Економист – Лондон
Халед Асаад го следеше присуството на сириската арапска култура и таа на многу народи кои ја населувале Палмира во текот на два милениуми – уникатен археолошки резерват за кој тој се грижеше речиси половина век. Еден месец пред Исламска држава да навлезе во оазниот град во мај, археологот на фејсбук ги опиша пролетните ритуали кои се изведуваа во градот на колонадите за време на грчко-римската епоха. Овие ритуали „совршено се совпаѓаат“ со предисламските арапски ритуали, напиша тој.
Не секој имаше таков широк поглед како 81-годишниот очилест експерт. Откако џихадистите влегоа во Палмира, го уапсија Асаад. На 18 август, тие го покажаа неговото обезглавено тело, а главата и очилата ги ставија под неговата нога – пред малиот музеј каде тој поминал голем дел од својото живот, пишувајќи научни трудови и работејќи со екипи експерти од Германија и Франција. На белешка оставена до неговото тело, неговите убијци ги наведоа причините – дека тој се грижел за „идолите“ од археолошкиот обејкт, дека учествувал на „богохулни“ конференции, го посетувал Иран и имал врски со генералите од сирискиот режим.
Асаад со години работеше за владината служба за древни споменици. Некои тврдат дека бил заколнат поддржувач на сирискиот претседател Башар Асад. Но изгледа има и друга не помалку веројатна причина за неговото убиство – одбивањето да открие да го покаже местото на скапоцени археолошки пронајдоци кои се сеуште закопани под земја во неотворени гробници, иако можеби бил подложен на страшни мачења.
Палмира цутела како пункт на караваните по прочуениот трговски Пат на свилата. Таму има остатоци од храмови за славење на божества уште пред ерата на христијанството, а подоцна и од исламот, како и горбници и руини од цитадела.
ИД уништи големи делови на Хатра и Нимруд – древни асирски градови во Ирак, но засега е неизвесно дали во Палмира уништиле само една статуа – лав кој ја претставува богињата Алат и кој се наоѓаше покрај влезот во музејот. На сличен начин, откако ИД влегоа во музејот во Мосул во февруари, џихадистите од ИД не се пофалија со уништувањето на највредните експонати.
Иако покрај својата омраза кон античките споменици – ИД смета дека статуите и руините претставуваат идолопоклонство – иконописите можеби не се нејзината главна цел во Палмира. Некои знаци укажуваат дека тие бараат скапи антички артефакти кои ги продаваат наместо да ги уништуваат пред камерите за поголемо внимание во јавноста. Продажбата на шверцери со археолошки артефакти, кои често ги пренесуваат тие вредности преку турската граница, веројатно ги полни празнините во касата на ИД кои беа создадени со воздушните удари на нафтените извори кои беа под нивна контрола. Обидите за пресекување на таа трговија се покажаа исто толку неефикасна колку и напорите за сопирање на убиствата и разурнувањата во Сирија, независно дали се направени од ИД или од режимот./ МИА
