Курдските и сојузните власти притвориле околу 1.500 деца во Ирак поради нивна наводна поврзаност со терористичката Исламска држава, соопштија од невладината организација Human Rights Watch, пренесува BBC.

Според најновиот извештај, децата се притворени и измачувани за да издадат информации. Од организацијата ги повикуваат сојузните власти и властите на Курдистан да ги изменат законите за борбата против тероризмот за да се прекине апсењето деца, бидејќи така се кршат нивните меѓународни права.
Ирачките и курдските власти досега не го коментирале случајот со децата, а властите во курдските региони ги отфрлија обвинувањата во извештајот во кој се споменува мачење на деца за да се дојде до информации за ИД.
Во извештајот стои дека кон крајот на 2018 година ирачките и курдските власти држеле околу 1.500 деца во притвор. Најмалку 185 деца се осудени и затворени поради обвинувања за тероризам. Локалните власти кривично ги гонат децата за кои сметаат дека се поврзани со терористите, ги мачат и не им е овозможено правично судење, велат од Human Rights Watch (HRW).
Овие податоци ги добиле откако разговарале со 29 деца кои биле во притвор поради наводна поврзаност со ИД. 19 деца рекле дека биле мачени и тепани со пластични цевки, електрични кабли или метални шипки.