Во 2024 година, финансирањето на Групацијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ Глобално) за нови проекти достигна 693 милиони евра во Западен Балкан за енергетска безбедност, одржлив транспорт, климатски активности, дигитален развој и развој на човечки капитал. Од овие средства, потпишани се заеми во износ од 527 милиони евра, 164 милиони евра во грантови од ЕУ според Инвестициската рамка за Западен Балкан и 2 милиони евра во грантови во рамките на Иницијативата за економска отпорност на ЕИБ. Најголем дел од новите потписи беше распределен на одржливиот транспорт (43 %), проектите за чиста енергија (31 %, рекорд) и приватниот сектор (20 %).
„Целосно сме посветени на поддршката на сите земји во регионот на нивниот пат кон интеграција во ЕУ. Постигнувањето поголема конвергенција со Европската Унија бара значителни реформи и инвестиции, поради што комбинираната финансиска и техничка поддршка од тимот Европа обезбедува кохерентна, континуирана и обемна поддршка. Најновиот план за раст претставува пример за иницијативи што можат да ја забрзаат пазарната интеграција, економскиот раст и амбициите за пристап во ЕУ“, рече заменик-претседателот на ЕИБ, Роберт де Грот.
Поддршка на енергетски проекти
Банката обезбеди 213 милиони евра во заеми за рехабилитација на неколку големи хидроцентрали и инсталацијата на напредни броила за електрична енергија во Србија. Покрај тоа, ја финансираше изградбата на една од најголемите соларни фотоволтаични централи во близина на Приштина во Косово*, што ќе ги задоволи енергетските потреби на повеќе од 29.000 домаќинства и ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 174.000 тони годишно.
„Како климатска банка на ЕУ, ги интензивиравме нашите напори да промовираме зелена транзиција во сите земји во регионот и сме цврсти во нашата посветеност да ја поддржиме декарбонизацијата на регионалните економии за да обезбедиме енергетска безбедност и да го намалиме загадувањето на животната средина“, рече заменик-претседателот Де Грот.
Банката, исто така, ја стави на располагање советодавната програма за Зазеленување на финансиските системи (GFS) во Северна Македонија и Албанија за подобрување на практиките за управување со климатскиот ризик на националните и локалните банки и зелените инвестиции меѓу компаниите. Неколку проекти финансирани од ЕИБ ја искористија техничката помош во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан и советодавната програма Заедничка помош за поддршка на проекти во европските региони (JASPERS). Од потпишувањето на својот трет мандат во есента на 2023 година, експертите на JASPERS работат на 32 советодавни задачи во Западен Балкан, покривајќи ги секторите за транспорт, вода, енергија, како и урбаниот и дигиталниот сектор.
Унапредување на одржливото поврзување во 2024 година
Во 2024 година, ЕИБ Глобално продолжи да го поддржува транспортниот сектор со ново финансирање од 295 милиони евра. Ова вклучуваше договори за рехабилитација на железничките делници во Црна Гора и Албанија. Овие инфраструктурни подобрувања долж проширената Трансевропска транспортна мрежа (TEN-T) ќе ги зголемат железничкиот капацитет, ефикасноста и безбедноста, промовирајќи премин од патна кон одржлива мобилност. Дополнително, банката потпиша грантови во износ од вкупно 79 милиони евра од ЕУ за изградба на дел од Коридорот Vc во Босна и Херцеговина.
Поттикнување на создавањето работни места и климатски активности меѓу регионалните компании
ЕИБ Глобално инвестираше 151 милион евра за поддршка на проекти за проширување, вработување, иновации и чиста енергија меѓу компаниите. Благодарение на првата кредитна линија заснована на влијание, малите бизниси во регионот создадоа нови работни места, можности за обука и развој на кариера за луѓето од ранливите групи. Во рамките на „Гарантниот капацитет на Програмата за развој и иновации на претпријатија во Западен Балкан (WB EDIF) за отпорност на МСП“, Европскиот инвестициски фонд, дел од Групацијата ЕИБ, обезбеди гаранции што се очекува да отклучат заеми во вредност поголема од 750 милиони евра за околу 13.000 мали бизниси, со што ќе се одржат околу 180.000 работни места.
За ЕИБ
Европската инвестициска банка е институција за долгорочно кредитирање на Европската Унија во сопственост на нејзините земји-членки. Таа финансира инвестиции коишто придонесуваат кон целите на политиката на ЕУ. Проектите на ЕИБ ја зајакнуваат конкурентноста, поттикнуваат иновации, промовираат одржлив развој, ја подобруваат општествената и територијалната кохезија и поддржуваат праведна и брза транзиција кон климатска неутралност.
ЕИБ е еден од водечките меѓународни финансиери во Западен Балкан. За детални информации за активностите на ЕИБ во овој регион, одете на www.eib.org/en/publications/the-eib-in-the-western-balkans.
За ЕИФ
Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) е дел од групацијата на Европската инвестициска банка. Неговата централна мисија е да ги поддржува микро, малите и средни бизниси во Европа помагајќи им да пристапат до финансии. ЕИФ дизајнира и развива капитал за вложување и раст, гаранции и микрофинансиски инструменти што конкретно го таргетираат овој сегмент на пазарот. Во оваа улога, ЕИФ ги поттикнува целите на ЕУ за поддршка на иновациите, истражувањето и развојот, претприемништвото, растот и вработувањето. За повеќе информации, погледнете на https://www.eif.org