Професорот на Факултетот за правни науки на „ФОН“ и поранешен член на Републичкиот судски совет, Осман Кадриу, во интервју за Стандард вели дека доста рокови без пробиени околу формирањето на Специјалното обвинителство. Неговите очекувања се дека до 15. март би требало да има обвинение за избирачкиот процес.

kadriu_1-670x383

Постои ли пракса во судството да се одбиваат барањата на притвор на обвинителството, како што се покажа во случајот „Титаник“ во кој се осомничени поранешни високи функционери од владејачката партија?

-Во процесот од Пржино се донесе Закон за специјално обвинителство со одговорност истото да формира предмети за материјалите кои произлегуваат од „бомбите“. За првпат за еден закон гласаа толку голем број на пратеници, што подразбира да има очекување за целосна поддршка за работата на специјалното обвинителство. Но, наместо тоа, гледаме дека има опструкции, сега и во делот предлогот за одредување на мерка притвор во однос на кривично-правните предмети кои произлегуваат од оваа материја. Не се случило кривичниот суд да го одбие барањето за притвор затоа што во 90% од случаите се прифаќаат предлозите за оваа мерка од државното обвинителство. Многу ретко се случува мерката притвор да биде заменета со друга поблага мерка. За кражба на банка, на пример, се одредувала мерка притвор. И кога сум работел како адвокат не помнам да не поминеше барање за притвор, а сега имаме дијаметрално спротивна појава во случајот со специјалното обвинителство: не се одредува притвор за тешки кривични дела за државата и граѓаните кои ги поткопуваат економските темели. Секако, со јасна динстинкција дека сé уште се работи за сомнеж.

Што понатаму, како да се спречат опструкциите врз работата на Специјалното обвинителство?

-И порано се размислуваше дали може да се случи ова и сметавме дека може да се јават опструкции како што има во случајот „Титаник“. Решението е формирање на специјален суд, инаку со ваквата состојба во судството, тешко дека ќе се расветлат сите овие настани.

Сепак, обвинителката Катица Јанева има рок од 18 месеци предвиден со закон за да покрене обвинение, што ја отвора дилемата дали е премногу доцна за формирање на ваков суд. 

-Ако постои добра волја, треба да се изврши интервенција во Уставот со кој во Република Македонија се забранува формирање на вонредни судови. Потребно е двотретинско мнозинство за да се вгради амандман. Но секако, предуслов е да постои сериозна политичка волја.

Што мислите околу размислувањето што се отвори кај стручната јавност за формирање на специјално одделение во судот?

-Има и такви размислувања во случај ако се сака да не се интервенира во Уставот. Тогаш во рамките на кривичниот суд може да се формира специјално кривично одделение, но да не забораваме дека бројот на предмети може да биде многу поголем, да произлезат и други. Мора да се најде решение затоа што преседан е ниту еден предлог на Специјалното обвинителство да не се прифати, што покажува дека политиката има влијание врз судството. Утре, кога ќе се поднесе обвинение, може да се повтори истото и на крај да излезе дека нема кривични дела и сите постапки да завршат со повлекување, што може да предизвика правен хаос во државата.

Очекувате ли да има обвинение од Специјалното обвинителство пред одржувањето на изборите?

-Доста рокови без пробиени и околу Специјалното обвинителство. До 15. март би требало да имаме обвинение за избирачкиот процес.

Слични содржини