Скопјани одамна бараат градоначалникот да биде личност со соодветно образование, компетенции и искуство, со капацитет да спроведе партиципативно планирање и трошење на парите на граѓаните низ дијалог со сите засегнати страни. Бараат стабилност и упорност, отсуство на корупција и истрајност, без оглед на притисоците, вели во интервјуто за „Локално“, Ана Петровска кандидат за градоначалник на Град Скопје од иницијативата „Зелен хуман град“.
Поранешната директорка на Инспекторатот за животна средина смета дека ги исполнувам сите критериуми и може да ги оправда очекувањата, доколку граѓаните и ја доверта нивната поддршка на претстојните избори.
Во врска со изјавата на Петар Георгиевски дека, ако победи, би и понудил да биде советничка, во неговиот тим, Петровска ја оценува како „многу симпатична“.
– Очигледно тој ги препознава моите искрени заложби за Скопје вистински да стане зелен и хуман град, вели таа.
За тоа дали очекува „валкана“ кампања од поголемите партии, кандидатката за градоначланик на Град Скопје, објаснува дека тие не се уплшени од другите партии бидејќи имаат свој начин на презентација.
-Поголемите партии имаат своја стратегија, но ние не сме ниту уплашени ниту неподготвени. Тековно сме фокусирани на нашата стратегија за настап во текот на изборната кампања.Таа ќе опфати лоцирање на проблемите и потребите, и предлагање решенија на тие проблеми, вели таа.
Се кандидирате за градоначалничка на главниот град на претстојните избори. Накратко, зошто скопјани би го дале гласот за вас? Што ве прави добар кандидат за оваа позиција и што ве мотивираше за овој потег?
Предлогот за мојата кандидатура за градоначалничка на Скопје дојде откако моите соборци од иницијативата Зелен хуман град ја препознаа можноста да ги здружиме силите. Ги потврдивме заедничките заложби и го прифативме предизвикот.
Архитект сум и просторен планер со повеќе од 30 години искуство во заштита на животната средина. Имам квалификации да одговорам на предизвиците со кои би се соочила како идна градoначалничка, бидејќи најгорливите проблеми во Скопје се во областа на урбанизмот и животната средина. Добро ја познавам администрацијата на Градот Скопје и речиси сите јавни претпријатија што се грижат за комуналните услуги и одржувањето на јавното зеленило. Ги познавам градските служби и нивните надлежности, а имам искуство и во планирањето и спроведувањето на буџети. Имам соработка со релевантните стручни и научни институции, донаторската заедница и граѓанските организации, кои се клучни чинители во планирањето и приоритизирањето на проектите и инвестициите за развој на градот.
Скопјани одамна бараат градоначалникот да биде личност со соодветно образование, компетенции и искуство, со капацитет да спроведе партиципативно планирање и трошење на парите на граѓаните низ дијалог со сите засегнати страни. Бараат стабилност и упорност, отсуство на корупција и истрајност, без оглед на притисоците. Сметам дека ги исполнувам овие критериуми и можам да ги оправдам очекувањата, доколку граѓаните ми ја дадат нивната поддршка.
Иако кампањата сè уште не е почната, како ги оценувате своите шанси во однос на другите кандидати од она што досега го гледате?
Јас верувам дека е создадена критична маса од луѓе од сите возрасти и занимања што избираат според личноста и програмата на кандидатот, а не според партиската припадност. При комуникацијата со граѓаните сè повеќе слушам дека тие гласаат за човек, а не за партија, особено на локално ниво. Тоа е единствено логично, бидејќи квалитетот на нашите животи најчесто зависи од компетенциите и системот на вредности на носителите на функции во локалната самоуправа. Сигналот што ни го испратија скопјани со експресното собирање на потписите беше многу охрабрувачки за нас и ќе се потрудам во наредниот период да ги информирам како може да се решат горливите проблеми и да ја задржам нивната доверба.
Очекувате ли „валкана“ кампања од поголемите партии? Каква кампања вие ќе водите?
Поголемите партии имаат своја стратегија, но ние не сме ниту уплашени ниту неподготвени. Тековно сме фокусирани на нашата стратегија за настап во текот на изборната кампања.
Таа ќе опфати лоцирање на проблемите и потребите, и предлагање решенија на тие проблеми. Ќе ги испратиме нашите основни пораки во однос на заложбите за намалување и искоренување на корупцијата, укинувањето на дискрециското право при издавање решенија, дозволи, лиценци и други овластувања што се неопходни за вршење дејности.
Можеби најважната заложба поради која сме препознатливи, е борбата за воспоставување директна демократија и вклучување на скопјани во програмирањето и трошењето на парите од буџетот. Низ кампањата ќе продолжи да функционира алатката МојГрад, што ќе ги канализира прашањата и предлозите на скопјани до мене и кандидатите за советници од Зелен хуман град. Како пример за практикување директна демократија, во текот на предизборниот период ќе организираме форуми и агора сесии. По изборите, советниците ќе ги доставуваат предлозите на скопјани до Советот, а форумите и агора сесиите ќе продолжат со цел партиципативно креирање политики.
Во текот на викендот планираме ваква агора сесија, на која граѓаните ќе може да се приклучат. За времето и местото навремено ќе известиме.
Како ги оценувате вашите противници кои велат дека се независни кандидати, но сепак се поддржани од партија, конкретно за Данела Арсовска (ВМРО-ДПМНЕ) и Петар Георгиевски (ЛЕВИЦА). Можат ли да бидат независни со поддршка на партии и дали би ја прифатиле понудата на Камиказа да му бидете советничка доколку го освои Градот?
Јас секогаш имам почит за моите противници. Сакам да истакнам дека кандидатите за градоначалници мора да се натпреваруваат врз основа на програма и личниот печат што го оставиле во областите од општеството во кои биле ангажирани, и да бидат избирани според своите професионални и карактерни предиспозиции за функцијата градоначалник на Скопје.
Изјавата на Петар Георгиевски дека, ако победи, би ми понудил да му бидам советничка, ми е многу симпатична. Очигледно тој ги препознава моите искрени заложби за Скопје вистински да стане зелен и хуман град.
Од друга страна сметам дека вообичаено во предизборните кампањи недостига политичка култура, а реториката на кандидатите понекогаш ги надминува границите на добар вкус. Можно е да се злоупотребуваат предрасудите дека жената традиционално не е предодредена да учествува во политиката и во носењето важни одлуки.
Во реалноста, жените почесто се ангажираат како активисти и волонтери, а заради вродената емпатија, во содејство со професионалноста и посветеноста, тие се вистински двигател на позитивни општествени процеси и промени. Затоа не е случајно што на советничката листа на Зелен хуман град има повеќе жени отколку мажи.
Борејќи се против предасудите врзани за учеството на жените во политиката, со својот личен пример докажувам дека стручноста и искуството, а не полот, се клучни за постигнување резултати.
Ја претставувате коалицијата „Зелен хуман град“, а на прес-конференција неодамна изјавивте дека ќе ги „направиме оние промени кои граѓаните толку желно ги очекуваат“. Од она што го слушате лично од граѓаните, кои се итните проблеми на Скопје кои треба да ги решавате?
Граѓаните едвај чекаат Скопје да биде Зелен хуман град. Да се чувствуваат како луѓе кога ќе влезат да завршат работа во архивата или во просториите на градската администрација. Да се слушне нивниот глас кога се планира јавниот транспорт, кога се одлучува за урбанизацијата на просторот пред Холидеј Ин, во кругот на Треска или на Водно.
Не сакаат да се пополнува секоja празна локација со згради и натаму да се сечат дрвја и да се уништува зеленилото. Сакаат да имаат парк до кој ќе стасаат пеш за 10 минути, сакаат да има повеќе корпи за отпад, котејнерите да не бидат преполнети и да имаат каде да ги одложат рециклираната пластика, хартија и селектираниот биоотпад. Сакаат да нема диви депонии, да биде чист кејот на Вардар додека џогираат и патеките кога планинарат на Водно.
Сакаат да се одржува урбаната опрема. Да имаат редовна автобуска линија и можност да комбинираат еколошки видови транспорт за бргу и безбедно да стасаат до својата дестинација. Да бидат безбедни додека возат велосипед и да има велосипедски патеки или ленти во секоја општина, а не само во центарот на градот и да има доволно и безбедни паркинзи за велосипеди.
Незадоволни се ако не се реагира кога загадувачите ноќе чадат повеќе, за да избегнат инспекции и казни; кога врне, а од шахтите „извира“ измешана атмосферска и фекална отпадна вода; кога лошо мириса водата во Усјанскиот канал; кога се палат кабли на Вардариште и во Лисиче; кога соседот во печката гори отпад, а од оџакот излегува темен и густ чад.
Решавањето на овие проблеми е одговорна, но и благородна, задача и јас сметам дека со јасна визија и одговорно трошење базирано на приоритети утврдени заедно со граѓаните на Скопје, можеме да ги направиме промените што тие ги очекуваат.
Од 45 кандидати на листата, „Зелен хуман град“ нема ниту еден Албанец (на пример, од Сарај), ниту еден Турчин или Бошњак (од Чаир, Гази Баба или Бутел), ниту еден Ром од Шуто Оризари, пишува во својата колумна портпаролот на град Скопје, Ваљон Салиху. Дали сметате дека треба да имате советници од други нациналности во општините каде има мешано население и зошто тоа не е случај со коалицијата која ја застапувате?
Прашањето на застапеност на заедниците и инклузивност е важно при креирањето политики за развој на градот, односно не смее да се врши дискриминација по која било основа. Затоа, сите скопјани, без оглед на нивната припадност на етничка или религиска заедница, беабиле поканети преку онлајн алатката МојКандидат креирана од Зелен хуман град, да се пријават како кандидати за идни советници и да достават своја биографија. Листата на кандидати за советници на Зелен хуман град е целосно инклузивна бидејќи во неа, освен основачите на иницијативата, застапени се луѓе што самите се пријавиле, затоа што ги делат нашите вредности и за чија кандидатура било спроведено гласање.
Нема сомнеж дека Зелен хуман град ги застапува сите луѓе без да ги делиме луѓето по национална или каква било друга основа. Најважните вредности што ги споделуваме се солидарност, одржлив развој и праведна транзиција.
Не сме направиле детална анализа на изјавите за национална припадност на кандидатите за советници, но од првичните информации произлегува дека имаме најмалку двајца припадници на малцински заедници.
Наскоро ќе излезе колумната на носителката на советничката листа, Драгана Велковска, во која детално ќе биде одговорено на сите неосновани обвинувања во врска со етничката застапеност на кандидатската листа на Зелен хуман град.
Очекувате ли поддршка во Чаир, Сарај, Шуто Оризари и другите мултикултурни делови од Скопје кои се соочуваат не само со еколошки проблеми?
Нема причина да ја преиспитуваме поддршката на граѓаните од кој било дел на градот Скопје, бидејќи јас и кандидатите за советници на Зелен хуман град не правиме разлика помеѓу луѓето и не фаворизираме никого. Ќе организираме средби во сите општини за што повеќе граѓани да се запознаат со нашите заложби.
Барањата на граѓаните од Шуто Оризари веќе се застапувани во Зелен хуман град преку Ромалитико и Аваја, две групации кои се наши членки од самото основање, а кои долги години ги застапуваат правата на Ромите.
Ние, како и до сега ќе продолжиме да ги застапуваме правата на малцинствата, а ако со поддршка на граѓаните освоиме поголем број на советници, ќе имаме можност за нив да направиме уште повеќе.
Каде затаи актуелното раководство на Градот најмногу? Шилегов тврди дека сте биле презадоволна од работата додека бевте дел од Министерството за животна средина и на чело на Државниот инспекторат за животна средина…
Раководствата на Градот Скопје, но и на другите општини во Градот Скопје, не решија речиси ниту еден посериозен еколошки проблем. Започнати се проекти, но бавно се спроведуваат.
Катастарот на урбано зеленило не е функционален. Градот издава рутински решенија за сечење дрвја, без почитување на Законот за урбано зеленило и без вистински консултации со стручни лица.
Се затвори дивата депонија во Визбегово, но никна нова, бидејќи Општина Шуто Оризари и натаму не го транспортира собраниот отпад на Дрисла. Општините Ѓорче Петров и Гази Баба, исто така, не го транспортираат собраниот отпад на Дрисла, туку го фрлаат на диви депонии. На Водно има голем број депонии со градежен шут.
За почит е што депонијата Дрисла повторно е јавно претпријатие, но не се обезбедени доволно финансиски средства за капитални инвестиции. Добро е што се набавија нови камиони за собирање отпад, но сè уште има преполнети контејнери. Од друга страна, набавените пластични контејнери непрекинато ги палат и уништуваат несовесни граѓани, за што носителката на советничката листа, Драгана Велковска, предупредувала на седницата на Комисијата за комунални работи и на седницата на Советот.
Решавањето на еколошките проблеми сè уште отсуствува, бидејќи плановите и проектите не се базираат на сеопфатни проценки. Сметам дека пред да се трошат јавните средства, мора да се прават стручни, а по потреба и научни анализи, што ќе резултираат со успешна реализација на планските решенија и проекти.
Кои се првите проекти на кои ќе им дадете предност како иден прв човек на главниот град?
Нашите приоритети се:
1. Хуманизирање на урбанистичкото планирање, спречување натамошна бетонизација, заштита на урбаното зеленило, заштита на Водно, паркот шума Гази Баба и Матка, преку довршување и операционализирање на Катастарот на зеленило, изработка на Стратегија за урбано зеленило, нов Просторен и Генерален урбанистички план за Градот Скопје со сообраќајни студии и решенија за: јавен транспорт, пешачки зони, велосипедски патеки и ленти во секоја општина. Сите овие процеси ќе бидат максимално транспарентни и скопјани ќе имаат можност да одлучуваат за сите важни прашања како што е неопходно да биде во една демократија.
2. Решавање на проблемите со управување со отпадот преку подобрување на ефикасноста и модернизирање на услугите: селектирање, рециклирање и компостирање, расчистување на дивите депонии, контрола врз неформалните населби и Вардариште; отворање комуникациски канал со граѓаните за заемно информирање и пријавување нелегално депонирање и други незаконски активности.
3. Намалување на загадувањето на воздухот, преку зајакнати контроли во координација со МВР, Државниот инспекторат за животна средина и други надлежни инспекторати, како и изработка и спроведување Акциски план со краткорочни мерки при екстремно загадување, односно надминување на прагот на алармирање; редовно миење на улици и контрола на емисиите на прашина од градилиштата.
4. Инсталирање фотоволтаични системи на сите објекти под надлежност на градот, средни училишта, музеи, културни домови и слично и воведување стандарди за управување со енергија и енергетска ефикасност
5. Дигитализација на услугите, за истите да станат достапни, да се избегнат гужви и да се укине дискрециското право на толкување и одлучување на службениците.
6. Намалување на загубите на вода од системот за водоснабдување, изградба на атмосферската и реконструкција на фекалната канализација, за да се спречи мешањето со атмосферските води и истекување на отпадни води во подземјето; отпочнување со изградба на пречистителната станица.
7. Воспоставување хумана и ефективна контрола врз бројот на бездомни животни во тесна соработка со здруженијата за заштита на животните
И да нагласам уште еднаш: за секоја одлука ќе ги консултираме стручните и научните институции и организации и граѓаните.
Како го гледате Скопје за 5 години, доколку ви се даде довербата да го водите градот?
Скопје за 5 години ќе зачекори по патот на трансформација во модерна зелена метропола. Целосно ќе се промени концептот на урбанистичкото планирање, финансирањето на Градот Скопје нема да зависи од градежната експанзија. Во секое соседство ќе има парк или урбана градина. Нема да има диви депонии, отпадот ќе се рециклира и компостира, а само мал дел ќе се отстранува. Нус производите од индустријата ќе се продаваат како суровини во други индустрии. Улиците и булеварите ќе бидат растоварени од сообраќај, јавниот транспорт ќе биде ефикасен, а возилата ќе се споделуваат или изнајмуваат и ќе се прошируваат пешачките зони. Младите ќе имаат свои катчиња за дружење и уметничко изразување. Ќе се заштити културното наследство, занаетите и традицијата и ќе се развива алтернативниот туризам. Ќе има доволно јавни кујни на територијата на градот. Нема да има бариери за лицата со хендикеп. Нема да има неконтролиран број на бездомни кучиња, а одгледувањето миленици ќе биде регулирано. Оние што чуваат миленици ќе имаат пристап до посебни паркови и ќе се придржуваат до правилото да чистат зад кучињата.
Скопјани ќе добиваат навремени и квалитетни услуги. Корупцијата ќе се открива и санкционира.За домаќинствата ќе обезбедиме услови за нивна енергетска независност, преку здружување во енергетски задруги и инвестирање во заеднички фотоволтаични централи.Можеби оваа визија во моментот изгледа како утопија, но секој сон е остварлив со добар тим и организација. Нашиот град има потенцијал да стане убаво место за живеење и јас ќе се посветам тоа да го реализирам.
Б.М.