Иран го осуди на смрт поранешниот заменик министер за одбрана, кој има двојно иранско-британско државјанство под обвинение за шпионирање за Велика Британија, објавија во средата иранските државни медиуми.
Велика Британија ја опиша смртната казна на Алиреза Акбари како политички мотивирана и повика на негово итно ослободување.
Акбари беше близок соработник на Али Шамкани, кој моментално е секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран и беше министер за одбрана од 1997 до 2005 година, кога Акбари беше негов заменик.
„Тој беше еден од најважните британски разузнавачи во Иран кој имаше пристап до некои многу чувствителни центри во земјата. Акбари целосно свесно ѝ дал информации на шпионската служба на непријателот“, соопшти иранското министерство за разузнавање.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли повика на ослободување на Акбари.
„Иран мора да го запре погубувањето на британско-иранскиот државјанин Алиреза Акбари и веднаш да го ослободи. Ова е политички мотивиран чин на варварски режим со целосно непочитување на човечкиот живот“, напиша Клеверли на Твитер.