Иран ѝ вети на Русија беспилотни летала и проектили „земја-земја“

од Nikola Popovski
179 прегледи

Иран вети дека ќе ѝ обезбеди на Русија ракети земја-земја покрај беспилотните летала, изјавија за Ројтерс двајца високи ирански претставници и двајца ирански дипломати.

Договорот бил постигнат на 6-ти октомври кога првиот потпретседател на Иран Мохамад Мокбер, двајца високи функционери на моќната иранска Револуционерна гарда и претставник на Врховниот совет за национална безбедност ја посетиле Москва за да разговараат за испорака на оружје со Русија, пренесе британската агенција.

Русите бараа повеќе беспилотни летала и ирански балистички ракети со подобрена прецизност, особено оние од ракетните семејства Фатех и Золфагар, рече еден од иранските дипломати информиран за патувањето.

Западен функционер информиран за ова го потврди ова, велејќи дека постои договор меѓу Иран и Русија за обезбедување балистички ракети земја-земја со краток дострел, вклучувајќи го и Золфагар.

Ирански дипломат ги отфрли тврдењата на западните официјални лица дека таквите трансфери се кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 2015 година.

„Каде се користат не е прашање на продавачот и ние не заземаме ниту една страна во украинската криза како Западот, туку сакаме таа да заврши дипломатски“, рекол дипломатот.

Украина извести за серија руски напади во последните недели со помош на ирански беспилотни летала Шахед-136.

Иран ги отфрли обвинувањата дека ѝ испорачувал дронови на Русија, додека Кремљ денеска негираше дека неговите сили користеле ирански беспилотни летала за да ја нападнат Украина.

На прашањето дали Русија користела ирански беспилотни летала во својата кампања во Украина, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Кремљ нема информации за нивна употреба.

Се користи руска опрема со руска номенклатура, рече тој и додаде дека сите прашања на таа тема треба да се упатат до Министерството за одбрана.

Слични содржини