Иранската државна телевизија денес објави дека Техеран официјално започнал со ограничување на меѓународните инспекции на своите нуклеарни постројки, пренесува АП.
Агенцијата наведува дека во извештајот на државната телевизија не се наведени повеќе детали од потврдата дека Иран ја реализирал својата најава за намалување на соработката со инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Иран претходно соопшти дека планира да го запре спроведувањето на Дополнителниот протокол меѓу Техеран и МААЕ постигнат според нуклеарниот договор од 2015 година, што им дава на инспекторите на ОН поголеми овластувања да ги посетуваат нуклеарните постројки и да ја следат иранската програма.
Во изминатите неколку месеци, Иран започна да ги крши одредбите од договорот постигнат во 2015 година со светските сили, кој предвидуваше ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите против Иран, наведува агенцијата.
Техеран одлучи да го стори тоа по едностраното повлекување на САД од договорот под тогашниот претседател Доналд Трамп и повторното воведување на американските санкции кон Иран.