Иран објави дека истрелал балистички ракети со среден дострел Сеџил-2 кон Израел, објави во соопштението Иранската револуционерна гарда (ИРГК).
„Дванаесеттиот бран на операцијата „Вистинско ветување“ започна со лансирање на супертешки ракети Сеџил-2“, се вели во соопштението за медиумите.
Иранската државна телевизија објави дека Иран испалил ракети кон Израел во најновиот бран напади, тврдејќи дека тие успешно го пробиле одбранбениот систем на Израел.
Истовремено Израелската војска вели дека лансирала ракети кон ирански ракетен објект.
Околу 400 балистички ракети и 1.000 дронови беа лансирани кон Израел, најмалку 24 мртви од почетокот на конфликтот
Иран лансираше приближно 400 балистички ракети и 1.000 дронови кон Израел од почетокот на конфликтот во петокот, изјави израелски воен функционер за Си-Ен-Ен.
Според него, од вкупниот број испукани ракети, околу 20 балистички ракети погодија цивилни области во Израел. Најмалку 24 лица се убиени во напади од почетокот на израелската воена операција.