Кучињата од одделот за вдомување, кои се подготвени за дом, секој граѓанин има можност да ги посети по претходно закажана средба од вторник до петок од 12 до 16 часот и сабота од 10 до 14 часот, почитувајки ги сите мерки за заштита од Ковид 19, изјави за „Локално“ директорката на ЈП „Лајка“, Тина Петрушевска.
„Она што е клучно и што треба да се промени е свеста за одговорно сопствеништво кај граѓаните и сите заедно да изградиме култура за вдомување на бездомни кучиња“, наведе Петрушевска.
Смета дека примерот на Лајка треба да го следат сите градови, а секако доколку има можност истото да го направи и секоја општина на територијата на град Скопје.
„Се случило некои од кучињата во прифатилиштето да каснат некој од вработените, ме каснале и мене, но тоа го препишувам на страв и секако е дел од работата“, вели таа.
Додаде дека во моментов има 50 единки кои се подготвени за вдомување.
Во саботата имаше мирен протест пред „Лајка”. Активистите бараа ваше разрешување, но бараа и јавноста да може да влегува во стационарот, бидејќи имаше поплаки дека на некои лица не им било дозволено да влезат внатре. Како ги коментирате нивните барања? Дали е често случај некому да не му биде дозволено да влезе во претпријатието?
– Лајка е јавно претпријатие кое работи согласно закон и прописи. Како и секое јавно претпријатие има работно време и можност за закажување средба како што тоа го прават сите граѓани кои досега не посетиле, волонтирале или вдомиле. Во ниту едно јавно претпријатие влезот не е 24/7 и не владее безредие.
Кучињата од одделот за вдомување, кои се подготвени за дом, секој граѓанин има можност да ги посети по претходно закажана средба од вторник до петок од 12 до 16 часот и сабота од 10 до 14 часот, почитувајки ги сите мерки за заштита од Ковид 19.
Средбите најчесто се на отворено во дворот или паркот за миленици. Доколку во посета се и помали деца, тогаш средбите се во катчето за средби во административниот дел. Секоја средба е во присуство на неговател кој најдобро ги познава карактерот и навиките на одредено куче.
Во конкретно посочениот случај беше побарано средба со агресивни кучиња, односно кучиња со кои посветено се работи на нивно припитопување, за која со цела одговорност сметам дека е ризична и небезбедна.
Во минатато немаше никаква поделба по оддели и владеше неред. Сакајќи да помогнат, многу граѓани несвесно придонесуваа за ширење на вируси и болести, што сега не е случај и особено многу внимаваме.
Дали се соочивте со потешкотии во работењето откако започна пандемијата на коронавирус? Во светот гледаме случаи во кои и миленици се заразени со вирусот. Преземате ли посебни мерки за заштита на кучињата од коронавирусот?
– Секако, затоа и се оддолжи отворањето на прифатилиштето. Посетите се исклучиво со закажување и согласно мерките и протоколите дадени од Владата на РС Македонија.
Дали во ЈП „Лајка” има доволно вработени и имате ли доволно средства за да се справите со големиот број на кучиња скитници во Скопје? Што според вас треба да се промени за да работите тргнат на подобро?
– Согласно проценката на популацијата која што за првпат ја направивме во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина, на улиците во град Скопје има околу 2.000 кучиња. Сметам дека со основање на јавното претпријатие се направи првиот чекор во насока на решавање на овој долгогодишен проблем. Она што е клучно и што треба да се промени е свеста за одговорно сопствеништво кај граѓаните и сите заедно да изградиме култура за вдомување на бездомни кучиња.
Споменавте дека капацитетите во стационарот се целосно исполнети. Сметате ли дека треба да се отвори нов во главниот град? Исто така, дали сметате дека вакви стационари треба да се отворат и во другите градови на државава?
– Капацитетот константно се полни, што значи има обрт. Прифатилиштето на ЈП Лајка е транзитен центар. За работата да се одвива непречено, согласно програмата за работа, по хуманиот третман, кучињата кои нема да се вдомат се враќаат на локацијата од која што се заловени по евидентираните координати и на нивно место во прифатилиштето доаѓаат нови. Примерот на Лајка сметам дека треба да го следат сите градови, а секако доколку има можност истото да го направи и секоја општина на територијата на град Скопје.
Дали некогаш во стационарот биле доведени кучиња со беснило и дали тие нападнале некој од вработените во стационарот? Се случило ли некогаш екипите на терен да пријават дека биле нападнати од кучиња скитници?
– Прво мора да направите дистинкција помеѓу агресивно куче и бесно куче. Мерката надзор за беснило се одредува од надлежен инспектор од АХВ и тоа за секое куче што каснало граѓанин и тоа е законска обврска. Исто така задолжителното вакцинирање против беснило на кучињата, еднаш во годината е законска обврска, иако нема регистиран случај на беснило долги години на нашата територија.
Инаку да, се случило некои од кучињата во прифатилиштето да каснат некој од вработените, ме каснале и мене, но тоа го препишувам на страв и секако е дел од работата.
Колку кучиња за посвојување има во моментов во „Лајка”? Која е процедурата за посвојување на куче од кај вас? Кои услови треба да бидат исполнети?
– Во моментов има 50 единки кои се подготвени за вдомување. Секој оној кој што сака и може да вдоми, може на аплицира на [email protected] и да пополни прашалник за вдомување. Понатаму согласно евалуацијата на прашалникот се закажуваат средби.
Кои кучиња ги враќате повторно на улиците?
– Сите кучиња кои нема да се вдомат и не претставуваат опасност за околината, се враќаат на истата локација од која што се заловени.
Каде и како граѓаните можат да пријават поголема глутница на кучиња?
– Бездомни кучиња на кои им е потребен хуман третман може да се пријават на [email protected], а во прилог потребно е да се испрати точна локација, фотографија и лице за контакт.
С.К.