Интервју со проф.Максимовска-Стојкова: Буџетот за 2022-ра е коректно обмислен и проектиран во однос на расположивите ресурси

од Vladimir Zorba
2,K прегледи

Очекуваното зголемување на даночните приходи и намалување на тековните расходи во буџетот за 2022 год., за професорката по финансово право на УКИМ, Александра Максимовска-Стојкова се мошне оптимистички сценарија имајќи ги предвид условите во пандемија. Но тоа што особено радува вели таа, се најавените инвестиции во инфраструктурни проекти.

Извесна контрадикторност Максимовска-Стојкова лоцира во делот на кратењето на расходите според правилата од механизамот КАПЕФ што подразбира, на корисниците со пониска реализација на инвестициите да им се одземат средства на сметка на тие со поголема реализација на проектите.

„Зачудуваат доделените средства за инвестиции на Министерството за животна средина зголемени за 79%, знаејќи дека во 2021 имаа реализација од 12%. Или пак, зголемувањето на капиталните инвестиции во новиот буџет за МНР со 300%, а имајќи ги во предвид нивните реализации од 12% во 2021 г.“, вели во интервју за „Локално“ Макисмовска-Стојкова.

Во однос на зголемената ставка за социјални трансфери и намалените социјални надоместоци, професорката објаснува дека: „Социјалната помош не е непродуктивен расход, тоа е расход за социјален мир, но „мирот“ треба да го имаат и оние кои создаваат, работат, “ја хранат државната каса“, нив не смее да ги доведеме во резигнирана состојба. Тогаш ги губиме добрите работници, даночни обврзници. Тоа е во моментов според мене најгорливото прашање“.

Во услови на раст на цената на горивата Максимовска –Стојкова очекува да продолжи да растат приходите од акцизи но скептична е во однос на ефектите доколку акцизата се намали или укине за да се помогне во енергетската криза. „Во оваа реалност, такво нешто е илузија. Ако нешто се воведе, тоа би имало само привремен карактер и не го решава проблемот. Едноставно, оние кои се најпогодени со цените на акцизите, а мораат да ги плаќаат ќе треба да направат прераспределба во своите расходи, и своите приоритерти. Сметам дека не сме доволно богата држава за да се откажеме од акцизите. Ако такво нешто се прави, ќе треба други давачки да се зголемат за сметка на намалување или укинување на акцизите”, вели таа.

Без разлика дали вака креираниот буџет ќе има еден или повеќе ребаланси, важно е граѓаните и компаниите повеќе да се потпрат на сопствените сили. „Да не очекуваат дека сме држава која може да се однесува како богаташ кој постојано помага. Не, треба да бидеме реални, имаме најмали даноци во Европа, па соодветно, такви ни се и можностите за расходи, социјални трансфери и инвестиции. Повеќе можеме да работиме како држава на кратење и преструктурирање на расходите, отколку на зголемување на приходите во моментов, за жал”, вели Макисмовска-Стојкова.

Кој е вашиот генерален коментар околу структурата на буџетот за 2022 година. Кои се спорните ставки според вас?

– Буџетот за 2022 спореден со ребалансот на буџетот за 2021, во делот на приходите е повисок за 7.4%, а во делот на расходите за 1.4%. Видливо е дека поради проектираниот раст од 4.6% се очекува зголемување на даночните приходи од плати, а најмногу од даноците на потрошувачка, односно ДДВ, акцизите и царините, што ќе биде добро како за населението така и за државата. На расходната страна се приметуваат превземени структурни промени, во смисла што тековните расходи се намалени за 1.8%, а капиталните расходи зголемени за 27%. Ова се мошне оптимистички сценарија, имајќи ги во предвид условите во пандемијата. Посебно ме радуваат најавените капитални расходи, за инвестиции во инфрастуктурни проекти, тоа е добро за државата. Споредено со други држави, бидејќи сите имаат последици од пандемијата и очекуваат интервенции на државата во стопанството, може да се заклучи дека генерално македонскиот буџет за 2022 има солидни проекции.

Спорни ставки може да има во поглед на процентот на скратени расходи за стоки и услуги, кои се намалени во однос на 2021та за 5.9%, но сепак се повисоки од 2020та година (за 34%), што значи дека трендот на намалување започнал, но можело да бидат и пониски. Секогаш може да се скрати и повеќе, но дали е опортуно, е сепак одлука на целата Владата, не секогаш само на креаторите на буџетот. Нешто што предизвикува извесна контрадикторност при кратењето е почитувањето на правилата од механизмот КАПЕФ (механизам за подобрена реализација на капиталните расходи). Знаејќи го КАПЕФ, каде на корисниците со пониска реализација им се одземаат, а им се доделуваат средства за капитални инвестиции на корисниците со повисока стапка на реализација, па зачудуваат доделените средства за инвестиции на Министерството за животна средина и просторно планирање зголемени за 79%, знаејќи дека во 2021 имаа реализација од 12%. Или пак, зголемувањето на капиталните инвестиции во новиот буџет 2022ра за Министерството за надворешни работи со 300%, а имајќи ги во предвид нивните реализации од 12% во 2021 година. Резултатски ориентираното буџетирање овде не е доследно испочитувано, или има потреба да се даде поосежно елаборирана анализа за овие одлуки.

Дали вака креираната државна каса реално ги отсликува потребите и можностите во услови на енергетска криза , пандемија, инфлација..?

-Цела Европа е соочена со предизвиците на енергетската криза, и не постои точна формула по која може една држава да постапи за да ги избегне сосема негативните последици, но секако може да се креираат буџетски мерки со кои ќе се ублажат последиците. На пример, прв начин е да се субвенционираат домаќинства кои ќе се соочат со енергетска сиромаштија (ќе немаат пари да си ги платат сметките); втор начин е државата директно да ги помогне малите и средните претпријатија кои се очекува да покажат загуби во работењето поради повишената цена на електрична енергија; трет начин е директно да се субвенционира електро-енергетскиот систем, кој е увозно зависен, на пример да се дадат средства на АД МЕПСО (што веќе е и најавено кај нас). Но, не смее да се заборави дека главен проблем во македонската економија е што со децении наназад отсуствуваа сериозни вложувања во енергетската инфраструктура, па денес и во иднина последиците од тоа ќе ги плаќаме. Така што, не можам ни како теоретичар, ни како граѓанин, да очекувам да се измисли волшебно стапче со кое овој проблем ќе се реши директно преку Буџетските механзми промтно во 2022. Можеби, да се почнеше порано, ќе имавме поголеми шанси денес. Одговорноста мора да се лоцира.

Колку ставките за социјални трансфери и стоки и услуги ги рефлектираат наводните заложби за намалени непродуктивни трошења?

-Кај стоките и услугите, не би се согласила дека има евидентни непродуктивни расходи, бидејќи има значајно намалување во однос на 2021 год., со тоа што детално во однос на секој буџетски корисник, немав време да анализирам. Можеби на мастерот Финансово право на Правниот факултет Јустинијан Први, ќе изготвиме анализа по одделни корисници, па ќе излеземе со интересни анализи. Од она што е евидентно брзо видливо, социјалните трансфери во однос на 2020та се видно зголемени, од 118 милијарди денари на 124,5 милијарди денари во 2022 ра, а пак во 2021ва беа 122,6 милијарди денари. Значи државниот буџет и покрај кратењето на вкупните буџетски расходи, има зголемување на ставката на социјални трансфери. Сепак, во рамки на структурата на социјалните трансфери, има видливо намалување на социјалните надоместоци, и тоа за 10.6%.

Претпоставувам тоа се должи на неколку причини, од една страна минатата година се даваа повеќе социјални пакети, а во 2022 година се очекуваат нови вработувања. Мој став од секогаш бил да се грижиме за ранливите категории, но истовремено да поттикнуваме нови вработувања и да се води сметка за даночните обврзници кои работат и плаќаат даноци. Свесни дека имаме приматели на социјални надоместоци кои таа помош ја примаат понекогаш и неосновано. Тоа создава револт кај оние кои работат за ниски минимални плати, и допрва ќе ни создава проблеми на пазарот на трудот. Граѓаните не треба да бидат доведени во ситуација да се двоумат помеѓу ниска плата или социјална помош, но за ова проблемот го лоцирам во економските одлуки, а не во буџетските. Социјалната помош не е непродуктивен расход, тоа е расход за социјален мир, но “мирот“ треба да го имаат и оние кои создаваат, работат, “ја хранат државната каса“, нив не смее да ги доведеме во резигнирана состојба. Тогаш ги губиме добрите работници, даночни обврзници. Тоа е во моментов според мене најгорливото прашање.

Во буџетот за 2022 год. Владата планира најмногу пари да собере од ДДВ.

Дали е возможен ваков раст на ДДВ за 14 %, кај данокот на добивка за 2,6 %, данокот на личен доход за 1,25 %..?

Приходите од ДДВ се секогаш најдоминантни во најсиромашните држави, и тоа е факт кој мора да го прифатиме дека е така кај нас. Лично како оптимист, очекувам уште поголем пораст од даноците на личен доход од проектираните, поради намалената понуда на квалификувана работна сила, односно пораст на номиналните плати. За истото имам уште поголеми очекувања во однос и на 2023та, доколку се отпочне со прогресивното оданочување, за кое во принцип мислам дека и не е сосема оптимизирано конципирано во македонските услови. Ќе видиме, мора да одиме напред, имаме најниски плати и мора работиме на тоа прашање.

Ништо помалку амбициозен не е делот од планираните приходи од акцизи или 468 мил евра.Како го коментирате тоа?

-Во однос на 2021-ва акцизите се очекува да имаат зголемување од 4%, а ДДВ 14.8%, и сметам дека ова е реално, бидејќи ако расте цената на нафтата и нафтените деривати, секако дека ќе имаме зголемени акцизни приходи, а главна причина е нивната ценовна нееластичност.

Од друга страна ВМРО ДПМНЕ со амандман бара промени во акцизата за да се помогне во енергетската криза.Каков ефект би имало тоа?

-Ајде да бидеме реални, бидејќи најлесно е да бараме и бараме и тоа не само од една партија, туку кој не би сакал да се намалат акцизите? Но, да влеземе во чевлите на оној кој треба да обезбеди буџетски приходи. Еве и јас лично би замислила да немаме акцизи бидејќи има енергетска криза. Но, можно ли е? Не. Мора да ги имаме предвид реалните услови во нашата држава. Не сме ние богата државна каса со сиромашни граѓани, ниту обратно. Во оваа реалност, такво нешто е илузија. Ако нешто се воведе, тоа би имало само привремен карактер и не го решава проблемот. Едноставно, оние кои се најпогодени со цените на акцизите, а мораат да ги плаќаат ќе треба да направат прераспределба во своите расходи, и своите приоритерти. Сметам дека не сме доволно богата држава за да се откажеме од акцизите. Ако такво нешто се прави, ќе треба други давачки да се зголемат за сметка на намалување или укинување на акцизите. Кои?

Во услови кога задолжувањата растат, младите се иселуваат, кога се планираат нови вработувања и зголемување на плати, во буџетот се планира да бидат собрани и 1,21 милијарди евра од придонеси од кои 818 мил од ПИОМ…

-Придонесите од задолжително осигурување е предвидено да донесат приходи кои се повисоки за 7.5% во однос на 2021година, односно тие се така испланирани за да бидат во чекор со очекуваниот номинален пораст на платите од 4.7%, и зголемената стапка на вработеност од 47.3% на 48.4%. Така што, ми делува логично, а дали ќе се оствари не знам. Не зависи само од буџетските проекции, туку и од други фактори. Отселувањето на младите е застрашувачко, поразително и не се решава со буџетски мерки, туку со многу подлабоки, економски, образовни, политички и правни. Тука имаме децениски проблем, за кој сум лично сведок во контакт со многу студенти и млади луѓе. Тие својата иднината не ја гледаат надвор заради недостиг на социјални трансфери или само малку поголеми плати. Сонуваат за многу повеќе. Ги разбирам. Сакаат да живеат во организирано општество со висок квалитет на јавни добра и услуги, каде ќе им биде овозможено подобро образование,валоризација на трудот. Не си одат заради поголеми социјални надоместоци, и нив буџетските мерки нема да ги задржат, туку сеопфатна економска политика и владеење на правото.

Дали сметате дека ова ќе биде првиот буџет кој нема да доживее ребаланс или со тоа ќе се соочи уште во првата половина од 2022?

-Па не сметам дека на ребалансот треба да се гледа како пораз, осебено во услови на неизвесност во целокупната светска економија поради пандемијата, која и да стивне, последиците и се подолготрајни. Од друга страна, генерално буџетот за 2022-ра делува коректно обмислен и проектиран во однос на расположливите ресурси, така што очекувам состојбата да биде слична со 2021-ва година, кога имавме еден ребаланс. Поважно е граѓаните и компаниите да се потпрат повеќе на сопствените сили и да не очекуваат дека сме држава која може да се однесува како богаташ кој постојано помага. Не, треба да бидеме реални, имаме најмали даноци во Европа, па соодветно, такви ни се и можностите за расходи, социјални трансфери и инвестиции. Повеќе можеме да работиме како држава на кратење и преструктурирање на расходите, отколку на зголемување на приходите во моментов, за жал.

К.В.С.

Слични содржини