Не сум љубител на драматични сценарија за историски грешки. Напротив, треба ова да ни биде поттик да ја донесеме Европа дома, за и ние да бидеме Европа. Вака пратеничката од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, Нола Исмајлоска-Старова во интервју за Локално го коментира недобивањето на датум за преговори со Европската Унија.
Како една од осумте пратеници од опозицијата кои гласаа за Уставните измени, а кои произлегоа од договорот од Преспа, вели дека не и е целосно јасна намерата на постапката колегите од нејзината матична партија да станат од пратеничките клупи за да се види кој опозиционер ќе гласа за промените. Вели, секој живее со своите одлуки, а таа верувала во својата одлука и затоа не се чувствувала сама.
Иако јавно не го соопштува планот кој го имаат со пратеничката група, Исмајлоска-Старова вели дека има уште многу да каже во политиката, без разлика на формата во која ќе продожи да дејствува, вали дека е уверена дека и претстои интересна и исполнета иднина.
Локално: Како пратеничката осумка од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе настапи на престојните избори?
Исмајлоска-Старова: Независната пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, беше формирана во еден специфичен период, кога се одвиваше процесот на уставните промени. Си бевме силна поддршка и изградивме принципи со кои настапувавме. Во моментов нашата енергија е насочена кон работните обврски. Го задржуваме конструктивниот пристап кој не прави посебно горди. Имавме амандмани на значајни решенија, прашања и обраќања. Во однос на престојните избори, единствено во што сум убедена е дека ќе настапиме на начинот кој ќе оцениме дека е најдобар за демократизација и подобрување на понудата, но во моемнтов е сѐ уште рано да бидам поконкретна.
Локално: Имате ли комуникација со матичната партија, со оглед на тоа што експресно бевте исклучени по гласањето позитивно за Преспанскиот договор во Собранието?
Исмајлоска-Старова: Без разлика на концептуалните разлики околу значењето на Преспанскиот договор, кој воедно е изделен како светло достигнување на државата од сите значајни меѓународни чинители, никој не може да го одземе личниот влог во партијата на секој од нас. Имаме комуникација на професионално ниво, и секако со оние луѓе со кои сме изградиле силни лични врски и приватно.
Локално: Би излегле ли во некаква коалиција со групата реформатори на ВМРО-ДПМНЕ, односно платформата „Македонски концепт“, која ја најави Петар Богојевски, а во која се споменуваат и имиња како Митко Јанчев и Никола Тодоров?
Исмајлоска-Старова: Исклучително ја почитувам храброста да се зборува гласно за своите ставови, да се споделуваат и критики и нови идеи. Тоа е корисно за развојот на демократијата. Сите опции се вредни за размислување, кога ќе им дојде време.
Локално: Колку власта и владејачкото мнозинство комуницитаат со конструктивната опозиција, како што неретко ја нарекуваат вашата пратеничка група?
Исмајлоска-Старова: За жал, и покрај нашата комуникација и допринос во рефромските процеси, сметам дека концептот на решавање на прашања важни за иднината на државата на преговарачка маса, не е напуштен. Македонија е парламентарна демократија и аргументите треба да се претстават преку собраниската говорница, а не, зад затворени врати. На ова прашање треба да се работи доколку сакаме да го исполниме во релност јакнењето на Собранието како институција.
Локално: Разговараше ли власта со вас за Законот за јавно обвинителство, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го кочи носењето на законот кој како што рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров бил нотиран од дел од земјите-членки на ЕУ?
Исмајлоска-Старова: Нашиот став, принципелно, е дека поширока поддршка значи додадена вредност во однос на легитмитетот на законот. Мојот став е дека дебатата за ова прашање треба да се одвива меѓу пратениците, а не во потесен круг на луѓе, па пратениците само да го потврдат договореното со својот глас. Во моментов не треба да се дозволат политички интервенции во закон кој е пред сѐ стручен закон и мноу важен во усмерувањето на патот кон ЕУ. Тоа не оди во согласност со владеењето на правото и правната држава. Ако заложбите за Европска персепктива ни се искрени, овие пракси треба да се напуштаат.
Локално: Би гласале ли за измена на изборниот модел, односно отворена листа и една изборна единица?
Исмајлоска-Старова: Ќе ја поддржам секоја иницијатива која значи поголема можност за додавање боја во црно-белата слика на македонската политичка реалност. Мислам дека една изборна единица е одличен почеток и дека имаме време тоа да го направиме.
Локално: Сметате ли дека би се загрозила имплементацијата на договорот од Преспа доколку дојде до промена на власта?
Исмајлоска-Старова: Импементацијата на договорот од Преспа, најмногу е загрозена од недобивањето датум за преговори бидејќи делови од истиот се врзани со отварањето поглавја во тој процес.
Во секоја друга ситуација, можам да се обложам дека реториката ќе биде променета нешто налик како во Грција, кадешто г. Мицотакис ја прифаќа реалноста. Доколку се навратиме на периодот кога се заокружуваше гласањето за овој договор, реакциите таму беа пожестоки од кај нас. Ако сакаме да биде искрени а не политкиканти, овој факт ќе го прифатиме. Ќе остане запишано дека додавањето географска одредница Северна на името Македонија беше изгласано без гласови против.
Локално: Република Северна Македонија станува членка на НАТО. Ја гледате ли како историска грешка одлуката на Франција да се блокира стартот за преговори со Северна Македонија, или пак сметате дека уште имаме работа дома за да почнеме преговори?
Исмајлоска-Старова: Членството во НАТО, како да не го добива потребното внимание, ни признание. Тоа, значи сигурни граници, безбедност и охрабрување на луѓе заинтересирани да вложат тука. За мене, најважно е да се посветиме на работата дома, на унапредување на она што значат европските вредности: владеење на правото, слобода, човекови права, демократија. Зарем нема да ни биде животот поубав ако овие точки ги поставиме како наша цел, повеќе отколку самиот датум за почеток на преговори? Сепак, проемните ги правиме прво за себе и сигурна сум дека ако ги спроведеме, пристапувањето во ЕУ ќе оди побрзо и поефикасно. Франција имаше можност да не охрабри во оваа намера, која за жал беше испуштена. Не сум љубител на драматични сценарија за историски грешки. Напротив, треба ова да ни биде поттик да ја донесеме Европа дома, за и ние да бидеме Европа.
Локално: Гледајќи наназад, какво беше чувството осуммината пратеници да останете сами во пратеничките клупи на опозицијата додека гласате за отварање на Уставот, кога вашите колеги пратеници станаа оркестрирано од своите места?
Исмајлоска-Старова: Не ми е целосно јасна намерата на таа постапка. Секој живее со своите одлуки. Верував во својата одлука и затоа не се чувствував сама. Знам дека на некои колеги им беше неприајтно и тоа го соопштија, некои сметаа дека тоа било херојски потег. Сите сме различни и веруваме во различни вреднсоти.
Локално: Размислувавте ли за вашата политичка кариера додека ја носевте одлуката за тоа дали ќе гласате за Уставните измени?
Исмајлоска-Старова: Размислував за иднината на моето семејство. Разговарав со најблсиките, дали нашето место ќе биде во Македонија ако ја испуштиме и оваа можност да го надминеме спорот со Грција кој се покажа дека не влече назад. Ако ова прашање беше решено пред скоро 30 години кога се отвори, веројатно влезот на ЕУ ќе го славевме во најмала рака заедно со Хрватска, ако не и порано.
Во тој момент не можев ни да замислам колку перспективи таа одлука ќе ми отвори лично, од признанија на луѓе кои ги познавам, случајни минувачи, па сѐ до средби и соработка со меѓународната заедница тука кај нас, но и познанства со значајни светски политичари.
Локално: Каде се гледате по завршувањето на пратеничкиот мандат, секако доколку повторно не бидете пратеник во Собранието?
Исмајлоска-Старова: Имам уште многу да кажам во политиката. Без разлика на формата, уверена сум дека ми претстои интересна и исполнета иднина.
Александар Тодески
Фото: Борче Поповски