Дали детето има грижи, стравови, дали го мачи неизвесност во врска со поаѓањето во училиште после речиси година ипол отсуство поради пандемијата предизвикана од корона вирусот и како родителите да му помогнат на своето чедо, „Локално“ разговараше со училишниот психолог Ана Попризова. Таа над 20 години работи во средно училиште како професор по психологија и училиштен психолог. Претседателка е на Активот на стручни соработници на средните училишта на Град Скопје. Во интерјуто, училишниот псиохолог Попризова говори и за тоа што треба родителите да преземат, доколку нивното дете е цел на „он лајн – булинг“ (кога едно дете се исклучува од социјалната група креирана за дружење).
Отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е посакувана одлука за новата учебна година, која за жал повторно се организира во услови на пандемија. И УНИЦЕФ смета дека нема подобра опција од онаа ученциите да бидат физички присутни на школските часови. Што добиваат учениците со физичко приуство и што губат доколу и понатаму се продолжи со он лајн образование?
-Оваа учебна година ќе започне со физичко присуство на учениците, како што и УНИЦЕФ препрачува. Останува да се види како ќе се одвива состојбата со пандемијата понатаму, за да видиме дали така и ќе се продолжи. Училиштата се подготвуваат што е во границите на нивните можности. Од МОН се добиени препораки за организирање на воспитнообразовниот процес. Физичкото присуство ги задоволува потребите за социјализација и комуникација кои се од исклучителна важност за децата. Тоа има благопријатно влијание на детскиот развој и менталното здравје на децата. Ставени во услови на он лајн настава, особено што веќе долго време учениците се изолирани, (ова особено кај учениците од предметна настава од основно образование, како и оние кои се на почеток на средното образование, кои немаат можност да бидат многу во контакт со своите врсници) може да предизивика зголемена напнатост, стравови, панични напади, намалена самодоверба, намален училишен успех и мотивација, намалена концентрација, повлекување во себе, намалени социјални контакти, зголемена зависност од социјални мережи и сл.
Во јавноста разногласието се сведе на две опции. Првата е дека од први септември наставата ќе биде со физичко присуство и втората дека повторно ќе се соочиме со електронско школство поради зголемениот број на заболени од ковид -19. Ми се чини дека и двете опции на некој начин се ризични. Какви се подготовки треба да направат родителите и во првата и во втората опција?
– Пандемијата е ризик сам по себе за здравјето и животот на сите. Верувам дека во текот на учебната година ќе правиме адаптации на овие две опции, во зависност од бројката на заболени, временските услови и условите во здравствениот систем. Така впрочем функционираа и повеќе училишта во светот во изминатиот период, а делумно и кај нас се одвиваше настава со физичко присуство во одделенската настава со релативно мали проблеми. Родителите треба да ги прифатат одлуките кои ги носи МОН, бидејќи тоа е организиран образовен систем, кој е значаен за здравјето и добросостојбата на нивното дете. Доколку заради сопствени стравови инсистираат на некоја опција, веројатно првата, тоа истовремено значи лишување и попречување на развојот на детето, кое веќе доволно било изолирано. Секако дека ваква долготрајна изолација може да предизивика и посериозни проблеми со менталното здравје на децата, нивно изолирање од соучениците и сите оние проблеми кои погоре ги наведов. Доколку отворено се спротивставуваат на мерките, прават конфузија кај детето, кое е изложено на двојни пораки, едни од родителот, а други од училиштето. Секако има случаи кај ученици кои имаат здравствени проблеми и нивната состојба треба да биде земена во обзир.
Доколку за наставата со учење од далечина, децата веќе имаат одредено искуство, па и родителите ќе можат да направат добра подготовка да им бидат поддршка на децата. Паралелно со ова треба да се направи план во договор со детето за воведување на активности кои во безбедни услови би значеле престој во природа, физичка активност и делумна (безбедна) социјализација.
Доколку пак наставата биде со физичко присуство главен акцент родителите да стават на почитување на мерките, личната хигиена и одговрноста за сопственото однесување во училишните клупи.
Како да реагираат родителите доколку нивните деца покажуваат несигурност кон процесот на враќање во училишните клупи?
-Најдобар начин е низ разговор да проверат како нивното дете се чувствува во врска со поаѓањето во училиште, дали имаат стравови, грижи и неизвесности околу тоа. Многу е значајно родителот да не ја негира состојбата на детето со изјави: „Не ти е ништо!“, „Ќе ти помине“ и сл, бидејќи на овој начин не е поддршка за детето. На детето му е потребно разбирање, би помогнало потсетување и охрабрување на дететео со сумирање на претходни искуства кои биле предизвикувачки за детето, а начините на кои тоа успешно се справило, споделување на искуства како родителот се справил со слични ситуации и разговор околу мрежата на поддршка која ја има детето за да не се почувствува само и изолорано.
Сепак поради зголемениот број на заболени од коронавирус властите не ја исклучуваат можноста и оваа учебна година наставата да почне он лајн. Што ќе претставува за учениците уште еден подолг школски период поминат во настава, дома пред компјутер. Што губат децата со ваквото образование – он лајн?
-Ништо не може да ја замени живата комуникација. Низ меѓусебната интеракција децата развиваат многу вештини кои се однесуваат на тимска работа, комуникација, емоционална и социјална интелигенција, справување со нови ситуации, емпатија, споделување и сл. Учениците во изминатиот период беа во голема мера изолирани, во постојан страв за сопстевното здравје и здравјето на блиските, некои претрпеа и семејни загуби. Ова остава трага на нивното здравје. Им се намали мотивацијата за учење и комуникацијата. Некои станаа апатични со намален интерес за активности, и интелектуални и физички. Усвоените знаења со он лајн настава останува да се види колку се трајни и квалитетни, што секако е хедникеп за оние ученици кои се ориентирани на висок училишен успех и постигнувања.
Кој е најдобриот начин да го заштитиме менталното здравје на учениците, а при тоа да се одржи и нивото на квалитет на наставата и социјализацијата на учениците?
-Готов модел нема, останува ние да развиеме наш модел, кој би подразбирал баланс меѓу физичко присуство но и имплементирање на сите придобивки кои ги носи он лајн наставата кои се многу погодни за развивање на креативноста и мотивацијата за учење, бидејќи можностите кои ги нудат компјутерите и интернетот се навистина многу инспиративни. Секако дека при ова е многу значајно на наставниицте да им се пружи поддршка со обезбедување на материјално технички услови и доедукација.
И во време на учење од далечина слушаме дека меѓу учениците постои „он лајн булинг“ (кога едно дете е исклучено од социјалната група која е креирана за дружење). Како родителите во ваков случај, да се справат со осаменоста на своето чедо?
-Булингот, односно меѓуврсничкото насилство постои во сите услови. Она што може да направи родителот е да разговара со претставници од училиштето (наставник, класен раководител, предметни наставници, стручна служба, директор, како и претставници од Државен просветен инспекторат за да се работи на надминување на овој проблем во паралелката). Истовремено многу е значајно на детето да му се пружи стручна помош од стручни лица. Родителот е значајно да го охрабри детето да зборува за тоа што се случува и да биде поддршка.
Училиштата би требало да работата на превенција на оваа појава. Последниве години доста се работи на зајакнување на капацитетите на училиштата за справување со оваа појава. Во училиштата има протоколи за постапување во услови на он лајн настава кои вклучуваат и јасни правила на он лајн комуникација. Зналајно е училиштата да посветат внимание на овие правила доколку се воведе он лајн наставата.
Воспитно – образовниот процес, се состои од ученици, наставници, родители, од општините. Дали сите заедно треба да се вклучат во креирањето на тоа што е најдобро за ученците во време на пандемија?
-Најдобар модел е партнерскиот модел помеѓу сите овие чинители, во интерес на децата. Се додека не се работи на интеграција на работата на овие чинители во заеднички интерес, а тоа е здравје и едукација на младите, овој однос остава простор за манипулации и претставува политичко прашање. Сакам да верувам дека на сите овие чинители здравјето и добросостојбата на децата им е од највисок интерес.
Б.Т.