ИНТЕРВЈУ со Пуарел: Пандемијата на „Ковид-19“ сериозно влијае на човековите права

од Vladimir Zorba
596 прегледи

Тековната пандемија сериозно влијае на човековите права. Сите земји се принудени да донесат мерки за борба против ширењето на вирусот коишто влијаат на уживањето на правата на луѓето. Треба да се гарантира соодветна рамнотежа и пропорционалност при планирањето и спроведувањето на ваквите мерки, вели во интервју за „Локално“ Кристоф Пуарел, Директор на Директоратот за човекови права во Советот на Европа.

Пандемијата, вели, штетно влијае и врз економијата, откако многу луѓе ја изгубија својата работа и се зголемува процентот на лица коишто живеат во сиромаштија. Дополнително, мерките за изолација и затворање ја зголемуваат застапеноста на родово-базираното насилство.

– Затоа, можеме да очекуваме зголемување на побарувачката за правна помош и системите за правна помош треба да бидат подготвени да функционираат ефикасно во контекст на пандемијата, со зголемување на употребата на онлајн алатки и ограничување на директните контакти, смета Пуарел.

Во однос на бесплатната правна помош (БПП) во С.Македонија и дали овој нов закон ќе ја подобри состојбата во земјата, тој вели дека постојат знаци дека реформата ќе влијае позитивно врз пристапот до правда во земјата.

– Ослободувањето од судски и административни такси, како и од трошоци за стручни сведоци треба да овозможат сигурност дека граѓаните не се принудени да го повлекуваат својот случај за време на постапката, поради недостаток на средства за покривање на други трошоци што не се поврзани со правна помош, смета Директорот на Директоратот за човекови права во Советот на Европа.

Раководител сте на Дирекцијата за човекови права во Советот на Европа. Можете ли накратко да ни кажете што е она што го прават Вашата организација и дирекција?

– Советот на Европа претставува водечка организација за човекови права на континентот. Тој вклучува 47 земји-членки, од коишто 27 се дел и од Европската Унија. Советот на Европа работи заедно со своите земји-членки во поставувањето меѓународни стандарди, следење на усогласеноста на Владата и поддршка на напредокот во областа на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Мојот Директорат ја извршува работата на Советот на Европа во однос на човековите права, како и стандардите за владеење на правото на Советот на Европа.

Советот на Европа ги поддржува земјите со цел да ги исполнат стандардите за човекови права. На кои области се фокусира Советот во Северна Македонија?

– Советот на Европа има своја програмска канцеларија во Скопје од 2012 година. Преку нашата канцеларија, спроведуваме проекти за соработка, главно финансирани од страна на Европската Унија. Проектите што се спроведуваат во моментов опфаќаат различни области, како што се: реформа на секторот за правда, подобрување на условите во затворите, реформа на полицијата, обезбедување поширок пристап до правдата, подобрување на усогласеноста на судовите со стандардите за човекови права во борбата против лошото постапување и неказнивоста, решавање на економскиот криминал, промовирање на антидискриминација и заштита на правата на ранливите групи како жртви на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација, како и промовирање на слободата на изразување и слободата на медиумите.

Како што споменавте, една од областите е и пристапот до правдата. Ова е клучен предуслов за обезбедување заштита на човековите права. Како Советот на Европа придонесува за подобрување на пристапот до правда?

– Повеќе од три години, Советот на Европа ги поддржува реформите во правната помош во Северна Македонија. Преку тековниот проект заеднички финансиран од ЕУ/Совет на Европа, нашата програмска канцеларија во Скопје работи на зајакнување на институционалниот капацитет на Министерството за правда и другите учесници во системот за бесплатна правна помош (БПП), за да се постигне ефективна и ефикасна имплементација на Законот за бесплатна правна помош, усвоен во 2019 година. Со оглед на тоа дека новиот закон го децентрализираше процесот на донесување одлуки, Советот на Европа ги поддржува регионалните канцеларии на Министерството за правда да се осигураат дека имаат капацитет да обезбедат квалитетна примарна правна помош, што значи првичен правен совет до граѓаните, како и ефикасно процесирање на барањата за секундарна правна помош, што значи правно застапување. Исто така, поддржува и поефикасна соработка и координација меѓу сите клучни засегнати страни во врска со правната помош и зголемената свест на граѓаните за нивното право да бараат правна помош.

Минатиот месец, Советот започна со кампањата за подигнување на свеста за правото на бесплатна правна помош. Вие бевте дел уште од почетокот на настанот. Кои активности се предвидуваат во рамките на кампањата?

– Советот го поддржа МП во поставувањето и лансирањето на веб-страницата www.pravnapomos.mk што ќе функционира како платформа за наоѓање важни и ажурирани информации за услугите поврзани со бесплатната правна помош во Северна Македонија. За време на кампањата ќе се направи широк спектар на информативни алатки и активности, вклучувајќи и информативни летоци и брошури за правото на бесплатна правна помош и како таа да се искористи. Целта на кампањата е да се информираат луѓето во Северна Македонија за критериумите и постапката за добивање правна помош кога имаат правен проблем, но немаат ресурси да ангажираат адвокат.

Каде е денес Северна Македонија во однос на БПП и дали овој нов закон за БПП ќе ја подобри состојбата?

– Иако е сè уште рано да се носат заклучоци бидејќи помина само една година од спроведувањето на „новиот“ Закон за бесплатна правна помош, постојат знаци дека реформата ќе влијае позитивно врз пристапот до правда во земјата. Олабавувањето на критериумите за доделување секундарна правна помош го зголеми процентот на население коешто може да има корист од бесплатната правна помош доколку таа е потребна. Ослободувањето од судски и административни такси, како и од трошоци за вештачење треба да овозможат сигурност дека граѓаните не се принудени да го повлекуваат својот случај за време на постапката, поради недостаток на средства за покривање на други трошоци што не се поврзани со правна помош. Сепак, спроведувањето треба да се преиспита и соодветно да се решат сите проблеми и недостатоци кои би се појавиле. За таа цел, Советот на Европа ќе поддржи и спроведување на истражување на правните потреби на национално ниво со цел да утврди дали потребите на населението за правна помош се третираат соодветно и да се планира во согласност со истото.

Да се вратиме на стандардите за човекови права. Кои се барањата на Европската конвенција за човекови права, како и на судската пракса на Европскиот суд за човекови права за правна помош?

– Иако Конвенцијата не го утврдува изречно правото на бесплатна правна помош во граѓански прашања, Европскиот суд за човекови права произведе значајна судска пракса, каде според одредени критериуми, државите мораат да обезбедат дека недостатокот на средства нема да го нарушува правото на фер судење. Интересите на правдата коишто бараат доделување правна помош на поединец зависат од фактори како што се: важноста на случајот за поединецот; комплексноста на случајот и капацитетот на поединецот да се претставува себеси.

Општо земено, Советот на Европа смета дека пристапот до правдата е витален елемент во демократскиот процес и еден од основните принципи на владеењето на правото. Тој е од суштинско значење за слободата, правичноста и достоинството и треба да им се гарантира на сите лица без оглед на нивната финансиска состојба. Со тоа на поединецот му се гарантира способност да ги заштити своите права во согласност со стандардите за човекови права. Пристапот до правна помош (обезбедување правни совети, помош и/или застапување без никаков трошок или предмет на финансиски придонес) е клучен за да се обезбеди пристап до правдата. Шемите за правна помош треба да ги покриваат трошоците поврзани со правни совети, помош и застапување. Европскиот комитет за правна соработка (CDCJ), тело на Советот на Европа на коешто му е доверено да разработува нови стандарди во областа на јавното и приватното право, во моментов подготвува насоки за ефикасноста и ефективноста на шемите за правна помош во областите на граѓанското и административното право. Ваквите насоки, штом се финализираат ќе овозможат конкретни решенија коишто можат да ги направат националните шеми за правна помош во областите на граѓанското и административното право поефикасни и поефективни, без да се менува нивната целокупна организациска рамка.

Во изминатава година, светот е окупиран со корона-вирусот и воведување на итни мерки и ограничувања во градовите. Многу луѓе истакнуваат дека радикалните мерки ги кршат основните човекови права. Дали мислите дека побарувачката за БПП ќе се зголеми во однос на ваквите мерки?

– Тековната пандемија сериозно влијае на човековите права. Сите земји се принудени да донесат мерки за борба против ширењето на вирусот коишто влијаат на уживањето на правата на луѓето. Треба да се гарантира соодветна рамнотежа и пропорционалност при планирањето и спроведувањето на ваквите мерки. Пандемијата штетно влијае и врз економијата. Многу луѓе ја изгубија својата работа и се зголемува процентот на лица коишто живеат во сиромаштија. Дополнително, мерките за изолација и затворање ја зголемуваат застапеноста на родово-базираното насилство. Затоа, можеме да очекуваме зголемување на побарувачката за правна помош и системите за правна помош треба да бидат подготвени да функционираат ефикасно во контекст на пандемијата, со зголемување на употребата на онлајн алатки и ограничување на директните контакти. Проектниот тим на Советот на Европа за БПП одржува тесна соработка и дијалог со МП и другите клучни учесници во системот на БПП за да ја прилагоди својата поддршка на потребите коишто се појавуваат.

Слични содржини