Состојбата во која се наоѓа охридскиот регион е резултат на децениско однесување на различни власти во различни периоди, и воопшто на сите нас како граѓани. Дури и очигледно е дека во последниот период за првпат посериозно се преземаат активности во насока на зачувување на овој статус, вели во министерот за животна средина и просторноо планирање Насер Нуредини во интервју за „Локално“.
МЖСПП, вели, во континуитет работи на делот што е во нивна надлежност, односно заштита на природните вредности.
-Веќе се работи на ревалоризација на природните вредности на Охридското Езеро и е изготвен првиот нацрт на новото зонирање, со помош на експертите на Меѓународната Унија за конзервација. Тоа е основата за репрогласување на Охридското Езеро како споменик на природата, но суштината е во донесувањето на Новиот план за управување со Езерото, со кој ќе се обезбеди соодветната заштита, истакнува Нуредини.
Во однос на еколошката такса, Нуредини вели дека целта не е да се обременат дополнително граѓаните, туку целокупниот начин на прибирање и алоцирање на државните средства да се прекрои во согласност со зелената агенда.
-Опоравувањето од КОВИД кризата може да биде одржливо и еколошки сензитивно, така што целта е собраните финансиски средства повторно да бидат инвестирани во животната средина и да се постигнат европските стандарди дома, изјави министерот.
За енергетската трансформација и преминување на зелена енергија, која е една од целите на владата, посочи дека е потребна промена во пристапот и користење на современи иновативни технологии кои можеби бараат поголеми почетни инвестиции.
-Зборуваме за користење на обновливи извори на енергија, зборуваме за циркуларна економија, зборуваме за заштеди со енергетска ефикасност. Дополнително, оваа трансформација генерира нови работни места, многу од планираните мерки се трудово интензивни, користат и локални материјали, така што дефинитивно не само што може економски да се издржи процесот, туку напротив, може и да ја зајакне економијата.
На прашањето за малите хидроцентрали, за кои активистите бараат запирање на нивна изградба, Нуредини посочува дека тие можат да предизвикаат несразмерна деградација на животната средина во споредба со енергијата која се добива.
-За таа цел јас најавив дека во новиот закон за заштита на природата ќе предложам забрана на донесување на нови одлуки за изградба на мали хидроелектрани во заштитените подрачја, вели тој.
Неодамна Шар Планина беше прогласен за „Национален парк“. Зошто се чекаше толку долго на ова, што тоа значи за земјава и какви придобивки можеме да очекуваме?
-Јас како министер не само што не чекав, туку ова беше една првите и приоритетни задачи од започнувањето со мојот мандат. Затоа сега после две години можеме да кажеме дека го имаме првиот национален парк од осамостојувањето на земјата. Сепак, можам да се согласам дека за жал, Шар Планина дури сега ќе започне да го остварува својот потенцијал за социоекономски развој, а природата конечно ќе ја добие својата заштита. Процесот беше долг и на неколку наврати неуспешен, бидејќи станува збор за големо подрачје во кое постојат 30 живи села, кое поседува исклучитeлно богат биодиверзитет: е дом на две третини од сите растителни видови во Северна Македонија и богат и ендемичен растителен и животински свет. Иако располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни, пределни и културни вредности, потребен беше баланс помеѓу засегнатите страни и политичка волја за определба кон зеленото сценарио и одржливиот развој.
А, придобивките се бројни. Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк ќе започне развој на Полошкиот регион. Покрај системско зачувување на природните вредности на Шар Планина кои изминативе децении се под постојан притисок од човековите активности, националниот парк ќе биде добра основа за креирање на локални брендови за храна, угостителски објекти и туристички пакети со што ќе се зголеми продажната моќ на регионот и ќе се поттикне развој на туризмот во сите негови форми, нови вработувања и генерирање на приходи.
Со поврзување на територијата на новиот национален парк Шар Планина со делот на националниот парк „Маврово“, националниот парк „Шари“ од Косово како и паркот на природа „Кораб – Коритник“ од Албанија се добива површина од 244.617 хектари заштитени подрачја кои првенствено се добри за природата и опстанокот на дивите видови, како што е балканскиот рис, балканската дива коза и мечката, но истовремено и создава можност за меѓународна соработка и проекти на едно од најголемите прекугранични подрачја во Европа.
Голема дебата се води за еколошката такса за нафтата и нафтените деривати и како тоа ќе влијае на граѓаните кои веќе се борат со последиците од пандемијата. Економските експерти очекуваат нејзиното воведување да предизвика низа негативни последици врз националната економија. Но како вие гледате на неа – како полнење на државната каса или вложување во зелена агенда?
-Еколошката такса за нафтата и нафтените деривати е дел од надоместоците што согласно Законот за животна средина овозможуваат примена на принципот загадувачот плаќа. Нејзиното зголемување е предлог на Владата како дел од низа други мерки со кои се намалуваат за граѓаните одредени давачки, се помага економијата со пакетот мерки за опоравување од КОВИД кризата, така што целта не е да се обременат дополнително граѓаните, туку целокупниот начин на прибирање и алоцирање на државните средства да се прекрои во согласност со зелената агенда. Опоравувањето од КОВИД кризата може да биде одржливо и еколошки сензитивно, така што целта е собраните финансиски средства повторно да бидат инвестирани во животната средина и да се постигнат европските стандарди дома.
Како го коментирате досега, според некои, најкатастрофалниот извештај на УНЕСКО за Охрид и крајбрежјето, откако во него се истакнува дека во градот владее урбанистички хаос што го загрозува и уништува живиот свет? Покрај рушењето на неколку платформи на плажите, подготвувате ли некаков поцврст одговор?
-Не би го квалификувал овој извештај како најкатастрофален и не би го споредувал со претходните бидејќи состојбата во која се наоѓа охридскиот регион е резултат на децениско однесување на различни власти во различни периоди, и воопшто на сите нас како граѓани. Дури и очигледно е дека во последниот период за првпат посериозно се преземаат активности во насока на зачувување на овој статус.
Министерството за животна средина и просторно планирање во континуитет работи на делот што е во наша надлежност, заштита на природните вредности. Веќе се работи на ревалоризација на природните вредности на Охридското Езеро и е изготвен првиот нацрт на новото зонирање, со помош на експертите на Меѓународната Унија за конзервација. Тоа е основата за репрогласување на Охридското Езеро како споменик на природата, но суштината е во донесувањето на Новиот план за управување со Езерото, со кој ќе се обезбеди соодветната заштита.
Оваа недела се одржа заедничката седница на националните комисии на УНЕСКО на Северна Македонија и на Албанија на која што е договорено да се отвори ново поглавје во билатералните односи меѓу двете држави во заедничкото управување со Охридскиот Регион, како природно и културно наследство што го споделуваме со целиот свет. На средбата со албанскиот колега Клоси беше договорено да се интензивира соработката во овој дел преку вклучување на албанските колеги експерти во усогласувањето на активностите на двете страни од границата, со цел обезбедување на интегрирана заштита.
Инаку МЖСПП веќе го подготви и Нацрт Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, кој треба во секој момент да биде објавен за консултации со јавноста, а решението за привремена заштита на подрачјето е веќе потпишано од моја страна. Во тек е изработка на новиот план за управување на Националниот Парк Галичица. Значи се работи на повеќе процеси за овозможување на ефективна заштита на регионот, кои можеби одземаат време, но ќе вложат резултати.
Што прави С.Македонија за исполнување на задачите од парискиот Климатски договор? Имате ли стратегија по ова прашање?
-Климатските промени се еден од приоритетите во однос на кои веќе преземавме сериозни чекори. Имено, неодамна го поднесовме Ревидираниот национален придонес кон Договорот од Париз за клима, со кој не само што како национална амбиција ја поставивме целта во 2030 година да се постигне 51% намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година, односно 82% редукција на нето емисиите, туку и го утврдивме патоказот за ниско-јаглероден развој.
Во поднесокот се внесени резултатите од анализите за потенцијалот за намалување на емисиите на стакленичките гасови при што вкупно се анализирани 63 политики и мерки за ублажување во секторите енергија (вклучително и снабдување со енергија, резиденцијален сектор, индустрија и транспорт), земјоделство, шумарство и друга употреба на земјиште, отпад, како и дополнителни мерки кои ќе ја овозможат примената на другите митигациски мерки.
Она за што сум посебно горд, е дека политиките и мерките во нашиот придонес за климатски промени можат да бидат иницирани многу брзо и можат да послужат како мерки за опоравување од КОВИД-19 пандемијата. На пример, мерките кои се однесуваат на енергетската ефикасност во резиденцијалните објекти се трудово интензивни и тие ќе генерираат зелени работни места во сите региони на државата. Впрочем, проценката е дека овој ажуриран придонес ќе креира речиси 8.000 зелени работни места во следната декада.
Дополнително изработен е и првиот Нацрт Закон за климатска акција во државата, а веќе во процес на донесување е и Долгорочната Стратегија за климатска акција до 2050 година. Така што државата дефинитивно има стратегија за зелен развој која ги инкорпорира митигациските и адаптациските мерки кон климатските промени.
Енергетска трансформација и преминување кон користење зелена енергија е еден од приоритетите на Владата, во согласност со патот по кој одат сите развиени земји во Европа и светот. Општо познато е дека „зеленото е поскапо“ па може ли државата економски да го издржи преминот од јаглен кон зелена енергија?
-Не би рекол дека зеленото е поскапо, само можам да кажам дека е потребна промена во пристапот и користење на современи иновативни технологии кои можеби бараат поголеми почетни инвестиции, иако и тоа веќе не е случајот бидејќи се далеку подостапни од минатото, и во секој случај се многу поевтини во самиот процес. Зборуваме за користење на обновливи извори на енергија, зборуваме за циркуларна економија, зборуваме за заштеди со енергетска ефикасност. Дополнително, оваа трансформација генерира нови работни места, многу од планираните мерки се трудово интензивни, користат и локални материјали, така што дефинитивно не само што може економски да се издржи процесот, туку напротив, може и да ја зајакне економијата.
Аерозагадувањето е проблем на кој треба да се работи во текот на целата година. На повеќе наврати сте ги споменале приоритетите и дека ова е долгорочна борба, но што досега е исполнето? Има ли некакви проценки кога мерките ќе дадат резултат?
–Она што го обезбедивме како Министерството, пред се зашто најважно е да го детектираме проблемот за да можеме да го решиме, се ставање во функција на сите 18 мониторинг станици во државата и поставување на нова во Гевгелија. До крајот на годината од Буџетот на МЖСПП ќе се постават уште две мониторинг станици, а во рамки на проекти од прекугранична соработка ќе се набават уште две. Тоа значи дека Државниот автоматски мониторинг систем за мерење на квалитот на амбиенталниот воздух во најкратко време ќе мери на 23 мерни места.
Исто така, сметам дека е многу важно да ги детектираме изворите на загадувањето и за таа цел започнавме со активности за изработка на катастар на загадувачи на воздухот. Моментално во тек е подготовка на тендер за изработка на катастар на загадувачи на воздух во општините Кичево, Кочани, Штип, Кавадарци, Прилеп и Гевгелија. Се надевам дека наскоро ќе имаме вакви податоци и дека овој катастар ќе го прошириме и со податоци од други градови во државата.
Со новиот Закон за квалитет на амбиенталниот воздух кој го усвои Собранието, исто така предвидовме посериозни обврски за општините и донесување на планови за чист воздух. За таа цел од Буџетот на Министерството обезбедивме средства и во тек е постапка за јавна набака за изработка на вакви планови за општините Гостивар и Кавадарци.
На наш предлог беа воведени стандарди за цврстите горива, со што ќе бидеме сигурни што согоруваме и какви емисии предизвикуваме со греењето. Истовремено преку 10.000 домаќинства добија субвенции за поеколошки системи за греење. Од друга страна до 90 проценти од примарната гасоводна мрежа до Битола и Тетово е завршена, а во тек е тендерот за изградба на секундарната и терциерната мрежа од страна на приватни инвеститори.
Како Министерство ги задолживме сите јавни институции да изготват приоритетна листа на јавни објекти и да започнат со замена на нивните нееколошки системи за греење. Да напоменеме неколку, веќе беше променет системот на греење во болниците во Чаир и Куманово, армиски касарни, полициски станици, градинки и училишта.
Презентиравме нов закон за инспекција за подобра координација на инспекторатите на локално и централно ниво за контрола на индустријата.
Работиме со Министерството за финансии за да структурираме мерка за стимулирање на поеколошки возила, електрични, плаг-ин и хибридни возила, и за домаќинствата да имплементираат мерки за енергетска ефикасност. Знаеме дека во тек е постојана поддршка на обновливите извори на енергија така што има лепеза на мерки кои се однесуваат на сите извори на загадување. Тоа веќе покажува резултати, а нормално дека секоја година ќе биде се подобро и подобро.
Невладини организации постојано бараат да се запре изградбата на мали хидроелектрани поради штетите кои ги предизвикуваат во природата. Како вие гледате на ова прашање и како да се решат сè погласните реакции на граѓаните против нивна изградба?
-Факт е дека хидроенергијата е поеколошка од користењето на фосилни горива, но малите хидроелектрани истовремено можат да предизвикаат несразмерна деградација на животната средина во споредба со енергијата која се добива. За таа цел јас најавив дека во новиот закон за заштита на природата ќе предложам забрана на донесување на нови одлуки за изградба на мали хидроелектрани во заштитените подрачја.
Важно ни е да го девирзифицираме енергетскиот микс во државата, важна е изградбата на Чебрен, инвестирањето во обновливи извори и воопшто транзицијата кон чиста енергија, тоа ни е и обврска од аспект на климатската агенда. Но, постојат природни вредности кои не смеат да бидат жртвувани.
Еколошки инциденти се случуваат често – од истурање на хемикалии во реки, до фабрики кои немаат пречестителни станици. Државниот завод за статистика во официјалниот извештај за 2020 година посочува дека само 15,5 отсто од испуштените отпадни води од индустријата лани биле пречистени. Треба ли глобите да бидат повисоки за овие загадувачи со цел да се спречат вакви инциденти?
-Да, се сложувам, глобите треба да се повисоки. Апсолутно оние кои загадуваат и работат надвор од границите на дозволите кои ги добиле од централната или локалната власт мораат да бидат казнети и да платат. Само така ќе научиме како да се однесуваме. Затоа и предложивме законски измени за до 20 пати повисоки глоби, во вредност до 200.000 евра, што се надевам наскоро ќе бидат усвоени во однос на сите наши закони во Собранието.
Недостига ли контрола од ваша страна врз големите индустриски капацитети?
-Контролата на големите индустриски капацитети ја врши Државниот инспекторат за животна средина. Тој изработува годишна програма, но постапува и по дојава. Контрола има, но треба да се зајакне, а за да се постигне тоа мора да се вработат повеќе инспектори, како и да има поголема координација помеѓу локалните и државните инспектори. Во таа насока е и нашиот предог за Закон за инспекција во животната средина.
Шествалентниот хром од Јегуновце е ризик за целата држава, изјавивте неодамна за отровната супстанца која се слева директно во Вардар, во непосредна близина на изворот Рашче, од кој со вода се снабдува градот Скопје. За овој случај имаше извештаи уште минатата година, па зошто се чекаше да се дојде до оваа состојба во која илјадници животи може да бидат загрозени? Ќе понесе ли некој одговорност за оваа катастрофа?
-За жал и состојбата со Југохром е една од жешките точки кои ги наследивме од минатото. Во периодот од кога сум јас министер постојано комуницирам со моите колеги што се задолжени за решавање на проблемите поврзани со жешките точки и се обидуваме да најдеме трајно решение. Среќен сум што успеавме да исчистиме голема количина на историски опасен хемиски отпад од ОХИС и безбедно да го транспортираме и уништиме надвор од државата, а деновиве го започнавме и чистењето на линданот од малата депонија од кругот на ОХИС.
Истовремено во Парламентот чека на усвојување новата регулатива за ремедијација на овие контаминирани подрачја, со цел конечно и трајно справување со сите жешки точки во државата.
Што се однесува до Југохром, системот на пречистителната станица во Јегуновце е многу сложен, уште повеќе што некои обврски компанијата Југохром Алзар не може да ги исполни, бидејќи компанијата не работи од 2016 година. Од таа причина МЖСПП постојано се вклучува и вложува многу труд во нивно решавање со цел да не се дозволи да дојде до еколошки инцидент.
МЖСПП од 2005 година ги покрива сите трошоци за континуирана работа на пречистителната станица преку својот годишен буџет, вклучувајќи ги трошоците за вработените, трошоците за хемикалиите потребни за пречистување, трошоците за годишно одржување на опремата и др.
Исто така се работи на изнаоѓање решение и финансии за санација на самата депонија. Се разгледуваат можностите за отстранување на депонијата, согласно националното законодавство и меѓународното искуство во управувањето со опасен отпад со сличен состав. Се додека нема конечна одлука за ремедијација, Министерството за животна средина и просторно ќе продолжи со активности за континуирана работа на пречистителната станица, вклучувајќи ги сите мерки за санација и реконструкција на опремата.
Еколошки активисти сметаат дека се додека нема акредитирана македонска лабораторија во која ќе се испитува што содржи отпадот кој би се користел како енергенс, треба целосно да се забрани негов увоз. Како да се обезбеди ефикасна контрола во која сите ќе имаме доверба?
-Не би рекол дека нема контрола, но се чини дека кај граѓаните има грижа во однос на капацитетите за темелна и редовна проверка, затоа разговаравме со пратениците да, иако предлогот и увозот на РДФ е во согласност со ЕУ регулативите, ние го забраниме таквиот увоз се до обезбедувањето на довербата во проверките.
Кои проекти се од најголемо значење за спроведување за вас како министер во следниот период?
-Како најголеми проекти во наредниот период ги сметам проектите за изградба на регионалните системи за управување со отпад. Со два региона сме отидени многу напред и она што очекувам е наскоро да започнеме со конкретна изградба на санитарните депонии во Свети Николе и во Русино и истите да бидат пример за останатите региони. Потоа гасификацијата на државата ја сметам за исклучително важна, особено од аспект на надминување на проблемите со загадувањето на воздухот. И се разбира реализација на сите проекти за водоснабдување и изградба на канализационите мрежи како основни инфраструктурни потреби на современото живеење, за што за првпат Министерството има буџет во вредност од околу 5 милиони евра. Во однос на пречистителната станица на Скопје, ние сме во тендерска процедура, додека за пречистителните станици за Битола и Тетово очекуваме постапките да започнат до септември.
В.З.