Apple планира да ја прошири својата апликација Health на уште неколку области за кои смета дека би можеле да се следат преку сензори вградени во iPhone. Досега, оваа апликација веќе ги следи, ако сакате, бројот на чекори, циклуси на спиење, а со Apple Watch, исто така, може да ги следи отчукувањата на срцето, заситеноста со кислород во крвта и бројни други параметри. Според „Волстрит Журнал“, на здравствените функции на iPhone наскоро би можеле да им се придружат и оние поврзани со менталното здравје.
Користењето достапни сензори внатре во мобилниот телефон обезбедува податоци за движење, физичка активност, сон, обрасци при пишување на екран и слично, а истражувачите на Apple веруваат дека нивната комбинација – со напредни алгоритми – може да се анализира за откривање знаци на ментална состојба или болест. Па така, во иднина, iPhone би можел да ги предупреди своите корисници дека паднале во депресија (или дека тукушто влегуваат во неа), но и за намалувањето на нивните когнитивни способности.
Покрај тоа, камерите од iPhone, се понапредни и подобри со секоја измината година и, исто така, можат да ги фатат лицата на децата за да откријат различни модели поврзани со аутизмот. Овој проект се спроведува во соработка со Универзитетот Дјук. Технологијата би функционирала така што алгоритмите ќе го следат лицето на детето преку камери и ќе го анализираат начинот и времето кое му треба, за да се фокусира. Еден од симптомите на аутизмот е губењето на вниманието, па истражувачите веруваат дека овие знаци би можеле да се забележат преку мобилните телефони.
Овие студии спроведени од Apple во соработка со научниците можеби никогаш нема да оживеат во пракса, но „Волстрит Журнал“, исто така, забележува дека компанијата претходно спровела неколку слични студии поврзани со здравјето на срцето, и на крајот во Apple Watch се вградени можности за ЕКГ и следење на разни кардио функции.