Иранското Министерство за надворешни работи го отповика амбасадорот на земјата во Шведска.
Таа одлука дојде откако шведскиот суд го осуди иранскиот државјанин Хамад Нури на доживотен затвор за наводни воени злосторства и убиства извршени за време на ирачко-иранската војна во 1980-тите, објави денеска иранската државна телевизија.
Како што е објавено, портпаролот на министерството, Насер Канани, рекол дека презел чекори за консултации во врска со одлуката за доживотен затвор, на која Нури беше осуден на почетокот на месецов во Шведска, пренесува АП. Иран претходно реагираше на одлуката на шведскиот суд велејќи дека таа е политички мотивирана.
На 14 јули, Нури беше осуден на доживотен затвор во Шведска за неговото учество во егзекуција на политички затвореници во Иран во 1980-тите.
Тој беше уапсен на аеродромот во Стокхолм во 2019 година и обвинет за воени злосторства, масовна егзекуција и тортура на политички затвореници во затвор во Карај, Иран, во 1988 година.
Злосторствата за кои е обвинет Нури, наводно, биле извршени за време на иранско-ирачката војна.
Како што војната се приближуваше кон крајот, тогашниот врховен лидер на Иран, ајатолахот Хомеини, нареди егзекуција на околу 5.000 политички затвореници, а Нури во тоа време работеше во затвор во близина на Техеран, соопштија обвинителите.