Интервју со Пировска: „Хомофобичната матрица“ и натаму е доминантен светоглед во нашето општество

од Vladimir Zorba
645 прегледи

Факт е дека има подобрување во однос на политичката волја, а конечно, после долгогодишни политички игри, се усвои и антидискриминаторската правна рамка. Но „хомофобичната матрица“ и  натаму е доминантен светоглед во нашето општество. И покрај тоа, голем дел од луѓето се охрабрени заради поддршката која што ја чувствуваат, вели во интервју за „Локално“ Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншки комитет, со која поразговаравме за состојбата со правата на ЛГБТИ луѓето и очекувањата од претстојниот Скопје Прајд.

Парадата на гордоста, вели таа, е наменета за охрабрување на сите ЛГБТИ луѓе, кои се соочуваат со предрасуди и стигматизација во текот на целиот свој живот.

-Ова е настан на и за ЛГБТИ заедницата, но важно е да излезат сите кои ја поддржуваат борбата за еднаквост и недискриминација. Важно е да излеземе, за да бидеме гласот и на оние кои не се во можност да го сторат тоа поради страв од евентуалните последици врз нивниот личен и професионален живот, посочува Пировска.

Забележува огромно подобрување и во односот на Министерството за внатрешни работи, со кое се во редовна комуникација, особено во пресрет на Прајдот.

-Нивниот професионален однос при одржувањето на првиот Прајд, во голема мера допринесе за успешноста и чувството на безбедност на учесниците. Сето ова говори дека има позитивни поместувања, но и дека е долг патот до посакуваната состојба- ефикасни институции кои ја имаат довербата на граѓаните и кои обезбедуваат еднаков третман за сите,вели извршната директорка на Хелсиншкиот комитет.

Овогодинешната „Парада на гордоста“ е најавена за 26 јуни во Скопје, втора од ваков вид во државава. Какви се вашите очекувања и зошто е важно граѓаните да бидат на улиците тој ден?

-Со оглед на тоа што првиот Прајд, кој се одржа пред две години, помина во најдобар ред и од организациски и од безбедносен аспект, очекувам добра атмосфера и годинава. Одржувањето на годинешниот Прајд, како и другите јавни настани, зависеше од состојбата со пандемијата и среќни сме што конечно епидемиолошката состојба е подобрена и можеме повторно да зачекориме на улиците и да ги испратиме пораките за еднаквост и прифаќање на различностите во нашето општество. Изминатиот период, буквално секој човек почувствува колку е тешка изолацијата, а голем дел од ЛГБТИ луѓето, за жал, добро го знаат тоа чувство и од претходно. Токму затоа, овој Прајд го организираме под мотото ,,Вон sидовите’’. Парадата на гордоста е наменета за охрабрување на сите ЛГБТИ луѓе, кои се соочуваат со предрасуди и стигматизација во текот на целиот свој живот. Ова е настан на и за ЛГБТИ заедницата, но важно е да излезат сите кои ја поддржуваат борбата за еднаквост и недискриминација. Важно е да излеземе, за да бидеме гласот и на оние кои не се во можност да го сторат тоа поради страв од евентуалните последици врз нивниот личен и професионален живот.

Каков е вашиот впечаток – дали на луѓето им е полесно денеска да ја изјават својата сексуална ориентација, отколку да речеме пред 5 години? Дали општеството како целина се оддалечи од „хомофобичната матрица“?

-Факт е дека има подобрување во однос на политичката волја, а конечно, после долгогодишни политички игри, се усвои и антидискриминаторската правна рамка. Но ,,хомофобичната матрица’’  и  натаму е доминантен светоглед во нашето општество. И покрај тоа, голем дел од луѓето се охрабрени заради поддршката која што ја чувствуваат. Особено ме радува што во изминатиов период, родители на ЛГБТИ деца излегуваат во јавност со своите лични приказни и предизвиците со кои се соочиле и се ставаат на располагање за поддршка на други родители. Имајќи предвид дека неприфаќањето на ЛГБТИ луѓето во нивниот сопствен дом и семејство е еден од најсериозните проблеми, ова претставува голем исчекор. Да не заборавиме дека и семејствата на овие луѓе се жртви на вкоренетата омраза кон сѐ што отстапува од ,,традиционалното’’ и не знаат како да се справат со тој притисок и осуда.

Дали ЛГБТИ темите се малтене „забранети“ во традиционалните медиуми? Придонесува ли тоа за односот кон оваа заедница и треба ли, можеби за почеток, на јавниот сервис да се воведат одредени теми со цел едукација на граѓаните? Колку едукацијата е важна за надминување на анимозитетот и омразата на граѓаните?

-Нашата анализа по одржувањето на првата парада на гордоста покажа генерално позитивен пресврт во известувањето на медиумите околу самиот Прајд, иако дел од медиумите имаа тенденција да ,,балансираат’’ помеѓу нашите активности и говорот на омраза, кој го пласираа опонентите на Прајдот. Улогата на медиумите во подигнувањето на свеста за човековите права  е клучен фактор и таа свест сѐ уште се гради. Јасно е дека е потребна континуирана едукација на јавноста за овие теми, но проблемот е и во отпорот кон обидите за едукација (кој честопати е организиран и политички мотивиран). Неодамна сведочевме на вистинска лавина од говор на омраза, кога на националниот сервис се емитуваше емисија посветена на дискриминацијата на ЛГБТИ луѓето во нашата земја. Тоа се повторува и сега, по најавата за Скопје Прајд, односно секогаш кога се организира каква било активност на оваа тема. Исто така, лажните вести и дезинформациите се пропратен сегмент во сеењето омраза кон различните. Затоа, се надеваме и очекуваме дека нашата медиумска сфера, односно одговорните и професионални медиуми, и понатаму ќе известуваат за борбата за еднаквост на ЛГБТИ заедницата низ призмата на почитувањето на основните човекови права.

Скопје Прајд 2020 година

На минатата парада не бевме сведоци на инциденти, но сепак говорот на омраза и нетрпеливост се присутни секојдневно во нашето општество и најмногу (на места каде се чуствуваат недопирливи) на социјалните мрежи. Колку е присустно насилството врз активистите и врз ЛГБТИ лицата и дали тоа се санкционира? Стигнуваат ли пријави до вас?

-Хелсиншкиот комитет преку посебна платформа govornaomraza.mk го следи овој феномен во јавниот простор,  медиумите и социјалните мрежи, каде што е најмногу застапен поради чувството на анонимност и недопирливост. Сексуалната ориентација е еден од најчестите основи за говор на омраза, веднаш по етничката и политичката припадност. Комитетот редовно доставува пријави до Министерството за внатрешни работи, но проблематичната алка е всушност Јавното обвинителство, кое не ги процесира пријавите. Неказнивоста дополнително придонесува за раширеноста на ваквиот говор, кој неретко резултира и со злосторства од омраза. Кога станува збор за насилството, треба да се напомене дека тоа не се случува само во јавниот простор. Во периодот на пандемијата, многу ЛГБТИ луѓе беа принудени да се вратат во домовите кои ги напуштиле и да останат затворени со семејства кои не ги прифаќаат и каде се подложени на психичко или физичко малтретирање.

Дали државата, по ваше мислење, презема одговорност за заштита на човековите права на ЛГБТИ луѓето?

-И тука морам прво да се осврнам на обвинителството, кое не само што не постапува при говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето, туку сѐ уште не постапило и во поглед на извршени злосторства од омраза, како што беа нападите врз ЛГБТИ Центарот за поддршка. Тука ја гледаме и причината што многу ЛГБТИ луѓе воопшто не пријавуваат напади врз нив – од една страна го сметаат за бесполезно, од друга, нормално дека се плашат од повторна виктимизација. Изминативе години имаме голем напредок во застапувањето. Во Собранието по вторпат се формираше Интерпартиска парламентарна група за правата на ЛГБТИ луѓето, во која членуваат пратеници и од власта и од опозицијата. Забележуваме огромно подобрување и во односот на Министерството за внатрешни работи, со кое сме во редовна комуникација, особено во пресрет на Прајдот. Нивниот професионален однос при одржувањето на првиот Прајд, во голема мера допринесе за успешноста и чувството на безбедност на учесниците. Сето ова говори дека има позитивни поместувања, но и дека е долг патот до посакуваната состојба- ефикасни институции кои ја имаат довербата на граѓаните и кои обезбедуваат еднаков третман за сите.

Кого од политичарите би сакале да видите на овогодинешниот „Прајд“?

-Не би сакала конкретно да именувам ниеден политичар. Сите се добредојдени за да дадат поддршка на една маргинализирана заедница и да се обврзат за доследно почитување на загарантираните права на граѓаните кои ги претставуваат.

Генерално – дали правата на ЛГБТИ лицата во светот се зголемуваат или се намалуваат?

-Во криза најлесно се загрозуваат човековите права, па така пандемијата и нејзините последици очекувано се искористени од авторитарните и недемократски сили во светот. Последниот извештај на ИЛГА – Европа покажа дека пандемијата на КОВИД-19 ги извади на површина сите пукнатини во поглед на животната реалност на ЛГБТИ луѓето. Нотирано е дека напредокот што претходно беше земан „здраво за готово“ не само што станува сѐ покревок, туку и особено е подложен на експлоатација од силите кои работат против човековите права, и тоа не само во Полска и Унгарија. Иако Северна Македонија во овој конкретен извештај бележи напредок, ваквите регресивни тенденции се загрижувачки и сметам дека демократските сили на меѓународно ниво мора да се мобилизираат против уривањето на бесценетите демократски придобивки.

С.К.

Слични содржини