Исени: Предлог-буџетот не е лош, проблемот настанува кога истиот треба да се применува

од Vladimir Zorba
570 прегледи

Добро е, но не е доволно“. Спротивно на очекувањата на јавноста дека со цената за електрична енергија од 80 евра за мегаватчас за производителите на храна, граѓаните ќе можат да здивнат од поскапувањата, Комората на Северозападна Македонија е децидна дека не станува збор за конечно решение. Треба да  се има предвид , велат од таму,  колку од тие производи ги произведуваме ние а колку увезуваме.

Коментирајќи ги придобивките од самитот на Берлинскиот процес каде лидерите на земјите од Западен Балкан потпишаа три регионални договори за мобилност, извршниот директор на Комората, Дриљон Исени за „Локално“ посочува дека интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ треба да почне преку интеграција во регионалните пазари.

„Следствено на оваа, бизнис секторот во државата веќе неколку години е во исчекувања на подобрување на регионалната соработка со цел економски раст и развој, особено со Отворен Балкан, кој се уште не испорача посакувани резултати“, вели Исени.

Во оваа насока како константен проблем ги посочува големите трошоци за транспорт и лошата инфраструктура што претставува дополнителен финансиски товар и влијае на цената на производите.

Во Комората стојат зад вербата дека македонската економија може да зачекори рамо до рамо со европските економии, но како што сугерираат, за да го постигнеме тоа, никако не смееме да ја испуштиме шансата која што ни е на дофат.

Според Исени, бизнис заедницата работи во насока на унапредување на нови технологии, но потребна е и подршка од државата.

„Треба да им се обезбеди и инфраструктура за работа, почнувајќи од патна и железничка инфраструктура, унапредени царински услуги, напредок во подноставување на административните процедури и слично“, посочува Исени.

Коментирајќи го новиот буџет – тежок 5,3 милијарди евра, Комората го оценува како преамбициозен без транспарентни критериуми како ќе се пласираат тие  средства во стопанството.

Предлог-буџетот за 2023 год ќе тежи рекордни 5,3 милијарди евра.Во новата државна каса планирани се 250 милиони евра за помош во справување со енергетската криза.Дали сметате дека со вака проектираните ставки , помошта ќе биде доволна за бизнисот?

Како и многу закони, и предлог-буџетот не е лош, но проблемот настанува кога истиот треба да се применува. Особено ова е важно за буџетот на државата, кој треба добро да се испланира и од аспект на приходната и од расходната страна. Генерално, може да го сметаме за пре-амбициозен буџет кој е тешко остварлив. Помошта на стопанството ќе зависи многу од критериумите кои ќе се утврдаат при реализација на тие расходи. По кој клуч и која намена ќе се пласираат во стопанството тие средства? Од време на пандемијата па се досега немаме целосни информации, збирни, по однос на тоа колку средства се инјектирани во стопанството без разлика од која мерка доаѓаат тие средства. Ние реагираме на тоа зошто нема никаква отчетност која се однесува на реализација на тие проекти предвидени во буџетот.

Капиталните расходи стигнаa вредност од отколку 800 милион евра, што е над 50% повеќе од предвидените средства во предходнaта година. Од друга страна оваа година, капиталните расходи заклучно со крајот на септември стигнаa на само 41%, а за да имаат ефект во економијата капиталните расходи мора да се реализираат со стапка од 80%. Фокусот треба да го насочиме кон целосна имплементација на инфраструктурни проекти, за да бидеме конкурентни со соседните држави, кои со брзи чекори се оддалечуваат од нас.

Заврши самитот на Берлинскиот процес каде лидерите на земјите од Западен Балкан потпишаа три регионални договори за мобилност.Колку реално очекувате ваквите договори да бидат од корист на домашната економија?

-После пандемијата, како држава забележавме колку ни е потребен регионалниот пазар за соработка, во ситуација кога пласманот на нашите производи во светските економии беше оневозможен. И токму интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ треба да почне преку интеграција во регионалните пазари. Следствено на оваа, бизнис секторот во државата веќе неколку години е во исчекувања на подобрување на регионалната соработка со цел економски раст и развој, особено со Отворен Балкан, кој се уште не испорача посакувани резултати. Можеби сега ситуацијата ќе биде поинаква бидејќи зборуваме за еден поинклузивен процес кој ќе се подржи директно од Европската унија.

Заедничкиот регионален пристап ќе и помогне на Северна Македонија да го забрза закрепнувањето од последиците на економската криза, да им овозможи на компаниите да бидат конкуренти на пазарот на ЕУ, во иста мера ќе помогне земјата да привлече повеќе странски инвестиции. Но секако, овој процес нема да биде толку лесен бидејќи зборуваме за макотрпна работа на усогласување на прописи и правила кои ќе ги овозможаат овие придобивки. Да не заборавиме дека имаме јавна администрација која не секогаш е способна да ги испорача меѓунарoдните обврски, но исто така и да води паралелен процес на скрининг и преговори за членство во ЕУ.

Дали македонското стопанство е подготвено дадените препораки и забелешки да ги прифати и спроведе? Дали бизнисот е подготвен за интегрирање во меѓународната заедница, во отворање на Балканот, во обединување на бизнисот?

Согласно последниот извештај на Европската унија, Северна Македонија е умерено подготвена во повеќето области, постојат големи празнини во делот на инфраструктура, мал број на инвестиции, иноваци како и ниво на транспарентност што директно влијаат на економскиот раст на земјата.

Бизнис заедницата упорно работи во делот на дигитализација, воведување на нови технологии, искуства и нови производи и во време на пандемијата покажа дека полесно може да се прилагоди на одредена ситуација. Токму затоа поддршката на државата треба да биде преку креирање на политики и мерки кои ќе ги поттикне уште повеќе овие „шампиони„, но исто така треба да им се обезбеди и инфраструктура за работа, почнувајќи од патна и железничка инфраструктура, унапредени царински услуги, напредок во поeдноставување на административните процедури и слично.

Исто така важен сегмент кој ќе може да се постигне со интегрирање во меѓународната заедница е на решителен начин да се решаваат предизвиците кои ги носи неформалната економија. Според проценките на Меѓународниот Монетарен Фонд,, неформалната економија претставува дури 38% од БДП и истата продолжува да претставува пречка за деловното работење на компаниите.

Колку е неопходна поддршката на Европската комисија во надминување на препреките на патот на економски развој?

-Сегментот во кој треба да рефлектираме, што се однесува на Европската Комисија и на земјите членки во истата кои се поразвиени, е законската рамка и институционалната односно административната пракса и систем со цел да имаме подобрена траса за економијата која што ќе придонесува кон зголемување на конкурентноста. Не можеме да си дозволиме повеќе економски загуби, и затоа не смее Владата да донесе одлуки без претходно да се консултира со бизнис заедницата.

Македонија е мал пазар, за да бидеме конкурентни, предвидливи, стабилни и регионално интегрирани мора да зачекориме рамо до рамо со европските економии. За да го постигнеме тоа, никако не смееме да ја испуштиме шансата која што ни е на дофат. Анализите покажуваат дека финансиската помош на некои од земјите по членството во ЕУ се зголемила за десет пати. Може да го посочиме примерот на Хрватска која кога веќе стана членка на ЕУ, финасиската помош изнесуваше 10,74 милијарди евра, а европските фондови се една од поголемите поволности за економијата.

Примената на новите технологии, модернизацијата и ревитализацијата на производството,  извозно ориентирани компании, професионална институционална инфраструктура која го опслужува бизнисот и граѓаните, квалитетен образовен систем кој продуцира кадри според потребите на пазарот на трудот, квалитетна патничка, железничка и енергетска инфраструктура, ќе овозможат пред се понапреден и квалитетен живот за сите граѓани на Северна Македонија.

Новиот сет антикризни мерки треба да обезбедат поефтина електрична енергија пред се за компаниите од прехрамбениот сектор. Дали вашите членки се задоволни од ваквата интервенција на Владата?

-Антикризните мерки страдаат од несоодветно планирање, спроведување и следење, како и од транспарентност и отчетност. Со забрзувањето на растот на цените на храната и енергијата на почетокот на 2022 година, Владата усвои нов сет на фискални мерки за да го ограничи негативното влијание врз економијата, иако фискалните мерки можеа да бидат подобро насочени, тоа СКСЗМ во неколку наврати веќе го потенцира од почетокот на кризата.

Иако последната одлука на Владата за производителите на прехранбени продукти да им се овозможи цена за електрична енергија од 80 евра за мегават беше наше барање и предлог, сметаме дека не е доволно имајќи предвид колку од тие производи ги произведуваме ние и колку увезуваме. Исто така, додавајќи го и процентот на тие производи кој го извезуваме, значи дека за намалување на цените ова не е крајното решение. На земјата и треба решение за цената на електричната енергија и наместо да имаме реактивен пристап, потребна е цврста соработка со релевантните актери како што се стопанските комори, да се работи во насока на идентификување на предизвиците и потенцијалните проблеми што може да се појават во меѓувреме, а не да се дадат изјави за медиуми за најтешката зима која не очекува. Сметаме дека предизвикување на паника и несоодветен пристап кон кризата не е потребен во овој момент, а тоа што е најнепотребно е да се занемарат барањата на бизнис заедницата.

К.В.С.

Слични содржини