспортот и угостителството, а веднаш зад нив се услужните дејности.

„Среќни сме што можеме да кажеме дека во овие тешки времиња со двете бескаматни линии ја подржавме ликвидноста на речиси 1400 домашни компании, а уште поважно е што успеавме да помогнеме во зачувувањето на околу 18.000 работни места“, вели во интервју за „Локално“ директорот на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, Кире Наумов.

Нема дилеми дека земените кредити ќе бидат вратени, пред се поради исклучително поволните услови, меѓу кои можноста за користење грант компонента но и фактот дека се бескаматни, истакнува тој.

Каков е одзивот на компаниите, трговците и занаетчиите една недела по објавување на јавниот повик за бескаматната кредитна линија Ковид 3?

– Одзивот на микро и малите компании, трговците и занаетчиите кои се квалификуваат за користење на средства од кредитната линија Ковид 3, ги надмина нашите очекувања. Имено, уште во првите неколку минути од објавувањето на јавниот оглас на 16-ти декември 2020 година во 00.01 часот, на официјалниот е-маил за прием на кредитни барања [email protected] регистриравме голем број барања за кредит.

Обемот на сообраќај беше осумпати поголем од сообраќајот во првиот момент за Ковид 2. Тоа предизвика одредена забавена динамика на автоматските одговори за доставените е-маил пораки, за што известивме истото утро. Сообраќајот целосно се оптимизираше во попладневните часови на 16-ти декември, за што испративме и соопштение до јавноста.

Со претходни податоци за бројот и структурата на примените кредитни барања ќе можеме да излеземе по затворањето на Јавникот повик на 30-ти декември 2020 година, во 23.59 часот, а со финалните податоци по завршување на обработката на кредитните барања.

Иако анализата на барањата ќе се врши од следната година, дали е поголем бројот на барања од микро и мали претпријатија, или од трговците и занаетчиите?

– Она што во моментов можам да го кажам е дека очекуваме опфатот на корисници на бескаматните кредити со грант компонента од Ковид 3 да биде значително поголем споредено со првите две кредитни линии. Станува збор за повисок износ на средства кои се ставени во функција на оваа кредитна линија и максималните износи на кредити се релативно пониски во споредба со претходните кредитни линии и тоа до 15.000 евра за трговски друштва, односно до 5.000 евра за трговци- поединци и занаетчии.

Имајќи предвид дека фокусот на Ковид 3 е на микро и мали трговски друштва, трговци- поединци и занаетчии, нема особена суштинска разлика помеѓу таргетираните корисници. Се надеваме на што поголема искористеност на грант компонентата која ја нуди кредитната линија за четирите категории од Јавниот повик.

Колку сте задоволни од искористеноста на средствата од претходните две кредитни линии? Дали парите се користат за преживување или со нив се одржува ликвидноста, се чуваат работните места, се набави опрема..?

– Интересот за двете бескаматни кредитни линии наменети за поддршка на компаниите што беа најпогодени од кризата беше многу голем и релативно брзо се исцрпуваа средствата предвидени за нив.

Од кредитната линија Ковид 1 беа одобрени 737 кредити во износ 5,5 милиони евра, а од кредитната линија Ковид 2 беа одобрени 639 кредити во износ од 8 милиони евра. Намената и на двете кредитни линии беше за набавка на обртни средства и поддршка на ликвидноста на компаниите, со таа разлика што Ковид 1 се однесуваше само за трговски друштва и трговци- поединци кои работат во најпогодените сектори од пандемијата (транспорт, угостителство и туризам), додека во Ковид 2 беа вклучени микро, мали и средни претпријатија од сите сектори.

Тековната кредитна линија, Ковид 3, како и претходните Ковид 2 и Ковид 1, се дизајнирани согласно потребите на компаниите и новонастанатите околности. Иако за сите линии досега имаме ограничен фонд на расположливи средства, фондот за секоја следна линија беше за неколку милиони евра поголем од претходната, со цел да се обезбеди поддршка на што поголем број субјекти.

Она што е интересно да се каже, е дека и дел од другите развојни банки во регионот реализираа слични кредитни линии со 0% камата, иако мислам дека ние како банка отпочнавме најрано со реализација на мерките. Првите исплати од Ковид 1 ги реализиравме веќе во првата половина од месец април. Среќни сме што можеме да кажеме дека во овие тешки времиња со двете бескаматни кредитни линии ја поддржавме ликвидноста на речиси 1.400 домашни компании, а уште поважно е што успеавме да помогнеме во зачувувањето на околу 18.000 работни места.

Дали се размислува за можноста да се прошират програмите односно пристапот до овие средства со цел, поддршка да имаат сите компании без разлика на нивната големина, остварен профит, обем на работа, број на вработени..?

– Кога станува збор за кредитните линии на Развојна банка, Европската инвестициска банка (ЕИБ) е наш значаен партнер и меѓусебно негуваме успешна соработка, преку која на домашните компании им се обезбедени повеќе од 450 милиони евра поволни кредити низ годините.

Во моментов разговараме и за нов шести аранжман во вредност од дополнителни 100 милиони евра, а првите средства очекуваме да може да ги користиме во текот на првиот квартал од 2021 година. За користење на овие средства за компаниите нема речиси никакви ограничувања, освен што се бара корисниците да бидат мали и средни претпријатија или mid-cap компании, и да не се занимаваат со дејности кои не се погодни за финансирање, како производство на оружје, активности кои имаат негативно влијание врз екологијата и слично.

Конкретно за вашето прашање, околу 10% од крајните кредитокорисници кои користат средства од ЕИБ кредитните линии работат во областа на транспортот и угостителството, а околу 7% во областа на услужните дејности.

Со оглед на времетраењето на пандемијата и слабите изгледи за нејзино брзо завршување, дали имате дилема како земените кредити ќе се враќаат од страна на претпријатијата, трговците, занаетчиите?

– Немам дилема дека најголем дел од земените кредити од „Ковид“ кредитните линии ќе бидат вратени, пред се поради тоа што кредитите се бескаматни, односно клиентите треба да го вратат истиот износ што го позајмиле со 0% камата и без дополнително оптоварување на готовинскиот тек.

За Ковид 1 имавме едно продолжување на грејс -периодот за дополнителни 3 месеци, и оваа можност ја искористија околу 53% од кредитокорисниците , додека останатите кои не побарале дополнителен грејс- период во моментов вршат редовна отплата на кредитите. Оценуваме дека ова е резултат на прилагодувањето на деловните процеси на новата нормалност.

Дополнително, кредитната линија Ковид 3 дава можност за користење грант компонента доколку кредитокорисникот е во една од четирите категории објавени во Јавниот повик. Ова во пракса значи дека, доколку на некој кредитокорисник кој има младуправител му е одобрен кредит од 10.000 евра, по отплата на 50% од кредитот, има можност да побара отпуштање на долг од Развојна банка, во висина од 30% од износот на кредитот. Со ова, ќе врати само 7.000 евра, иако износот на кредитот бил 10.000 евра.

Ова е, исто така, значаен импулс за навремено исполнување на обврските на клиентите кон Банката.

Дали се размислува за посебни кредитни линии кои ќе бидат наменети за извозните компании, во насока на надминување на неликвидноста, пазарно учество на странските пазари…?

-Извозот учествува со околу 60% во формирањето на бруто-домашниот производ и ние како банка која го поддржува развојот, ставаме голем акцент на поддршката на извозот преку поддршка на извозните компании. Поддршката не е само во форма на кредитни линии, туку и други финансиски инструменти кои треба да го олеснат нивното работење.

Такви инструменти се осигурување на извозните побарувања, како и извозен факторинг. Со осигурување на извозните побарувања нашите извозници можат да се осигураат пред и по испорака од комерцијални ризици (стечај или продолжено неплаќање на обврските од страна на странскиот купувач) или политички ризици (одземање дозвола, непочитување на договор и слично), при што по релативно ниска цена го префрлуваат ризикот врз банката.

Со извозниот факторинг, Развојна банка ги откупува побарувањата на нашите извозници од странските купувачи со дисконт, и на тој начин влијае врз подобрување на нивната ликвидносна позиција.

Последниот во низата финансиски инструменти за поддршка на извозните компании е царинската гаранција. Имено, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за зголемување на основачкиот капитал на Развојна банка за 3 милиони евра, и со ова се обезбедија можности за зголемување на поддршката на приватниот сектор преку проширување на портфолиото на банката со издавање царински гаранции. Очекуваме овој нов производ да биде достапен за извозниците на почетокот на 2021 година.

К.В.С.

Слични содржини