Apple е еден од последните големи производители кој сè уште нема претставено преклоплив паметен телефон. Главната пречка во развојот, според странските медиуми, било видното туткање на екранот, што го забавило процесот додека добавувачите на Apple се обидувале да најдат техничко решение.
Сепак, според информациите на порталот Business Korea, Samsung Display конечно успеал да го реши овој проблем, со што се создадени услови за продолжување на развојот на преклопливиот iPhone. Лансирањето на уредот се очекува во втората половина на 2026 година.
Иако Apple обично користи екрани од Samsung, LG и BOE, овојпат наводно ќе соработува исклучиво со Samsung. Ова е ретка, но значајна победа за Samsung Display, кој изгуби дел од својот пазарен удел во последниве години, пишува GSM Arena.
Според досегашните гласини, новиот iPhone ќе има 5,5-инчен OLED надворешен дисплеј и 7,8-инчен главен дисплеј кој ќе се преклопува како книга, слично на серијата Galaxy Z Fold од Samsung. Овој уред директно би се натпреварувал со следната генерација на преклопливи телефони, како Galaxy Z Fold 8.
Кога станува збор за цената, се очекува уредот да биде еден од најскапите на пазарот — со почетна цена поголема од 2000 долари на американскиот пазар. Дополнително, поради новите царински давачки, цената во други региони може да биде и повисока.
Apple сè уште не донел конечна одлука за обемот на производство, но според неофицијални информации, планираното годишно производство би можело да изнесува меѓу 9 и 15 милиони единици.